Ние и заедницата

НА СЕКОЈА УМЕТНОСТ И Е ПОТРЕБНА ИНВЕСТИЦИЈА, ПРИЗНАНИЕ И ИНСПИРАЦИЈА, НО НАЈВАЖНО ОД СÈ Е ПОТРЕБЕН УМЕТНИК – ИНТЕРВЈУ СО ЈАНА ЈАНЕВСКА ТЕРЗИОСКА

Ние и заедницата
  1. Кој е предизвикот за да се основа Фондацијата „Славко Јаневски“?

По затворањето на Утрински весник група новинари Звездан Георгиевски, Катерина Богоева, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Љупчо Поповски и Бранко Тричковски меѓусебно се договориле да формираат Фондација која ќе ја продолжи воспоставената традиција за доделување на награда Роман на годината, која дотогаш беше дел од Утрински весник. Именувањето на Фондацијата Славко Јаневски беше нивна одлука. Звездан Георгиевски ме побара за согласност. Мене ми е навистина чест што Фондацијата го носи името на мојот татко и што позади неа стојат големи новинарски имиња.

 

  1. Кои се суштинските цели и проекти кои ги опфаќа Фондацијата?

Иако главната идеја за формирање на Фондацијата беше продолжување на наградата Роман на годината за оваа година планирани се уште неколку големи проекти:

  • Изложба на слики од Славко Јаневски и минијатури од Томе Серафимовски. Изложбата ќе биде на почетокот на октомври во Музејот на Град Скопје:
  • Издавање на Алманах за целокупното ликовно творештво од Славко Јаневски;
  • Издавање на годишно списание за култура „Дебата“;
  • Реиздавање на првиот роман објавен на македонски јазик „Село зад седумте јасени“ во едно издание со неговата подоцнешна преработка во „Стебла“

Сите овие проекти бараат голем труд и посветеност за што сум посебно благодарна на Звездан Георгиевски и Катерина Богоева како и на целиот тим од Фондацијата.

 

  1. Зошто денес е важен разновидниот културен живот, кој впрочем Вашата Фондација го поддржува?

Зошто не би ја подржале разновидноста? Колку пошарено толку подобро.

 

  1. Колку во Македонија постои свест за важноста на културата во една заедница?

Свест за нашата култура е свест за нашиот јазик, вредности, верувања и сите други елементи на една национална култура. За жал во Македонија тешко ги пласираме нашите вредности на светскиот пазар пред се поради тоа што нашата култура е понижена од нас самите. Создаваме култ према туѓи култури или култ кон вештачка култура која води до регресија врз свеста за нашата вистинска култура. Се појасна станува потребата за меѓусебно разбирање и подршка не само да се зачува свеста за нашата култура туку и самата култура.

 

  1. Сметате ли дека книжевноста кај нас е маргинализирана во однос на визуелните уметности? Како можеме заеднички да го вратиме вниманието на книжевноста коe го заслужува?

Во секоја уметност е потребна инвестиција.

Во секоја уметност е потребно признание.

На секоја уметност и е потребна инспирација.

Но најважно од се,

За секоја уметност е потребен уметник.

Уметникот може да го донесе своето дело до слава, но и до пропаст.

За да одговорам дали ликовната уметност има поголема шанса за слава во однос на книжевната уметност, треба исто така да одговорам на едно речиси неодговорливо прашање.

,,Дали маргинализацијата на уметноста е резултат на неуспех на авторот или неразбирање кај читателот?”

Не би можела да кажам дека ликовната уметност е поекспонирана од страна на нашата држава.

Како архитект кој познава колкави се бенифитите за ликовните уметници, можам да заклучам дека тие не добиваат никаков посебен третман од нашето општество во споредба со книжевните уметници.

 

  1. Споделете со нас како дојде до идејата за доделување на наградата „Роман на годината“ и за нејзиниот развој до денес? Која е вашата визија за оваа престижна награда во иднина?

Наградата претсавува продолжување на веќе воспоставената традиција од Утрински весник. Ова е прва година наградата да се доделува од Фондацијата Славко Јаневски. И покрај големите пофалби кои ги добивме свесни сме дека можеби треба и да промениме нешто.

 

  1. Славко Јаневски, пред сѐ познат како романсиер, поет, помалку познат како сликар и есеист, па и како сценарист, дури и на научно-фантастичен хорор. Одговорноста и задоволството се огромни и за добитниците, но и за вас како организатори. Како се справувате со притисокот на оваа престижна награда, секогаш да отиде во вистинските раце?

За изборот на наградата одлучува петчлено жири. Претседател на жирито секогаш е добитникот од минатата година. Дали има притисок врз членовите од жирито можеби треба тие самите да кажат.

 

  1. Каков е пулсот околу оваа награда кај помладата публика, со оглед на тоа што последните добитници се млади атрактивни писатели?

Би сакала  овој настан да ги глорифицира делата на младите автори кои пишуваат на македонски јазик. Пoддршката, како што спомнав и во предходните одговори е клучна за развивањето на културата.

Вториот клуч лежи во мотивацијата.

Творењето на македонски јазик може да се загрози со брзата преселба на нашите млади автори, кои не веруваат дека има надоместок или признание за нивните дела.

Верувам дека наградата ќе допринесе во зголемување на квантитетот и квалитетот на современи книжевни дела.

 

  1. Што значи да се биде ќерка на Славко Jаневски, дали е тоа предност или одговорност која создава товар?

Мислам дека за сите нас родителите се пред се родители без оглед на нивната професија или важност во општеството. Како семејство заедно ги живеевме сите убави, но и негативни моменти. Овде пред се мислам кога името на мојот татко беше искористено во дневно политички цели, што нормално имаше негативни последици по мене и по моето семејство.

Полна чаша на Instagram