


МЛАДИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ДРЖАТ ДО СОНОТ ЗА КОЈ МЕЧТААТ
Интервју со Сара Ристовска, ракометар во националниот тим



Сара Ристовска има само 19 години, но веќе може да се пофали дека е дел од првиот тим на женската ракометна репрезентација на Македонија, а доби и признание „дебитант“ на колото со учество во Лигата на шампионите.
И додека нејзините врсници го живеат животот опуштено и без некои поголеми обврски, освен студентските, Сара живее живот на професионален спортист, со по два тренинга дневно и откажување од многу задоволства. Но вели дека не ѝ пречи тоа. Свесна е за одговорноста која ја носи нејзината професија и чест ѝ е што конечно игра за клубот за кој сонувала.
А нам ни е чест што оваа ракометна ѕвезда во подем одвои време за интервјуто, кое можеби ќе биде инспирација за уште некое ново спортско име.
Неодамна му се приклучи на ЖРК „Вардар“, со што тој стана третиот клуб во твојата кариера. Релативно брз успех или не е баш така?
„Вардар“ отсекогаш бил клубот во кој сакав да заиграм. Пресреќна сум што само на 19 години станав дел од овој тим. Веќе имам и настапи за Лигата на шампиони и бев прогласена за дебитант на колото против Хипо. Ова е голем чекор и предизвик во мојата кариера и сигурна сум дека го направив вистинскиот избор. Пред сè, затоа што сум дома, а потоа и затоа што играм за македонски клуб.
За еден млад човек како тебе, професионалното занимавање со спорт бара голема жртва. Има ли моменти кога посакуваш, сепак, да го живееш опуштениот живот на твоите врсници?
Нормално дека сакам да живеам поопуштен приватен живот, но ретко можам да најдам време за тоа. Сакам да се опуштам по тренинг и да седнам на кафе каде што малку ќе ги оттргнам мислите од ракометот. Ретко се случува да имам слободно време, но штом ќе најдам, го користам за себе.
Како изгледа еден твој активен ден?
Мојот активен ден, повторно ќе кажам, е само ракометен. Имам два тренинга на ден, наутро и навечер. Помеѓу тренинзите практикувам што повеќе да одморам, но знам и да излезам да прошетам. Но со оглед на тоа што имам утрински тренинзи, навечер не останувам до доцна.
Колку Сара внимава на балансот помеѓу внесените калории и физичката активност?
Внимавам на исхраната и физичката активност. Скоро половина од денот ми поминува на тренинг, а внимавам и на балансираната исхрана. Но, секако, има и исклучоци. Знам да отворам чоколада и да ја изедам цела, а после да вежбам малку повеќе да ги потрошам калориите (се смее).
Што би им порачала на оние млади луѓе кои посакуваат да тргнат по твојот пат?
Би им препорачала да се држат до сонот за кој мечтаат, постојано да вложуваат во себе и сето тоа ќе им се врати со резултати. Секој ден се учи по нешто ново, па така и јас учам. Фантазијата е најдобрата работа.
Кои се твоите секојдневни рутини за одржување во форма?
Кога веќе си се определил на професионален план, нормално е да имаш рутини без оглед на тоа со каква работа се занимаваш. Јас лично станувам рано, се хранам балансирано, спијам доволно и правам сè што е потребно за да можам да ја одржувам формата. Но кога немам тренинзи, малку сум поопуштена.