
МУЗИЧКИ ЛЕТНИ ФЕСТИВАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА КОИ МОРАТЕ ДА ГИ ПОСЕТИТЕ

Покрај екстремно високите температури, македонските лета станаа препознатливи и по организацијата на екстремно добри музички фестивали. Настани за сечиј вкус, за сите генерации, настани кои секоја година стануваат сè попосетени од македонските, но и странските посетители.
Летниот период е период на опуштени и долги ноќи, многу забава и моменти за создавање спомени. Без разлика на возраста, во секоја доба, има некои нешта кои остануваат константи за креирање спомени кои траат – добра забава, добро друштво, добра музика и добро пиво.
За сите оние што знаат да уживаат во добрата музика и најдоброто од Македонија – Скопско, ви ги претставуваме топ 4 настаните кои е задолжително да ги посетите ова лето!
Пивофест
Пивофест е пивскиот фестивалот со најдолга традиција во Македонија. Со текот на годините, Пивофест прерасна во бренд, претпознатлив и како празник на пивото. Градот Прилеп и прилепчани, во периодот од 13-16 јули се домаќини на еден од најмасовните фестивали во Македонија, а покрај внимателно одбраната музичка програма, посетителите ќе уживаат и во богата понуда на храна и мезе како совршена подлога за пиво со пријателите.
Кон комплетниот впечаток на автентичниот дух на овој фестивал придонесуваат и уникатните костими, како што и му доликува на еден пивски фестивал кој може да ги предизвика и светски пивски фестивали по посетеноста, содржината и позитивните емоции.
Д-Фестивал
Во периодот од 14 – 16 јули, Дојран ќе биде центарот на забавата во Македонија. Малиот град со голема гостопримливост и оваа година ќе биде домаќин на одлична забава, каде посетителите ќе можат да уживаат во одлична музика и бројни забавни содржини во текот на 3 дневната програма на самиот брег на Дојранското Езеро.
Д-Фестивал по својот уникатен концепт се наоѓа рамо до рамо со светските музички фестивали, за што дополнително говорат и двете номинации за најдобар фестивал во Европа.
7-ма година по ред, Д-Фестивал со своите шатори ќе го исполни Дојранското крајбрежје и ќе биде 72-часовен центар на забавни содржини во текот на денот и ноќи преполни со забава и дружење Оваа година, богатата музичка програма на Фестивалот, предвидува повеќе од 40 изведувачи од македонската и светската сцена, поделени на 4 бини, и тоа Главна бина, Mosquito бина, Lake away бина и Church бина.
Локациите до секоја од дестинациите ќе бидат соодветно обележани, вклучително и најблиските места каде ќе можете да си наточите од вашето омилно пиво кое ќе оди совршено со летните темератури преку ден и музичкиот занес преку ноќта J
Green Beach фестивал Охрид
Крајот на месец јули ќе го одбележи и досега најмоќното издание на Green Beach Фестивал, кој оваа година по 8-ми пат ќе ја исполни Охридската ривиера со квалитетна електронска музика, предводена од великаните на електронската музичка SVEN VÄTH и RICHIE HAWTIN. Фестивалот ќе се одржува на плажата Парк во Охрид, и е првенствено наменет за помладата популација, а се разбира ќе ги привлече и љубителите на електронскиот звук и од соседството.
И кога станува збор за Охрид и летните журки, секогаш зборуваме за забава до раните утрински часови, па оттука советуваме на внимателност на патиштата и одговорна консумација на алкохолни пијалоци. Секако, добра забава подразбира и пиво на шанк со пријателите, но секако консумирајте одговорно.
Струмица опен Фестивал
Струмица е препознатлива по одличните настани и хепенинзи од културно-уметничка, едукативна и забавна природа. Таков ќе биде и почетокот на овој август кога во 10 дена, со 20 различни настани, на 5 отворени сцени, градот Струмица, под мотото „Направено со љубов“, уште еднаш ќе ја потврди својата способност да организира еден од најзборуваните настани во државата – Струмица Опен Фестивал.
За забавниот дел од програмата ќе бидат задолжени бројни македонски изведувачи и ДЈ-и, но секако и изведувачи од светската сцена и регионот, чиишто песни со сигурност ќе допрат до присутните.
Доколку имате можност, најтопло препорачуваме да ја посетите Струмица во рамките на фестивалските денови и да потврдите дека струмичани вистински знаат да направат одлична забава за која ќе се зборува.
Ќе завршиме и со она што почнавме. Летото е период од годината кога се опуштаме и ги полниме батериите за сите следни предизвици кои нè очекуваат.
Искористете го секој слободен момент и излезете од секојдневието и обврските, опуштете се и забавувајте се со луѓе кои ви значат, на места кои ви значат и со нешта кои ви значат.
И не заборавајте, секогаш консумирајте одговорно. Доколку пиете, одредете возач кој не пиел или земете такси!