
НА ТОЧАК КАКО ДАНСКА ПРИНЦЕЗА
И утрово данската принцеза ќе си стане, ќе ги спреми децата и на точак (и да врне и да вее) ќе ги однесе во школо/ градинка.
Да, се чувствувам како данска принцеза барем до моментот додека да излезам од дома. Потоа се соочувам со утринскиот сообраќаен хаос ама сигурна сум дека велосипедот ми е сепак најдобриот пријател.
И така јас и тој се пробиваме по десниот раб на коловозот, оти нели не секаде има велосипедска патека ама некако стигнувам до Партизанска, а таму ете рај за велосипедистите. Барем додека некој, застанат на десна лента со 4 трепкачи не ти отвори врата од автомобил за да тркне до трафиката по цигари, без да погледне или додека не налеташ на зазборувани тетки кои на пат кон пазарчето Буњаковец ете баш тука на патеката решиле да си поправат муабет.
И некако стигнувам до градинката на син ми, го симнувам од седиштето и му ја мислам: Детето мора да го однесам внатре, да го предадам на воспитувачките ама и велосипедот не може внатре, а нема кај да го оставам. Ментална забелешка – на следниот родителски совет да дадам предлог паркиралиште за велосипеди пред градинката.
Ништо, го потпирам на оградата и брзински влегувам и излегувам за да не ми го собере некој.
Утрово некако сум во zen mode па помалку од вообичаено ме нервираат високите тротоари и уличните светилки на сред патека. Ми доаѓа донекаде како слалом заобиколувањето на залутани пешаци кои ете не очекувале дека токму тука ќе поминува велосипедската патека и автомобили чии возачи токму на патеката виделе непостоечки знак за дозволено паркирање.
И си стигнувам на плоштад, а таму не како принцеза, таму како кралица си го паркирам велосипедот на моето Coca Cola паркиралиште. Има причини зошто си се смешкам задоволно додека го пиеме со колешките утринското кафе: јас стигнав пред сите, си истерав кардио, не сум изнервирана поради километарската колона на семафорите, и не ми мрчеше шефот затоа што не доцнев 15 минути на работа барајќи слободно паркинг место за автомобилот. И не само денеска, мене секој ден ми е ден за „Со велосипед на работа“
На точак е priceless нели?!
Извор: www.coca-cola.mk