


ЖЕНИ ВО БИЗНИСОТ: БИЛЈАНА СМИЛЈКОВСКА, СЕНИОР-МЕНАЏЕР ВО СИНЏИРОТ НА СНАБДУВАЊЕ НА COCA-COLA HBC
Интервју со Билјана Смилјковска, Сениор-менаџер во синџирот на снабдување на Coca-Cola HBC



Во модерното општество, жените располагаат со еднаков избор во однос на професијата и животот како и мажите. Голем дел од нив ја искористија таа можност и се докажаа како успешни лидери на секое ниво.
Билјана Смилјковска е несомнено една од нив. Својата кариера ја започнала како микробиолог во Пивара Скопје пред 25 години, а денес гордо ги исполнува обврските кои ѝ ги носи позицијата на сениор-лидер во синџирот на снабдување на Coca-Cola HBC. Билјана е одговорна за производството во Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Македонија и Романија.
„Полна Чаша“ го имаше задоволството да ѝ биде домаќин на Билјана во Пивара Скопје и да го направи ова интервју.
Имате исклучително кариерно искуство кое потекнува од Пивара Скопје. Можете ли да ни кажете што значи за Вас искуството во областа на менаџирање со синџир на снабдување во рамките на производството на безалкохолни пијалаци кое го стекнавте во Пивара Скопје, од денешна перспектива?
Сметам дека имав голема привилегија што имав можност да работам на неколку позиции во рамките на синџирот на снабдување. На тој начин имав можност бизнисот да го разгледам од различни гледни точки, имајќи го предвид фактот дека мојата кариера ја започнав како микробиолог и напредував до позицијата менаџер за производство на безалкохолни пијалаци во Пивара Скопјe.
Кога потоа ја прифатив позицијата на менаџер за синџир на снабдување во Србија и Црна Гора, моја голема предност беше солидната основа врз која ги градев моите лидерски вештини. Покрај тоа, претходното искуство ми овозможи да стекнам самодоверба и кредибилитет како сениор-лидер, затоа што се стекнав со голем број вештини и искуство во рамките на синџирот на снабдување за да го претставувам мојот тим и да градам добри деловни односи со колегите од овој бизнис.
Какви се Вашите досегашни искуства од Србија, како член на една меѓународна компанија таму, во споредба со бизнисот тука, во Македонија?
Најголемата разлика е во тоа што српскиот пазар е поголем и посложен. Се состои од 3 територии со голем број инвентарни единици. Имаме производство на три различни категории безалкохолни пијалаци, сокови и вода, меѓутоа истовремено продаваме повеќе производи: покрај оние кои беа споменати претходно, се продаваат енергетски пијалаци, пиво, алкохол итн. Покрај тоа, снабдуваме други земји со пијалаци, во рамките на Coca-Cola HBC.
Тоа секако беше голем предизвик за мене, меѓутоа со голема поддршка на мојот тим во Србија, брзо успеав да ги разберам потребите на пазарот и навиките на потрошувачите и сега веќе можам да се фокусирам на суштински прашања и, заедно со мојот тим, да постигнувам резултати.
Што е потребно за да се стане успешен сениор-лидер во меѓународна компанија како Coca-Cola HBC?
Од моја перспектива, најважните карактеристики се храброст, посветеност и флексибилност.
Храброста е суштинска за оние кои сакаат да напредуваат до највисоки менаџерски позиции. Лидерите треба да бидат храбри и да демонстрираат самодоверба, со цел донесување сериозни и тешки одлуки во услови на сложена деловна средина.
Лидерите треба да се водат од премисата дека кога се постигнуваат добри резултати, тие се постигнување на целиот тим, меѓутоа, кога работите ќе тргнат на лошо и резултатите се под очекуваното, тогаш лидерот ја презема одговорноста.
Лидерите треба да се целосно посветени на својата работа и мисија и треба секогаш да постои конзистенција помеѓу она што го кажуваат и она што го прават.
На крајот, флексибилноста е неизбежна „состојка“ за успешен лидер. Единствената константа е промената. Според тоа, мораме брзо да се приспособуваме на промените и секогаш да бидеме подготвени за новите барања кои ги наметнува пазарот со цел да бидеме успешни.
Кои се Вашите три најголеми постигнувања во текот на Вашата работа во Coca-Cola HBC со кои се гордеете?
Има навистина голем број проекти и тимски резултати со кои многу се гордеам, меѓутоа би го истакнала нашиот најнов проект: создавање центар за квалитет за производство на сокови. Го префрливме производствениот погон од Суботица и отворивме нов центар за производство на сокови во рамките на фабриката во Белград. Успеавме да го завршиме проектот навреме и без никакви прекини и проблеми. Успехот, секако, најмногу се должи на моите колеги од повеќе-функционалниот тим кои покажаа огромна заложба, посветеност и храброст за успешно завршување на проектот. Многу сум горда со нив и со лидерските капацитети кои ги демонстрираа. Исто така, многу учам од моите колеги и токму тоа ме инспирира секојдневно да бидам подобра и да сум горда што сум дел од семејството на Coca-Cola HBC.
Ајде да зборуваме малку за родовата перспектива во бизнисот денес. Според Вас, која е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина и, од друга страна, што можат мажите да направат за да придонесат?
Во споредба со времето кога ја започнав мојата кариера, ситуацијата со родовата еднаквост е многу подобра денес. Во тоа време имаше само неколку жени кои работеа во синџирот на снабдување кои никако не беа на менаџерски позиции. Она што ме мотивираше да напредувам во мојата кариера е големата страст за работата во рамките на синџирот на снабдување и желбата да се докажам во таа област. Никогаш не се гледав себеси како жена во машки бизнис, туку како професионалец во областа на синџирот на снабдување кој соработува со своите колеги и останатите професионалци со цел постигнување на целите на компанијата.
Воопшто, жените се бореле во текот на годините за своите позиции во бизнисот.
На пример, кога влегов во српскиот тим на сениор-лидери, од седум члена на тимот, бевме пет жени. Во последните неколку месеци сите бевме унапредени на нови позиции.
Тоа е огромен успех и многу сум горда со Coca-Cola HBC затоа што е компанија која ги препознава жените како добри лидери и им дава можност да го искористат својот целосен потенцијал. Од лично искуство, со сите колеги градам односи на меѓусебно почитување и многу добра соработка.
Како вработена мајка, можете ли да ни дадете неколку совети како да се постигне успешна рамнотежа меѓу семејството и работата, особено имајќи го предвид фактот дека работите во Белград и често патувате деловно, а од семеен аспект, дел од семејството Ви се наоѓа во Белград, а друг дел во Скопје?
Сопругот ми даде огромна поддршка кога одлучив да се преселам во Белград. Без него, не би можела да ја одржам рамнотежата. Во моментот помалиот син е во средно училиште тука, во Белград, додека постариот син е втора година на студии во Скопје. Сопругот често патува на релација Белград-Скопје и им е голема поддршка на двајцата.
Не е секогаш лесно да се воспостави рамнотежа помеѓу приватниот живот и работата, но, секогаш се потсетувам дека животот не секогаш е лесен, меѓутоа вреди да се трудиш.
Во текот на неделата поминувам многу време на работа, меѓутоа викендите се секогаш резервирани за семејството и се обидуваме да поминеме што повеќе време заедно.