ШТО Е ПОСТАРО, ПАСТРМАЈЛИЈАТА ИЛИ ДЕБАТАТА ЗА НЕЈЗИНОТО ПОТЕКЛО?

Пастрмајлија. Превкусен македонски традиционален специјалитет. Се јаде топла и, по некое правило (кое не го почитуваат баш сите, само во месеците кои во своето име ја содржат буквата „р“). Направена е од специјален вид тесто и месо. Онаа традиционалната има овална форма, а нејзиното име потекнува од зборот пастрма, што значи солено и сушено овчко или јагнешко месо.

Доколку за нејзиното потекло се консултирате со Википедија, ќе прочитате само – Македонија.

Но од кој град поточно? Е ова веќе е прашање околу кое се кршат копјата на неколку македонски градови. Одговорот ќе зависи од тоа кого прашувате. Штипјани ќе речат штипската, за велешани не постои друга освен велешката пита, а во Радовиш се горди со нивниот оригинален самун. Всушност, ова е едно од оние прашања за кои ни јас немам точен одговор.

Обидот да го најдете вистинскиот рецепт за тестото е подеднакво комплициран како и дебатата за потеклото. Начинот за неговото правење е тајна која сите искусни готвачи ја кријат, но едно знаеме сите, пастрмајлијата е највкусна кога е печена во фурна и кога се комбинира со пиво и добро друштво.

ШТИПСКА ПАСТРМАЈЛИЈА

Штипската пастрмајлија е меѓу најпознатите (со должната почит кон другите пастрмајлии). Самиот град нуди единствен спој на стара култура и брз живот, а пастрмајлијата им е заедничка точка. Се прави буквално секаде, и во старите локални кафеанчиња, но и во новите пицерии, а во екот на сезоната од фурна се вадат и по 5.000 парчиња дневно!

Откако убаво ќе го прошетате градот под Исарот, ваше е само да го изберете местото каде што ќе се нагостите со пастрмајлија направена по добро чуван рецепт. Штипјани се особено строги кога станува збор за нивниот рецепт, па она што единствено го знаеме е дека тестото се меси како она за леб, но многу помеко, потоа од него се прави пита со елипсовидна форма и врз неа се става претходно подготвено чисто свинско месо (на барање и пилешко), зачинето со сол, црн пипер и црвен пипер што му дава посебен шмек. И, да, се пече на маст.

Како што прилега за јадење со кое се гордее цел град, од 2006 година штипската пастрмајлија има и свој фестивал, соодветно наречен „Пастрмајлијада“. Оттогаш, кон крајот на септември или почетокот на октомври, градот се полни со гости од цела Македонија (па и однадвор), а локалните мајстори со гордост пробуваат, а богами и успеваат да го воодушеват сетилото за вкус на илјадници луѓе, натпреварувајќи се во правење на најдобрата пастрмајлија. А знаат и да се здружат за да направат џиновска пастрмајлија. Резултат? Изедени околу 100.000 пастрмајлии, илјадници задоволни гости, многу звучни музички имиња, одлично тридневно дружење и искуство што ќе се прераскажува уште долго. Оваа манифестација за многу кратко време стана толку популарна и посетена, што почнаа да се бараат нови, поголеми локации на кои ќе можат да се соберат сите љубители на овој вкусен специјалитет. Локациите се менуваа (од градскиот плоштад до неколку локации низ улицата „Ванчо Прке“), но квалитетот на пастрмајлијата и атмосферата секогаш го задржуваат нивото.

И што би бил еден ваков успешен и посетен македонски фестивал без штандот на Пивара Скопје. Ладно СКОПСКО и топла штипска пастрмајлија – два уникатни македонски бренда, два уникатни традиционални вкуса кои одлично се надополнуваат. Знаеме дека и двата вкуса се неодоливи, но умереноста е основен предуслов за непречено и долго уживање. Затоа внимавајте и на својата мерка за пиво, но и на внесените калории.

Штип е толку сериозен во врска со овој специјалитет, што и официјално доби сертификат со кој се озаконува брендирањето на „штипската пастрмајлија“. Тоа значи дека рецептот и стандардизацијата се заштитени во Државниот завод за индустриска сопственост, а „штипска пастрмајлија“ можат да продаваат само угостители со сертификат. Останатите продаваат само пастрмајлија. Затоа обрнете внимание на овој податок во менито кога нарачувате 🙂

ВЕЛЕШКА ПИТА

Од истокот се селиме во срцето на Македонија, во Велес, каде што можете да пробате малку поинаква пастрмајлија, односно, како што би рекле самите велешани, пита пастрмајлија. Нивни адут во „борбата“ за автентичноста на овој познат гурмански специјалитет е фактот дека, за разлика од Штип, овде користат пастрма – овчо или козјо ситно сечкано солено и сушено месо, a се полева и со јајце.

„Па, ако нема пастрма, не е пастрмајлија“, често знаат да речат велешани.

Освен по „мастрафот“, велешката пита се разликува и по формата, бидејќи не е толку долгнавеста како штипската. Малку е позаоблена на краевите.

Велешани можат да се пофалат со традиција постара од 140 години, која длабоко се врежала во нивното секојдневие, и трае до денес. Питата е бренд поврзан со златните години на прераснувањето на градот од турска касаба во модерен европски град, со развиена трговија и занаетчиство. Во почетокот била ремек-дело на бабите кои готвеле за семејните собири, а сега секој може да ужива во неа во ресторан, пицерија, па дури и кафуле. Лесно е ко два и два – нарачуваш пастрмајлија и кригла пиво и добиваш ултра мераклиско гурманско искуство. Ако првпат одите во Велес на пита, пробајте ја гемиџиската, на многу форуми на интернет велат дека таа е најдобра. И не заборавајте, не возете доколку пиете.

За искуството да биде комплетно, задолжително посетете ја „Велешката питијада“, која обично се одржува некаде околу 10 октомври на улицата „Благој Ѓорев“, каде што може да се проба овој специјалитет во весела атмосфера засилена со многу музика, ладно пиво и стари, но и нови пријатели. И ако се впуштите во муабетот за потеклото на пастрмајлијата, имајте на ум дека велешани се многу осетливи на таа тема.

РАДОВИШКА ПАСТРМАЈЛИЈА

Радовиш е уште еден град од истокот кој може да се пофали дека е дом на овој вкусен македонски специјалитет. И таму постои убедувањето дека токму радовишката  пастрмајлија е оригиналната, само што таму ја викаат самун, кој оди рака под рака со уште еден традиционален македонски специјалитет, татлија – вкусен десерт, еден вид раванија правена со пресно сирење. Овде пастрмајлијата, односно самунот, се разликува од штипската и велешката по тоа што се прави со саздрма, вид кавурма направена од овчо или телешко месо.

Во чест на овие радовишки делиции, секоја година во периодот по 15 октомври се организира фестивалот „Самун ем татлија“”, кога на плоштадот „Св. Спасо Радовишки“ локалните мајстори поставуваат штандови со своите специјалитети и им го отежнуваат изборот на посетителите. Пивото, за кое веќе се договоривме дека одлично оди со овој специјалитет, пијте го откако ќе пробате еден самун, така ќе си направите добра подлога за неколку здравици. Никако не седнувајте зад воланот доколку пиете.

СВЕТИНИКОЛСКА, КРАТОВСКА…

Овој превкусен рецепт се пренесува со генерации и во Свети Николе и Кратово. Првите ја подготвуваат од штотуку измесено тесто, свежо свинско месо, но и овчо сирење и јајца, додека кратовчани користат суво месо, свинско пушено, а по локалните кафеани по желба можете да побарате да ви ја направат и исклучиво со овча пастрма.

По оваа наша гурманска одисеја, освен апетитот, ни се отвори уште една дилема на која повторно немаме одговор, а тоа е: која од сите овие видови пастрмајлии е најубава? Но она што можеме топло да ви го препорачаме е да тргнете во пастрмајлиски поход и самите да се уверите дека некогаш единствена опција е само да сме благодарни што пастрмајлиите се родени на наш терен. Дотогаш добар апетит и едно пивско, но одговорно „На здравје!“

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram