



ПИВСКИ ФЕСТИВАЛИ ВО РЕГИОНОТ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ПОСЕТИТЕ




Балканот отсекогаш бил спој на различни култури, различни кујни и различни луѓе. Она што е заедничко за постоењето на ова тло е љубовта кон музиката и пивото. Ако некој знае како да ужива во ова златножолто течно богатство, тоа е живиот Балкан и фестивалите на пивото кои се случуваат на негов терен.
ПИВОФЕСТ – Прилеп, Македонија
Најголемиот пивски фестивал во Македонија, со традиција подолга од една декада, е ПивоФест. Организатор на овој најголем празник на пивото е градот Прилеп. Полн погодок за оние кои сакаат да уживаат во староградска и балканска музика, да го „оправаат светот“ додека дискутираат на некоја од големите дрвени маси и, едноставно, да го искусат живиот дух на Прилеп токму во средината на летото, некаде по 15 јули. На овој фестивал доаѓаат и цели семејства. Таков е овој фестивал, за сите генерации и вкусови. Забавата тече со ист интензитет и преку ден како и навечер, па оние што се поиздржливи одат уште рано да фатат место. Предуслов: одете гладни затоа што пивото таму одлично се комбинира со скарата која се прави на самото место, а и најголемата грешка која може да ја направите е да пиете пиво на празен стомак.
Бидејќи настанот се случува во центарот на градот, атмосферата се дополнува во сите кафулиња во близина каде што може да си дадете оддишка и со мерак да испиете едно пиво на шанк. Плус, Октоберфест не е единствениот фестивал на пивото што може да се пофали со интересна костимографија – таа традиција тече и во нашиот Прилеп и уште толку придонесува за автентично доживување на пивото.
СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТ – Струмица, Македонија
Во средината на август Струмица веќе четири години по ред е центарот на Македонија. Организатор на овој нај брзорастечки фестивал на пивото во Македонија е градот Струмица. Богатата понуда на различни видови пиво одлично се вклопува со познатата струмичка гостопримливост и, секако, со забавата за која многумина во овој град велат дека е една од најдобрите кај нас. Бидејќи знаеме дека е лесно човек да се занесе на вакви весели и масовни настани, наш совет е да не дотурате пиво во полупразна чаша. Така ќе знаете точно колку сте испиле и ќе си ја запазите мерката.
Фестивалот е релативно млад, ама веќе се етаблираше како одлично место за супер журка, првенствено за младата популација која ужива во различните стилови на музика – од познати диџеи, домашни ѕвезди, до култни балкански изведувачи. За време на фестивалот во Струмица сите се на улица, па зошто и вие да не бидете таму.
ПИВОЛЕНД – Скопје, Македонија
Пиволенд во Скопје почна во 2008 година на локација која бргу ќе стане култно собиралиште на љубителите на пиво и на добрата музика – скопското Кале. Низ годините локацијата беше менувана, па приказната се пресели на паркингот кај спортската сала „Борис Трајковски“, за повторно да се врати меѓу ѕидините на најпознатата скопска тврдина. Секоја година во почетокот на септември посетителите имаат сè поголем избор на пива од целиот свет, но и можност да уживаат во вкусот на домашните брендови по уште попристапни цени, да дегустираат вкусни специјалитети во добро друштво или да ѝ се препуштат музиката. Атмосферата на тврдината нуди уникатно искуство за љубителите на енергични журки, но и за оние што, едноставно, сакаат на помирен начин да уживаат во своето пиво – затоа има и различни сцени за сечиј вкус, но и делови за „кулирање“ каде што секогаш паѓа добра дружба.
Овој фестивал заслужува дополнителен аплауз и поради шансата што им ја дава на новопечените бендови со сцена посебно наменета за нивна презентација. Одете и вратете се со такси, прво заради тоа што одите таму за да пиете пиво, а второ за да се избегне создавањето хаос во сообраќајот.
BEER FEST – Белград, Србија
Ова е најголемиот фестивал на пивото во Југоисточна Европа, а има и зошто – влезот е бесплатен, музичката програма е беспрекорна, а понудата на различни пива е многу богата. Се случува на крајот на август и е одличен начин на испраќање на летото. Не заборавајте, тогаш температурите се уште високи, и ако сте многу жедни, гасете се и со вода, а не само со пиво. Така ќе уживате во атмосферата многу подолго. Како таков, белградскиот фестивал на пивото стана една од најважните туристички атракции во Србија, и успешно привлекува по дури 500 илјади посетители годишно од неговото основање во 2003 година.
BEER FEST – Сараево, Босна и Херцеговина
Пивската сага ја селиме во уште една земја со долга традиција на уживање во пивото, а тоа е Босна и Херцеговина. Со почеток во 2012 година во Сараево, овој тридневен пивски фестивал, кој се одржува од 29 до 31 мај, стана еден од најпознатите настани во оваа земја, а го посетуваат и стари и млади. Понудата на пива расте од година на година, и сега се нудат дури 48 видови различни пива. Плус, може да играте забавни игри со натпреварувачки дух, чисто за да имате уште една причина да наздравите. Ако и малку претерате со здравици, заборавете го клучот од колата (одберете еден член на друштвото кој нема да пие од самиот почеток).
BEER AND FLOWER FESTIVAL – Лашко, Словенија
Фестивал како ниеден друг. Најшарената и најразновидната атмосфера ќе ја најдете токму во малото гратче Лашко во жарот на летото (16-19 јули), а оние кои не се од регионот можат слободно да кампуваат таму и да го направат искуството на дегустирање пиво и журкање на некој од петте стејџови уште поуникатно. Во својата 47-годишна традиција овој фестивал го полни Лашко (гратче со само 5 илјади жители) со уште 120 илјади посетители годишно. Совршено место за да уживате во добро пиво и да ја впиете словенечката култура со секоја пора од душата. Со умереност, нормално.
ДЕНОВИ НА ПИВОТО – Карловац, Хрватска
Најпознатиот пивски настан во Хрватска е фестивалот на пивото во Карловац, кој годишно го посетуваат над 100 илјади љубители на пивото. Како и многу други фестивали, и Карловац се случува на крајот на август и трае 10 дена, кои во пријатната атмосфера покрај реката Корана нема ни да забележите дека поминале. Треба да понесете само добро расположение и желба да се забавувате во мало гратче посветено на журка, автентична храна и квалитетно пиво.
BEER FEST – Корча, Албанија
И нашите западни соседи уживаат во пивото, а доказ за тоа е пивскиот фестивал кој се случува во Корча, обично околу 12 август. Низ крвотокот на овој град пивото почнува да тече во 2007 година и успешно се одржува секоја година со сè повеќе посетители, а има освоено и награди за туризам. Елемент без кој ниеден фестивал не е целосен е музиката, а 5-дневниот фестивал на пивото во Корча нуди одличен избор на музички артисти што ја надополнуваат целата атмосфера, која вибрира во звукот на рок-музиката.
Секој од овие празници на пиво има нешто по што се разликува од другите. Секаде ќе најдете нешто што посебно ќе ве привлече и ќе ве натера повторно да се вратите. И за секој од нив важи правилото: „Консумирајте одговорно!“
Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.