
ПИВАРА СКОПЈЕ, ОДЛИЧНА КОМПАНИЈА ЗА ЖЕНИТЕ


Сите се сеќаваме на времето кога прашањето за диверзитетот на работното место беше прашање кое сите го одбегнуваа, плашејќи се дека одговорот на ова прашање ќе ја отвори Пандорината кутија од која ќе произлезат иницијативи и стратегии кои ќе го нарушат поредокот кој владееше во деловниот свет. Не велам дека сега тие денови се зад нас, затоа што во многу места во светот прашањата поврзани со еднаквоста и диверзитетот сеуште се сметаат за непознат, тежок и нерешлив модел на работа.
Но, Пивара Скопје не е во тој список. Всушност, Пивара Скопје може гордо да се исправи пред другите, и тоа со добра причина.
Како жена која работи во Пивара Скопје, како Бизнис партнер за човечки ресурси, добив задача со сопствени зборови да ги прикажам моите видувања и искуството во врска со тоа зошто Пивара Скопје е добра компанија за жените. Врз основа на моето досегашно искуство овде, дозволете ми да ви дадам неколку причини:
Учење и развој. За млада перспективна жена како мене, која има желба да изгради кариера, Пивара Скопје е одлична компанија за работа. Тука се нудат голем број можности, почнувајќи од постојаните обуки специјално наменети за секое работно место, па сè до специфичните програми за личен развој засновани врз поединечните потреби на секој вработен. Намерно реков вработен, а не жена, затоа што, едноставно, кога се работи за учење, развој и други можности за кои пишувам тука, во политиките на компанијата не постои концепт на потреби посебно диференцирани меѓу машките и женските вработени. Планот за учење и развој е утврден од страна на менаџментот за да се идентификуваат потребите на секој вработен со цел тој да ја исполни својата улога и да му се отворат можности за понатамошен напредок. Притоа, не велам дека на секоја жена во мојата компанија ѝ е отворен патот кон исполнување на нејзините кариерни цели, но секако тврдам дека секоја од нив има отворен пат кон тоа да се избори за јасна и непречена можност за исполнување на своите професионални цели. Истото важи и за управувањето со таленти и развојот на вработените. Изборот на таленти во Пивара Скопје се заснова единствено на вештините и потенцијалот на вработените. А што друго би можеле да посакаме? Еднакви можности, би рекла. А еднаквоста и концептот на диверзитет се залагаат токму за еднакви можности.
Мотивација. Воопшто не е лесно да се мотивирате доколку работите во компанија каде што вашите напори не се признати и не сте наградени за нив. Притоа, особено треба да се земат предвид луѓето од таканаречената „генерација Y“ чии што потреби за секојдневна мотивација и признанија се големи и влијаат врз нивните работни перформанси. Во Пивара Скопје значаен акцент се става на доделувањето признанија и наградувањето на вработените. Индивидуалните развојни планови, одржувањето рамнотежа меѓу работата и приватниот живот и одличните работни услови се важни прашања за кои се грижи Пивара Скопје во однос на различните категории вработени и постојано работи на препознавањето и исполнувањето на нивните потреби со цел да добиеме посветени и задоволни вработени. Јас уживам работејќи во Пивара Скопје затоа што не се чувствувам како број, туку како дел од деловното семејство. Пивара Скопје не е компанија ориентирана кон задачи, туку компанија ориентирана кон цели! Тука постои јасен позитивен поттик за развивање чувство за достигнувања, тој мал импулс кој сите го очекуваме, а тоа е да бидеме вреднувани. Тука постои јасен позитивен поттик за негување на талентот и наградување за вложените напори.
Стратегии и процедури за избор на кандидати за слободни работни места. Пред воопшто да размислувам да се вработам во Пивара Скопје, работев на слично работно место во друга успешна компанија во Македонија. Она што беше примамливо за мене и што во голема мера ми ја олесни одлуката не беше големината или, пак, славата на компанијата, туку кристално јасниот став на луѓето кои работат тука во однос на местото на жената во модерниот свет. Одлуката за тоа дали даден кандидат ќе се ангажира од страна на Пивара Скопје, едноставно, е заснована на неговото ниво на знаење, искуството доколку е потребно, како неговите способности, ставови и заложби. И тоа е сè. Повторно на ум ми доаѓа изразот „еднакви можности“.
Овластување на вработените во извршување на работни задачи. Доколку ја имате таа среќа да работите во компанија како Пивара Скопје, работата не ја чувствувате само како работа. Јас мојата работа ја доживувам како место кое ми нуди голем број можности, препреки кои треба да ги надминам, одлуки кои треба да ги донесам – од кои има и такви што воопшто не се лесни, место каде што работните задачи ви се дадени, а не наложени, место каде што идеите наидуваат на охрабрување, а не на задушување. Е, таква е мојата работа.
Што да кажам на крај… Луѓето се приклучуваат и ги напуштаат компаниите? Не! Луѓето се приклучуваат и ги напуштаат луѓето. Според мене, Пивара Скопје е компанија водена од искусен и релативно млад менаџерски тим кој има јасни цели и стратегија во однос на пазарниот успех и целокупното залагање за заедницата, но, пред сè, тим кој е длабоко вклучен во развојот на чувството на еднаквост меѓу сите вработени во сите аспекти на нашата компанија.
Јас сум жена, работам во одлична компанија и се чувствувам вреднувана!