НЕ ПОСТОИ СУМА ЗА КОЈА БИ СЕ ОДДЕЛИЛ ОД КОЛЕКЦИЈАТА НА ЧАШИ И КРИГЛИ, СЕКОЈА СИ НОСИ СВОЈА ПРИКАЗНА

Како се станува колекционер на чаши за пиво?

Мислам дека тоа не е нешто што го планирате. Љубител сум на пиво, сакам да вкусам различни пива од различни држави и пиварници па првичната идеја во 2005 година ми беше да собирам чаши и кригли за да се напијам пиво во брендирана чаша и нормално да имам различен тип на чаши според типот на пивото. Првата чаша (односно се работеше за комплет од 6 чаши) со лого на СКОПСКО од крајот на 80тите, ги најдов во подрум. Татко ми ги добил од Пивара Скопје во времето кога работеше како угостител. Подоцна, во 2007 година дознав дека колега од фирмата каде што работев во тоа време, е исто колекционер на пивски чаши и разменувавме чаши со него. Бевме голема фирма па имаше многу колеги кои патуваа и носеа чаши од секаде и така колекцијата почна да расте и за кратко време стигна до 200 чаши. И нормално каде и да патувам се враќам со примероци од земјата каде сум бил.

 

Имаш ли највредна, најретка или особено драга чаша во колекцијата?

Не би знаел точно кое е највредно парче што го имам, но една од ретките (егзотични) чаши доаѓа од Монголија (Khan Brau). Не можам да се определам само за една чаша, сите си носат некоја приказна, можам само да кажам дека белгиските чаши во облик на пехар ми се најдраги.

 

Како се пополнува колекција? Купуваш или ти подаруваат или разменуваш со други колекционери?

Сите начини се во игра. Купувам кога ќе видам ретка необична чаша или чаша од бренд што сакам да го имам во колекцијата. Како што спомнав имам пријатели кои ми носат чаши од секое патување, или чаши што ќе ги најдат во подрум или по дома, а не им значат или не ги користат. И нормално размена со колекционерите од соседните земји со кои имам редовна соработка.

Во 2014 година се приклучив кон Facebook група исклучиво за Колекционери на пивски чаши, преку која се уште разменувам чаши со колекционери од Португалија, Бугарија, Грција и Србија. Во моментов колекцијата брои окулу 650 чаши.

 

Колку простор е потребен за да се чуваат толку многу чаши за пиво и колку време одзема да се измијат или да се избрише прашината од секое колекционерско парче?

За да ги изложам сите чаши од мојата колекција веројатно ќе ми треба посебна соба соодветно уредена, но бидејќи во моментов немам слободна соба чашите се поставени на полици низ целиот стан, а дел од нив, оние помалите од 0,3л, криглите од 1л и некои чаши со исто лого, засега се сместени во викендицата и чекаат да ја резлизирам идејата за изложбен музеј за пивски чаши.

Што се однесува до миењето, треба време. Мора внимателно да се мијат за да не пукнат, да не се скршат или да се изгребе логото. За да ги измијам сите ми требаат неколку последователни викенди, но обично тоа го правам за време на годишниот одмор.

 

Спомена музеј, значи ли тоа дека се подготвуваш јавно да ја изложиш колекцијата?

Секако, целта ми е во викендицата да направам изложбен музеј, идејата ја добив од колега колекционер од Србија кој има околу 10.000 чаши, неговата колекција е можеби најголемата на овие простори, па и пошироко.

Се надевам дека при отворањето на мојот изложбен музеј, колекцијата ќе има барем 1000 парчиња, што и не е така многу споредено со светските колекционери.

 

Си имал ли некогаш понуда да ти ја откупат целата колекција? Има ли сума за која би се одделил од неа?

Засега не сум имал таква понуда, но мислам дека не постои сума за која би се одделил од колекцијата, многу труд е вложен од мене и од пријателите за секоја чаша да се донесе од некаде „жива и здрава “ и многу спомени ме поврзуваат со чашите.

 

Важиш за познавач и љубител на пивото и човек што сака да проба различни брендови. Кое пиво те освоило „на прва топка“, кое никогаш повторно не би го пиел и дали има некои што имаат толку сличен вкус што тешко се препознаваат?

Во сеќавање ми остана San Francisco Liberty Ale кое морав да го порачам и вторпат да ми го донесат за да се уверам дека е навистина толку добро и навистина беше врв, барем за мој вкус. Никогаш повторно не би го пиел Brok Gluten Free и тоа е единствено пиво кое не сум го допил до крај. За пива со многу сличен вкус би рекол дека тоа се најголем дел од Pils пивата кои многу малку варираат (има и исклучоци), па затоа кога имам можност за избор конзумирам IPA пива кои се покарактеристични, ароматични пива со доза на горчина и многу би сакал некоја од нашите пиварници да изненади со IPA издание.

 

Споредено со светот, како ни оди градењето пивска култура во нашата земја?

Во последниве години имаше некои минимални движења на подобро со тоа што се појавија нови пива, но и покрај тоа сме многу далеку со пивската култура споредбено со соседните земји, не мора подалеку да одиме.

На пример во соседна Србија, Грција и Бугарија бројот само на крафт пивари се движи од 30 до 60, а во Македонија само 1. Но, ме радува тоа што во последно време има настани и за промовирање на домашно занаетчиско пиво каде може да се пробаат поразлични стилови на пива од комерцијалните, а и тоа што постојат неколку локални пабови кои редовно го прошируваат својот избор на пива кои ги нема по маркетите.

Пивската култура ја градиме сите заедно, љубителите, пиварниците, колекционерите. Кај нас сме 2-3 колекционери, додека во другите држави колекционерите си имаат клубови во рамки на кои разменуваат колекционерски предмети, заедно патуваат на пивски фестивали и организираат настани за размена и продажба на колекционерски шишиња, чаши, етикети, тапи итн.

Полна чаша на Instagram