




ЗА 25 ДИНАРИ СО ПАЈТОН ОД ЖЕЛЕЗНИЧКА ДО ПАРНА ПИВАРА

На фотографијата погоре се наоѓа прикажан скопскиот плоштад во 20-тите години од минатиот век. Може да се забележат веќе изградените домови на Настеви (1922г.) и куќата на Икономови (1920-22), но сѐ уште ја нема Ристиќева Палата (1926). Фотографијава би се датирала некаде помеѓу 1922 г. а најдоцна до 1925 г. кога всушност започнала да се гради Палатата на апотекарот Ристиќ која е завршена и пуштена во употреба (вселена) една година подоцна. Оригиналот на оваа фотографија се чува во архивата на ДАРСМ – одделение Скопје, а ја пронајдовме пред неколку години кога работевме еден голем проект со ХАЕМУС за старо Скопје помеѓу двете светски војни.
Како што може да се забележи и од многу други фотографии, во времето од средина на дваесеттите до средина на триесеттите години од 20 век основно средство за превоз во Скопје бил пајтонот. Едно уверение издадено од Судот на Општината на Градот Скопје ни посведочува дека цените за превоз со пајтон не само што биле регулирани, туку се знаеле дури и дестинациите. Почетна точка била Железничката станица, но не онаа којашто денес ја познаваме како „Стара железничка станица“, туку онаа која се наоѓала на местото од денешната „Мала Станица“. Оттаму тргнувале линии до Чаир, до Треска, Дебар Маало, Тасино Чешмиче и Св. Петка и тоа во голема мера ни ја доловува физичката конгломерација до каде точно се простирал градот Скопје во периодот по Првата светска војна.

Стара разгледница од Скопје каде во преден план се гледа хотел „Европа“ подоцна хотел „Русија“, а во позадина е првата железничка станица (денес позната како „Мала станица“) на која дворот и градината се уште не ѝ се изградени
Од железничката станица со пајтон имало и специјална линија до скопската пиварница. За едно лице превозот во еден правец чинел 25 тогашни динари, за 2 лица 30 динари, за три или четири лица 50 динари, а доколку задржувањето не било подолго од 10 минути, за враќање се доплаќало уште половина од истата такса. Ако задржувањето било подолго, а во нашиот случај со пиварницата најверојатно и било така, тогаш цената се пресметувала од час чекање.

Станица за пајтони на кејот Крал Александар, Скопје 30-ти години од 20 век, Архив на Музеј на град Скопје, инв. бр. 264
Овој архивски документ од Судот на Општината на Градот Скопје нема датум, но можеме да претпоставиме дека најверојатно станува збор за периодот по 1925, бидејќи Парната Пивара АД Скопје била основана во 1922 г., а во јуни 1924 г. за прв пат почнала да го произведува својот бренд „Скопско пиво“. Се наоѓала во индустриската зона „Ќерамидница“ надвор од градот и можеме само да претпоставиме дека била своевидна атракција за граѓаните штом општината на Скопје востановила посебна превозна линија дотаму.
Во периодот помеѓу двете светски војни во Скопје имало голем број на пајтони кои вршеле превоз на патници во градот и надвор од него. Постоело и Здружение на пајтонџии кое броело неколку стотини членови. Тие работеле во дневна и ноќна смена, а имале обврска и за задолжителна годишна регистрација и преглед, исто како и современите возила.
Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје АД.
Фото: Дигитална библиотека на Македонија при НУБ и архива на Музеј на град Скопје.
Архивски извор: ДАРМС