
СИЛАТА НА НЕЖНИТЕ ЖЕНИ


Жената за мене е синоним за космогониски принцип на создавање, плодност, раѓање, мајчинство, љубов, страст, убавина, грациозност, нежност, мудрост, интуиција, итрина, визија, сочувство, имагинација, љубопитност, но и непоколеблива сила и издржливост. На ум ми доаѓаат жени кои верувале во себе, во својата сила и моќ и потребата за прогрес и усовршување. Правејќи мали дела за самите нив, но огромни за човештвото, со многу љубов, посветеност, истрајност и пожртвуваност, тие оставиле неизбришлива трага во историјата, доказ за моќта на индивидуата. Независно од нивните години, бојата на кожата, класата, имотот, воспитувањето или во кое време или какви околности живееле и твореле, тие го промениле светот засекогаш.
Амазонките жени воини, Сапфо, Клеопатра, Коко Шанел, Кралиците Викторија, Елизабета I и II, Екатерина Велика, Марија Антоанета, Марија Кири, Принцеза Дијана, Мајка Тереза, Ана Франк, Флоренс Најтингејл, Џејн Остин, Мери Волстоункрафт, Вирџинија Вулф, Индира Ганди, Беназир Буто, Опра Винфри, Мелинда Гејтс, Кетрин и Одри Хепберн, Маргарет Тачер, Грејс Кели Принцезата од Монако, Жорж Санд, Исидора Данкан, Фрида Кало, Марија Калас, Симон Де Бовуар, Еленор Рузвелт, Џеки Кенеди Оназис, Били Џин Кинг, Д-р Елизабет Блеквел, Д-р Мае Џејмисон, Амелија Еархат, Валентина Терешкова, Изабел Перон, Малала Јусазаи, Ригоберта Менчу Тум, Ширин Ебади, Аунг Сан Суи Куи, Вангари Мута Матхаи, Елен Џонсон Ширлиф, Сузан Антони, Ева Перон, Били Холидеј, Мерилин Монро, Роса Паркс, Дороти Ходкин, Емили Дикинсон, Хелен Келер, Мари Стопс, Маргарет Хефилд, Елиза Леонида Замфиреску, Софија Јонеску, Хелена Рубинстајн, Грејс Муреј Хопер, Росалинда Френклин,…, Искра Донева… Низата се чини бескрајно долга, но е оправдана и издржана, не сакав да сум неправедна ако некого го прескокнам, оти има многу што да се каже за овие имиња, а просторот за оваа прилика е ограничен. Препорачувам, прочитајте повеќе за нив и дознајте зошто се посебни и маркантни секоја во својата област…
Заедничко за сите нив и за многу други познати или анонимни жени (како оние што гаселе пожар во Перл Харбор) е што имале сон за напредок, имале визија како да го остварат, имале висока свест и храброст да го насетат вистинскиот момент за да ја зграбат шансата и да ја испишат историјата. Да ги направат неопходните промени за прогрес, усовршување и модернизација. Измениле или спасиле илјадници, милиони животи, честопати и по цена за тоа да платиле со сопствениот живот (последица од пронајдокот, несреќа, убиство или самоубиство). Не потклекнувале пред личните животни предизвици со кои се соочувале. Ниту пред општествените предрасуди кои ги стигматизирале жените како „послаб пол“ и како последица на тоа често им ги одземале основните човекови права и слободи. Дури и најобичната жена домаќинка, која отсекогаш вообичаено на сопствениот грб превземала повеќе обврски и улоги во секојдневието, не можела да остане глува и нема пред овие неправди. Револуционерно го кренала гласот, не плашејќи се од ништо. Му покажала на светот дека под престилката на непризнаената жена се крие грациозен лебед, мудра мајка матрона, цврста владетелка, воинка, образована жена со силна мисла и перо, љубопитна истражувачка, научничка, срдечна и внимателна докторка, упорна спортистка, убава и талентирана актерка, секс симбол на векот, инжињерка, просперитетна бизнисменка, храбра жена пилот, астронаутка и што уште не…
Сето ова е доказ дека секоја жена има потенцијал да даде нешто од себе, да придонесе за подобро утре, да стане лидер и модел на однесување, особено ако ја има поддршката и разбирањето на најблиските или околината. Луѓето, генерално имаат андрогени својства и на маж и на жена, но предноста истите правилно да се искористат кога и каде треба е доблест. И жените и мажите се само човечки суштества кои треба да се надополнуваат и помагаат меѓу себе. Не треба да се натпреваруваме во тоа кој е посилен, подобар попаметен, од некој друг, туку да се стремиме да ги откриеме сопствениот идентитет и карактеристиките кои не диференцираат како оригинални и уникатни индивидуи. Да ги негуваме истите, да ги усовршуваме, да ги ставиме во функција за општо и поголемо добро. За секој нов ден да сме подобра верзија од себе си. На крајот, не е важно колку долго живееме, туку како, и дали ќе оставиме зад себе доволно јасна и значајна трага, за да не паметат идните генерации…
Силата на нежните жени е насекаде околу нас. Барајте ја, препознајте ја и инспирирајте се, за да ја откриете вашата големина, тестирајте ги и поместувајте ги сопствените граници. Инаку нема да дознаете дали можеби токму вашето име е следното во низата на жените, луѓето кои го промениле светот.
Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.