ГИ ЗНАЕТЕ ЛИ ХЕРОИТЕ МЕЃУ НАС?

Ема Ананиевска е 24-годишна девојка, дипломирана пијанистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Смета дека секој направен чекор претставува победа и потребна е голема мотивација на патот до успехот. Физичките бариери и претставуваат најголем проблем со кој се соочува и денес, но со големата поддршка на родителите го работи она во што длабоко верува. Следен чекор кон кој се стреми покрај усовршување во музиката е запишување на постдипломски студии.

  1. Од што се моравте да се откажете ти и твоите најблиски за да стигнете до овој успех?

Мислам дека секој човек прави некоја жртва за да може да ги постигне своите цели. Во мојот случај можеби требало повеќе пожртвуваност, но кога од мали нозе ќе ви ги покажат опциите и вистинскиот пат, тоа не претставува жртва туку личен мотив.

  1. Колку енергија и пожртвуваност вложуваш за да бидеш дел од тимот кој победува?

Секако дека вложувам многу труд за да ја постигнам саканата цел како професионален пијанист, а тоа е да бидам секој ден се подобра во она што го работам. За мене секој направен чекор напред претставува победа.

  1. Дали наиде на морални и физички бариери за твое интегрирање и социјализација?

Секако дека имало луѓе кои не се согласувале со мојата интеграција, но мислам дека секој човек има околу него луѓе кои го поддржуваат и луѓе кои не го поддржуваат, без оглед дали има попреченост. Што се однесува до физичките бариери, тие ми претставуваат најголем проблем и ден денес. Било каде да сакам да одам ми е потребна придружба. Немаме соодветни тактилни патеки, звучни семафори, звучна сигнализаија во автобуси, до скоро не знаевме што се персонални и образовни асистенти, со други зборови немаме елементарни услови за нормален независен живот. За моето социјализирање имаме претрпено многи тешки моменти и баш поради тоа јас сум станала посилна личност.

 

  1. Дали условите во образовниот систем од најрана возраст ги задоволија твоите потреби како млад човек за рамноправен развој во однос на твоите врсници?

Условите во образованието, додека јас учев и студирав, беа несоодветни за мојата состојба. Немав никаква брајова литература или аудио книги. Моето семејство мораше да плаќа дополнителни часови затоа што немаше обезбедено дефектолози, лекциите морав да ги учам со помош од родителите- така што тие ми читаа на диктафон, а потоа јас учев, без никаква поддршка од државните институции. И покрај сите споменати потешкотии, јас успевав рамноправно со моите врсници да ги совладувам наставните содржини.

  1. Постојат ли доволно семинари, тренинзи, курсеви, и работилници кои ти помогнаа во остварување на твоите цели?

Сум посетувала многу семинари, курсеви и работилници, но се до сега сум постигнала исклучиво со огромна поддршка од моето семејство и никој друг.

  1. Постојат ли услови и области за кариера каде во целост можеш да ги реализираш своите интелектуални капацитети?

Јас сум на возраст на која допрва ќе ги истражувам условите за градење на кариера.

  1. На кој момент си посебно горда?

Посебно сум горда на моето дипломирање. Се прашувате зошто? Па бидејќи и покрај немањето соодветни услови во текот на студирањето, успеав рамноправно со моите врсници да го завршам факултетот.

  1. Која беше твоја мотивација да истраеш и успееш?

Желбата да си докажам сама на себе дека недостатокот на вид не може да ме попречи во остварување на моите цели.

  1. Кои се твоите цели и планови за во иднина?

Следен чекор кој ми е од големо значење е запишување на постдипломски студии.

  1. Можеме ли да очекуваме твое идно големо достигнување на кое посебно ќе бидеме горди како земја и ќе биде инспирација за генарации млади луѓе?

Ви благодарам за убавите зборови. Јас како и до сега, така и понатаму ќе го работам само она во што длабоко верувам. Тоа е дека сите имаме исти права, мора да имаме еднакви можности, да имаме соодветни адаптирани услови, пристапност, право на избор и образование. А каква инспирација сум јас за идните генерации да оставиме да покаже времето.

За крај би сакала да додадам дека луѓето со попреченост не постојат само на 3-ти декември. Тука се околу вас и останатите 364 денови во годината.

Полна чаша на Instagram