Ние и заедницата

ПРАГА – ПОЛНА КРИГЛА ПРИКАЗНИ

Ние и заедницата

Сте биле некогаш во Прага? Кој и да е вашиот одговор, сигурно знаете дека е позната по една од најдобрите драмски и филмски академии во светот, многу врсти на пиво, автентични градби и богата култура.  Ова што сега го читате е приказна за една европска стара дама што пие пиво со пена од ладна кригла. Затоа наточете си и вие една чаша пиво, соберете ги вашите драги личности и придружете ни се во оваа пивска авантура.

Легендата за името на европската стара дама – Прага се врзува за Либуше, прекрасна жена (и умствено и физички), војводка за која се верувало дека има пророчки моќи. Таа и нејзиниот сопруг-  принцот Премисл, владееле со народот од ридот Вишеград. Еден ден, Либуше застанала на ридот гледајќи во идниот голем град, и рекла: „Гледам град чија слава ќе ги допре ѕвездите“. За таа цел изградиле замок на местото каде еден човек правел праг за својата куќа. На прагот на Прага! –  со многу жар ни раскажуваше една жена пражанка, додека заедно пиевме кригла пиво, во еден затскриен и задимен паб во ценарот на големиот град кој го предвидела Либуше.

И оттаму, секој муабет си го поврзуваме со Либуше, како чиниш таа да е заслужна за сѐ што се случува во Прага. Секое место, секоја голтка пиво носи нова приказна за минатото на Прага. Прага е полна кригла приказни. Невозможно е за седум дена да ги вкусите сите видови на пиво, како што не е возможно да ги апсорбирате сите приказни на Прага.

За таа цел во Прага има музеи буквално за сѐ. Еве, обидете се со нешто што ви паѓа на крај на памет… Да, сигурно и за тоа има музеј. Од музеи за уметници (секако, мислам на Кафка, музеј, неговата куќа, плоштад и кафуле по него крстени), преку музеј на чувства, восочни фигури па, сѐ до музеи на авијација и техничкиот музеј и што уште не. Можете било кој од овие музеи да пропуштите но, не и пивскиот музеј.  Во центарот на Прага на подзаскриената улицата Кременец се наоѓа најстарата и најпознатата пиварница „U Fleků“. Првиот запишан сопственик во 1499 се презивал Кременец и оттаму и името на улицата. Подоцна, во 1762 пиварницата почнала да напредува во сопствеништво на Флекови и тогаш го добиваа своето фамозно име „U Fleků“. По толку многу години постоење, денеска „U Fleků“ брои само четворица вработени во призводство кои го чуваат автентичниот вкус со тоа што рачно го изработуваат. Единствено во нивниот паб- музеј можете да го најдете познатото темно пиво и да си купите оригинални шишиња од нивната пиварница.

Трети Јануари. -12 степени. Снег до колена, магла спуштена врз прашките улици. Ја отвораме портата на пиварницата, жолта светлина од огревот на дрва. Одма е потполо. Влегувањето во „U Fleků“ е како да влегувате во друго време. Средновековни цртежи на ѕидовите, гломазни лустери, долги маси со капацитет од 1200 луѓе. Седнувате некаде помеѓу луѓето каде ќе начекате место и ве понесува колективното чусвство на среќа. Сите се смеат, не возможно е да останете имуни. Се смеете и наздравувате со секого, како  да сте стари пријатели. Наздравувајќи со сите на масата учите како да наздравите на што е можно повеќе јазици.

Чешки: „Na zdravi“

Германски: „Prost“ или „Zum wohl“

Романски: „Noroc“

Италијански: „Salute“

Корејски: „Gun bae“

Нови генерации кои седат на места стари стотици години, каде наместо прашини се наталожиле приказни на разни генерации. Ова место е наречено пивски музеј затоа што од основањето до ден денес се произведува пиво и никогаш не ја сменило својата намена. Но, и за други пабови ќе си мислите дека сте во пивски музеј, затоа што често во подрумите има дрвени буриња со свежо пиво има многу различни видови кои на друго место не можете да ги сретнете.

Она што мене најмногу ме фасцинираше е врската Прага – Скопје. Скопска Пивара е основана од двајца Чеси, по Чешки рецепт кој до ден денес не е променет. Трансфер на суровини и култура, Прага via Скопје. Убаво е да знаеш дека најдобрата работа во еден град, кој е особено горд на неа, е заедничка со твојот град.

Неколку совети за да ја направите посетата во Прага по свое:

  1. Журки. Забави до рани утрински часови има само за викенди. Најголемиот дел од клубовите не работат по еден часот по полноќ. Затоа темпирајте го доаѓањето за да можете и да се забавувате. Предлог: „M1 Lounge Bar & Club“ мало место со многу забава.
  2. Духот на Прага: Тогаш е најдобро да направите листа на сите места што сакате да ги посетите. Нека биде малку подолга, затоа што секогаш има можност нешто да се изјалови. Нам прва на листа ни беше старата библиотека Климентинум но, баш од тој ден почнале да ја реставрираат.
  3. Не е страшно ако го пропуштите трамвајот. Трамвај, метро, воз, автобус, постојано има, на секои две минути и дневни и ноќни линии. Дури и ако се трудите, не можете да задоцните. Има дневни и тридневни карти кои важат во целиот јавен превоз. И внимавајте, нема потреба во секој нареден превозник да ја чукнувате во периодот до кога е важечка, еднаш е доволно. Уште една идеја: возете се со најстариот трамвај во Прага од 1920 кој сѐ уште ја вози рутата низ центарот на Прага.
  4. Секогаш одбирајте ги по затскриените кафулиња и барови. Таму е вистинскиот дух на Прага. Мои предлози: „Rybka Café – Café and bookshop“ –многу релаксирано и „vintage“ место. „Dobra Cajovna“ – автентична чајџилница, различна од нашите турски чајџилници во стара чаршија, со мени за чаеви големо колку „Војна и мир“ на Толстој.
  5. Не заборавајте да јадете: трдалник, хермалин, колбаси, крем супа, чешки кнедли.
  6. Пробувајте што е можно повеќе видови на пива, но секогаш умерено, нема поента ако не знаете што сте пробале.
  7. Бонус место близу Прага. Ако сакате да направите куса а продуктивна екскурзија тогаш мојот предлог е Карлштајн. Тоа е замокот на Карло IV сместен на врвот на еден рид. Инзвонредна природа околу стрмна асвалтирана нагорнина. Секако и Карлови Вари е место кое вреди да се посети, но Карлштајн е поблизу, а сепак е исполнета и корисна екскурзија. Ден кој што вреди да го жртвувате надвор од Прага.

Уште една работа, следете го ова упатство многу внимтелно: пред да си одите купете си кригли за пиво (за вас и пријателите), наточете си пиво, застанете под астролошкиот часовник точно кога треба да се појават фигурите на апостолите (секогаш кога се означува полн час) подигнете ги криглите и наздравете за сите убави мигови!

Не се плашете за пренeсувањето на криглите, Wizz Air не прави проблем за кригли, а не оди да се вратите во Скопје без кригла за најблиските. А кога ќе се вратите дома сепак ќе имате нешто од Прага во вашиот фрижидер. Скопско! Па, нели направено е по Чешки рецепт.

На здравје за нови полни кригли приказни!

Полна чаша на Instagram