
ЗЛАТНАТА ЛИМЕНКА „СКОПСКО“ — РЕВОЛУЦИОНЕРНИОТ ДИЗАЈН КОЈ ГИ ОДБЕЛЕЖA 90-ТИТЕ
Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Експертите за маркетинг често знаат да кажат: „Дизајнот продава!“ Уникатната визуелна презентација на квалитетниот производ отсекогаш бил значаен дел од севкупната претстава која за него ќе ја добијат потрошувачите, а тоа особено важи за пивото. Формата и видот на пакувањето, заедно со пивската етикета претставува своевидна лична карта и асоцијација која е директно сврзана со вкусот на омиленото пиво и со текот на времето овој сегмент од производствениот процес станува дел од современата ликовна уметност. Кога ќе видите зелена лименка со црвена петокрака во фрижидерот на маалскиот маркет, не мора ни да го читате натписот — веднаш го препознавате пивото на компанијата „Хајнекен“, во чиешто семејство припаѓа и Пивара Скопје од 1998-та година.
А токму кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите лименките стануваат хит на овие простори и Пивара Скопје може да се пофали дека е пионер во популаризирањето на овој вид на пакување, кој веќе се смета за дел од популарната уметност на 20-ти и 21-ви век. Лименката остава повеќе простор и слобода за уметничко изразување од традиционалната стаклена амбалажа со етикета. Целиот радиус од 360 степени му е достапен на уметникот, отворајќи можност за најразлични можности за креативен дизајн, па така лименката претставува уште еден медиум за уметнички дела, кои следните генерации ќе ги вреднуваат исто како што ние денес ги вреднуваме фигуралните претстави на античките керамички садови. Единствениот проблем се состои во тоа што современата амбалажа, за разлика од древната керамика, се рециклира. Причина повеќе да ги цениме колекционерите, дури и на навидум толку тривијални нешта како што се етикетите и лименките за пиво.
Етикетите на „Скопско“ низ текот на децениите доживеале најразлични трансформации, но тој период на доцните осумдесетти и раните деведесетти ќе го одбележи препознатливата „златна етикета“ на познатиот македонски уметник, графичар и карикатурист Владимир Боројевиќ. Етикетата, која Боројевиќ ја дизајнирал во 1988-та година, претставува техничка мрежа во која се сместени три заоблени стрелки: розова, жолта, црна, како и името на производот на кирилица. Кај етикетата, искористени се доминантните бои, зелената која алудира на традиционалната боја на стаклото (шишето) и златната боја што го одразува квалитетот и зрелоста на житарките од кои се прави пивото. Откако во 90-тите компанијата ќе почне да ги пакува своите производи во лименки, златната етикета ќе се најде и на лименката, која ја добива препознатливата златна боја. Појавата на оваа лименка е значајна и поради еден друг куриозитет.
„Се сеќавам на златната лименка на Бороевиќ. Тоа беше мала револуција во графичкиот дизајн. Беше нешто тотално ново, златна беше и тоа мислам дека е првата металик етикета во Македонија која е правена на компјутер.“ Овие зборови на Небојша Гелевски, докажан македонски графички дизајнер од поновата генерација, е само уште една потврда за историската вредност на „златната лименка“.
Во 1992-та година компанијата ќе го редизајнира своето лого, па така тоа ќе се појави и на следните изданија на златната лименка. И во следните години, бојата на лименката и етикетата на скопското пиво останува препознатлива. Со графички редизајн кој е внимателно одбран и го карактеризира веќе изградениот имиџ на брендот, во едицијата од 2012-та година целосниот дизајн на етикетата и нејзините елементи се пренесени и врз дизајнот на лименките. Доминантни бои се златната, којашто го одразува квалитетот и зрелоста на житарките од кои се прави пивото, и зелената која ја евоцира традиционалната боја на стаклото (шишето). На средината врз илустрација на зелена лента со ракописен фонт на кирилично писмо е испишано името на производот. Под неа се наоѓаат претставени седумте златни медали за квалитет на „Monde Selection” коишто „Скопско“ ги има добиено низ текот на годините како заслужено признание за својот врвен квалитет. Во годините кои следуваат, лименката „Скопско“ ќе се појави во најразлични изданија, следејќи ја појавата и на најразличните ароми на препознатливото пиво, но „златната лименка“ останува како амблем на 90-тите, лименката што направи револуција во дизајнот.
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје