ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА СТАНИЦА ЗА БИО ТРЕТМАН НА ВОДИ
Новата постројка е единствена од ваков вид во земјава и регионот. Во изградбата на Станицата, како и во технологијата за нејзино функционирање вложени се речиси 3 милиони евра сопствени средства на компанијата. Станицата придонесува кон унапредување на екосистемот, но истовремено овозможува и ефективна заштеда на вода и енергија.
Стартот на работата на иновативната Станица за био третман на вода на симболичен начин го означија генералниот директор на Пивара Скопје АД, Константинос Спанудис, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во присуство на членови од медиумите, бизнисот и пошироката општествена заедница.
„Исклучително сум задоволен и горд што како компанија одлучивме, во вакво време полно со економски предизвици, со сопствени средства, да го реализираме овој проект. Со оваа инвестиција со дела ја демонстрираме нашата општетствено одговорна определба, континуирано инвестирање во сопствениот развој, еднакво водејќи сметка и за долгорочниот и одржлив развој на пошироката заедница на која и припаѓаме“, истакна, во своето пригодно обраќање, генералниот директор на Пивара Скопје АД Константинос Спанудис.
Уникатноста на Станицата за био третман на води е начинот на нејзиното функционирање, како и во крајните ефекти од нејзината работа. Во неа ќе се врши третман на водата од производствениот процес на исклучиво биолошки начин, што е високо технолошка иновација која за првпат се употребува во домашната индустрија. Исклучително значајно е и тоа што оваа најсовремена технологија овозможува водата од производствениот процес да се прочисти до степен да може повторно да се користи како техничка вода, а гасовите кои ќе се ослободуваат за време на третманот да бидат искористени за производство на енергија.
Честитајќи им на вработените на Пивара Скопје АД за успешната реализација на оваа инвестиција Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски изјави: „Со реализацијата на овој иновативен проект, Пивара Скопје АД уште еднаш служи за пример за тоа како е да се биде општетствено одговорна компанија која покрај тоа што се грижи и вложува во својот развој, истовремено инвестира во општото добро, целосно водејќи сметка за интересите на пошироката заедница“.
„Токму водата и енергијата се прашања кои сè повеќе се наметнуваат како глобални теми од животно значење. Следејќи ги тие светски трендови јасно е дека и земјите поединечно треба да бидат особено заинтересирани за заштита и рационално користење на овие ресурси. Со овој проект, Пивара Скопје АД практично покажува како размислувајќи глобално делува локално“, потенцираше заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.
Целокупниот проект беше реализиран во рекордно време – за неполни 6 месеци, при што особено значајна беше соработката на компанијата со надлежните институции, пред сè општината „Гази баба“ и Министерството за животна средина и просторно планирање.