ВО ПРЕСРЕТ НА 100 ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ ПИВАРА СКОПЈЕ ИНВЕСТИРА ВО НОВ ДЕЛОВЕН ПРОСТОР

Новите канцеларии се рефлексија на богатото наследство и традиција на Пивара Скопје, а се изградени и опремени по најсовремени стандарди и технолошки трендови. Посебно внимание е посветено на заштитата на безбедноста и здравјето на сите што ќе престојуваат во нив, имајќи ги предвид новите услови на работа предизвикани од Ковид-19 пандемијата.

„Вработените се клучни за успехот на Пивара Скопје и затоа нашата визија е да инвестираме во проекти кои ќе ја поттикнат креативноста, дружењето и заедништвото на нашите вработени. Веруваме дека ова е една од највредните инвестиции во натамошниот одржлив развој на компанијата“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Горан Сладиќ, кој најави отворање на новиот деловен простор и за потребите на заедницата.

Нешто на кое сме особено горди е што овие современи деловни простории ќе бидат отворени и за заедницата, особено за младите. Покрај веќе добро препознатливите програми како ‘Youth Empowered’ и ‘Coke Summership’, планираме да иницираме и нови проекти кои ќе бидат насочени кон натамошно зголемуваме на кративениот и иновациски потенцијал што постои во земјата“, потенцираше Сладиќ.

На првиот ден во новите канцеларии добредојде на вработените во Пивара Скопје им посакаа и амбасадорите на САД, Грција и Хрватска, заменик амбасадорот на Холандија, како и премиерот Зоран Заев.

„Oдлуката на Пивара Скопје за нови инвестиции е најдобар показател дека во земјата е направено многу за да се обезбеди поволна деловна клима која ги охрабрува инвеститорите и компаниите да вложуваат во својот развој, во креирање на уште подобри услови за своите вработени, во зголемување на нивната благосостојба и во креирање услови за нови вработувања за младите, за да можат тие да ја градат својата иднина овде во нивната татковина“, изјави претседателот на Владата, Зоран Заев, честитајќи ѝ на Пивара Скопје за сите досегашни и нови инвестиции. „Мојата порака до Пивара Скопје и до останатите компании е дека и понатаму можат да сметаат на поддршката и партнерството со Владата при реализацијата на нивните инвестициски планови и да не се двоумат до го вложат својот капитал тука во Северна Македонија“, истакна премиерот.

Посебен фокус во развојот на Пивара Скопје во следниот период ќе биде ставен и на одржливоста, преку вложувањата во заштита на природните ресурси и имплементација на ефективни програми за управување со отпадот.

Се очекува новите инвестиции да ѝ овозможат на Пивара Скопје да продолжи со својот одржлив развој, а преку тоа да придонесе за растот и развојот на домашната економија и на заедницата во целина.

СПОДЕЛИ: facebook twitter linkedin

Полна чаша на Instagram