Концепти и платформи

COCA-COLA CUP 2015

Концепти и платформи

Замислете како за момент ги отворате очите и гледате насекаде околу себе контролиран хаос. Целиот стадион обоен од црвено-бели дресови на голем број млади момчиња и девојчиња кои во еден глас ги пеат стиховите на моќната балада “We are the champions” славејќи го успехот на својот тим. Насмевки, детска среќа, фер игра и многу забава. Сите во исчекување да се добие медал на градите. Претпоставувате дека сме на стадионот на Маракана во Рио де Жанеиро? Блиску, но овојпат не погодивте. Ова е стадионот „Работнички“ во Градскиот парк во Скопје, кој е домаќин на најголемата спортска манифестација за деца од 12 до 16 години организирана во Македонија – големото фудбалско финале на Coca-Cola Cup-от 2015. Главни ѕвезди се момчињата и девојчињата од целата земја, полни со енергија и ентузијазам и многу публика – нивни верни поддржувачи на секој фудбалски натпревар.

Дозволете ми сега да Ве вратам малку во времето.

Coca-Cola Cup се организира на сите страни во светот. Нашата Coca-Cola Cup приказна започнува уште во 2012 година, кога првпат е организиран како заеднички проект меѓу Пивара Скопје, The Coca-Cola Company и организацијата „Отворени забавни фудбалски школи“, во соработка со основните и средните училишта, како и со општините низ Македонија. За првпат тогаш учествуваа 700 млади, 70 училишта и 7 општини. Од тој момент почнува да се испишува историјата на македонскиот Coca-Cola Cup. Фудбалските топки се тркалаат низ целата земја. Приказната од година на година станува поголема и позабавна. Веќе наредната 2013 година имаме 1.000 млади учесници, 90 училишта и 9 општини. Телефонот постојано ѕвони и гласот на нашите соработници во организацијата од другата страна на слушалката вели: „Низ кој град или село да поминеме, насекаде децата трчаат по нашето Coca-Cola Cup комбе и бараат и нивното училиште да учествува во натпреварите.“ Пак јавување: „Како да вклучиме дополнителни 3 општини и да обезбедиме уште дузина црвено-бели Coca-Cola дресови за следната недела?“. Во 2015 година ги надминавме нашите поставени цели: на финалето му претходеа повеќе од 200 натпревари одиграни во период од два месеца со рекорден број од 2.000 млади, при што беа вклучени 150 училишта од 21 општина низ целата земја.

Што претставува, всушност, Coca-Cola Cup-от?

Основната цел на проектот е создавање здрави животни навики кај најмладите преку практикување физички и спортски активности. Ние веруваме дека одржувањето соодветна рамнотежа помеѓу внесената и потрошената енергија е клучен фактор за здрав и исполнет живот. Спортот и редовната физичка активност се важен дел од правилниот развој на децата. Денес голем број млади се пред компјутер, телевизор, мобилен, сè помалку време поминуваат надвор дружејќи се со своите пријатели. Не се доволно физички активни и немаат начин како да ја потрошат енергијата. Со овој проект наша цел е да креираме свесност за умерен, балансиран начин на живеење преку промоција на принципот „внесот на калории да е еднаков на потрошените калории“ и инспирирање на младите од 12 до 16 години за физичка активност со цел активно трошење на внесените калории. Редовното спортување и физичката активност се одличен начин за одржување соодветен баланс на енергија што води кон поздрави, посреќни и полни со енергија млади луѓе. Coca-Cola Cup-от ја пренесува и пораката за фер плеј, спортски дух, повеќе дружење со другарите и семејството и, секако, за забава.

Coca-Cola Cup-от ги обединува децата, нивните семејства, училиштата, општините, невладиниот сектор и бизнис заедницата во заедничка платформа чија цел е создавање здрави животни навики. Ние сакаме преку овој проект да ја пренесеме пораката дека само со макотрпна работа, посветеност и соработка со останатите членови на тимот, како и со заемно почитување можеме да се надеваме на успех во животот во целина, на теренот, во спортските сали, но исто така и во нашите семејства, во компаниите, во заедницата на која ѝ припаѓаме. Покрај промоцијата на спортот и физичката активност, проектот обезбедува одлична основа за развој на љубовта кон спортот, желбата за стекнување нови пријателства и негувањето семејни вредности. Младите го сакаат Coca-Cola Cup-от бидејќи е одлична комбинација на спорт, забава и дружење. Црвено-белите спортски униформи, фудбалот, смеата, забавата и дружењето преовладуваат создавајќи атмосфера на вистински спортски хепенинг.

И ако ме прашате кој е добитник на годинешниот Coca-Cola Cup, ќе Ви кажам дека златото за основните училишта отиде во Охрид, додека златните медали за средните училишта грижливо ќе се чуваат во училишните витрини во Кавадарци. Сепак, на крајот на денот сите се победници доколку научат што значи да се биде активен, како да се држи рамнотежата помеѓу внесената и потрошената енергија и како да се гради вистински натпреварувачки дух и фер игра. Ние сакаме да им посочиме на младите дека колку повеќе се обидуваат да инвестираат енергија во нештата, толку е поголема веројатноста да се биде најдобар.

Ако ми дозволите да скокнеме повторно во времето и на временската машина да ги внесеме координатите кон иднината, онаа иднина за која ние како Пивара Скопје се залагаме да дојде врз основа на квалитетен и одржлив развој… Моето место е веќе на теренот. Не заборавајте секоја година во април и мај, Coca-Cola Cup низ Македонија. Топките нека се тркалаат!

Полна чаша на Instagram