Ние и заедницата

НИЗ КОЧАНИ И НЕГОВАТА ОКОЛИНА

Ние и заедницата

Ќе се родиш на едно место, мирно и тивко, чисто и топло, место каде сите меѓусебно се познаваат и со насмевка се поздравуваат, место каде дури и штрковите секогаш се враќаат за да ги направат своите гнезда на крововите на старите кочански куќи. Таму ќе ги стекнеш првите другари и ќе ги поминеш најубавите години од животот и одеднаш животот ќе ти понуди нешто сосема поинакво. Голем град, густ сообраќај, секој некаде брза, а работата и обврските не оставаат многу време за одмор. Тогаш ќе се замислиш и ќе се запрашаш себе си каде да продолжиш. Од една страна топлиот дом, а од друга страна можноста да се образуваш и да ја градиш својата кариера.

Јас сум од Кочани, но студиите ме донесоа во Скопје. Го сакам Скопје, но Кочани ми е во срцето и овој текст го посветувам на мојот роден град.

Ако уживате во шетањето во природа, во спортските натпревари, ловењето риба топло ви препорачувам да го посетите Кочани и да направите прошетка, пеш до вештачкото езеро Гратче. Таму природата направила чудесен спој од шаренолика флора и фауна, зелено пространство, а човекот, искористувајќи ги делата на природата ја направил вештачката брана во чија близина ќе најдете голем број места каде можете да седнете и да уживате.

Кога последен пат бев дома во Кочани, беше четврток, пазарен ден. Е кога е пазарен ден, тогаш е најинтересно. Многу луѓе доаѓаат од околните места, градовите и селата, разменуваат производи и стоки, а патем и свои животни искуства. Градскиот пазар се наоѓа во близина на плоштадот во Кочани. Од тука, по течението на прекрасната Кочанска река, со малку вода барем до првиот извор, патот ве води до местото наречено Бавчелук. На патот, ќе видите мали и големи куќи, некои одамна напуштени, но пред оние во кои луѓето се уште живеат, ќе ги видите бабите и дедовците кои се вратиле од пазар и ги довеле своите пријатели да “починат” и да разменат два-три реда муабет. Ќе видите и многу велосипедисти, спортисти и пешаци.

Така за не повеќе од половина час ќе стигнете до Бавчелук: игралиште за фудбал, кошарка, одбојка на песок, ресторан, парк за деца, извор со чиста вода, место наменето за сите генерации.

Ако продолжите по патот ќе забележите викендички, земјоделци кои напорно го собираат родот од земјата, ќе слушнете силен звук од тракторите, комбајните и добитокот. Од таму нагоре, нешто сосема поинакво, прекрасна природа. Патоказот за лево ве води кон местото кое се нарекува Гоцева шума. Ова место е одлично за топлите летни денови,  да се одморите под дебелите сенки и да се напиете од студената изворска вода.

Свежата клима ве тера да продолжиме понатаму. Поминувате покрај рибникот и за неполни десетина минути стигувате до Гратче. Пред вас се отвора прекрасна глетка кон езерото. А таму, рибари со трски, млади авантуристи со педалинки, родители и деца, пензионири. Сите со една цел, да уживаат во преубавата природа.

Ви останува уште еден километар до водопадите. Кога ќе стигнете таму како да сте стигнале на место обземено со волшебната магија на природата, местото каде за миг забораваш на сѐ и се препушташ на моќта на прекрасните водопади. Сликата ве остава без здив.

А кога сме кај храната, стотици години Кочани е познат како градот на оризот така што и главните специјалитети се поврзани со таа култура – тава ориз со пилешко, сутлијаш, пилав, a неизбежен специјалитет што морате да  го пробате и е карактеристичен за кочанскиот крај е Кочанска лапа, кој се прави од уфак и толчено афионско семе. Кога се јаде “лапа” – нема џвакање, само се голта. Оттука дошло и името на ова јадење (😊)) Доколку според вашата диета оризот сакате да го прескокнете оваа недела моја препорака е Чешиновска тава и ледено Скопско кај Мики во “Мак Млин” во Чешиново.

Велат, никаде не е поубаво од дома и јас го имам тоа чувство и  затоа често го посетувам моето родно Кочани. После долго време поминато во главниот град и секојдневните обрски на факултет, Кочани ми ја враќа енергијата, мирот и спокојот.

Полна чаша на Instagram