Ние го сакаме пивото

ЌЕ НАПРАВАМ ИЗЛОЖБА КОГА ЌЕ ЈА ДОСТИГНАМ ПОСАКУВАНАТА БРОЈКА ОД 500 ПИВСКИ ЧАШИ И КРИГЛИ

Ние го сакаме пивото

Во потрага по автентични предмети врзани за историјата на Пивара Скопје, го запознавме Александар Сиљаноски, триесет и девет годишен Охриѓанец, сопруг и татко на 7 годишна ќерка и пасиониран колекционер на пивски чаши и кригли. На повикот кој неодамна го објавивме на нашите социјални медиуми, Александар ни испрати фотографија од повеќе од 40 години стара пивска чаша со логото на СКОПСКО пиво. Ја поседува одамна, но одлучи истата да и ја подари на Пивара Скопје како примерок кој ќе се најде во музејот на компанијата. Во знак на благодарност, но и поради фактот што Александар е еден од ретките, а можеби и единствениот колекционер на пивски чаши и кригли во нашата земја, направивме ексклузивно интервју за Полна Чаша.

Untitled-73x73pxКога започна твојата колекционерска приказна? Зошто токму колекционер на пивски чаши и кригли? Постои ли некаква поврзаност со твојата професија, дали можеби пивото е твојот омилен пијалак или едноставно пасија?

Колекционер на пивски чаши и кригли сум речиси 20 години, а сѐ започна уште во студентските денови кога сфатив дека пивото ми е најомилен пијалак, а воедно и работев како бармен по локалните ноќни клубови. Во тоа време 99% од пивото што се нудеше беше Скопско, а воедно и чашите беа со тој бренд,  па уште тогаш ми се јави желбата да станам колекционер на пивски чаши и кригли. На почеток не баш сериозно, меѓутоа со секој нов модел на чаши желбата беше сѐ поголема. Подоцна на македонскиот пазар почнаа да влегуваат сѐ повеќе брендови на пиво, и малку по малку, мојата колекција почна да се зголемува. Од  секое патување носам примероци и така почнав да ја збогатувам својата колекција, а кога моите блиски пријатели и роднини разбраа за моето хоби, почнаа да ми носат автентични примероци, интересни модели кои секогаш ги добивам како подарок и во оваа прилика би сакал искрено да им се заблагодарам.

Untitled-73x73px
Колку примероци брои твојата колекција?

 

Во моментов мојата колекција брои околу 180 различни модели чаши со околу 100 различни пивски брендови, најмногу регионални брендови, но имам и брендови скоро од сите страни на светот. Последна поголема збирка од 20-ина чаши донесов од САД што ја собрав при мојот престој таму.  За време на престојот во САД запознав многу колекционери, не само на чаши, туку на сѐ што е поврзано со пиво и пивски брендови, од капачиња до гајби и буриња.

Untitled-73x73px
Познаваш ли други колекционери на тема пиво во државата и во регионот и дали постои некое здружение?

 

Во Македонија не познавам друг колекционер, но пребарувајќи по интернет, наидов на  сериозни колекционери од регионот кои поседуваат голем број чаши, а со дел од нив веќе стапив во контакт.

Untitled-73x73px
Веројатно имаш чаши кои ти се посебно драги. Можеш ли да издвоиш некоја од нив?

 

Има мноу чаши во мојата колекција што ми се посебно драги, ретки примероци, стари и по неколку децении. Сепак можам да ја издвојам криглата со логото на Скопско Пиво која, според моите податоци е стара повеќе од 40 години, но јас одлучив да ја подарам за музејот на Пивара Скопје.

Untitled-73x73px
Кога веќе ја спомна чашата со логото на Скопско Пиво, има ли други чаши од Пивара Скопје во твојата колекција?

 

Секако. Во моментов поседувам 12 чаши со брендот Скопско Пиво.

Untitled-73x73px
Што те наведе да се одречеш од еден редок примерок од Пивара Скопје и да и го подариш на компанијата за нејзиниот музеј?

 

Идејата да ја подарам криглата од Скопско Пиво на музејот на Пивара Скопје произлезе од еден оглас кој случајно го видов на Facebook страната Полна Чаша, каде што се бараше ако некој има стара чаша, гајба, фотографија и сл. да ја сподели на страницата. Јас ја сликав целата моја колекција од брендот Скопско Пиво по што стапивме во контакт со Пивара Скопје. Со задоволство одлучив да ја подарам за музејот на Пивара Скопје, најмногу поради фактот што таа засекогаш ќе остане дел од богатата и долгогодишна историја на компанијата.

Untitled-73x73px
За крај, продолжуваш и понатаму да ја зголемуваш својата колекција. Имаш ли бројка која сакаш да ја достигнеш и дали можеби размислуваш, еден ден, да направиш изложбена поставка со својата колекција?

 

Со сигурност ќе продолжам да ја збогатувам својата колекција. Бројката од 500 чаши е таа која би сакал да ја достигнам во блиска иднина. Ако ја достигнам посакуваната бројка, секако би направил изложба.

Полна чаша на Instagram