

СВЕТОТ НА ПИВСКИТЕ ЕТИКЕТИ


Пивската етикета претставува парче хартија на кое стои објаснување за тоа од која пивара потекнува пивото, кое е неговото име и од кој вид е самото пиво, всушност етикетата е таа која го создава идентитетот на брендот на самото пиво.
Историјата на етикетите
Појава на етикетите
Историски гледано, пивото во шише претставувало непознат поим се до доаѓањето на пастеризацијата во 1800-тите години (за разлика од претходно кога сите пива биле дистрибуирани во бочви) се со цел да се избегне нивното расипување. Шишињата кои ги користеле пивските компании најчесто имале и секундарна употреба односно, биле повторно употребувани со врежан симбол и име на компанијата. Најголемиот дел од производителите во САД, во тој период користеле керамички шишиња кои биле со тапа или пак шишиња со порцелански затворач. Вака изработените шишиња се покажале како доста автентични за американските пивари и претставувале прототипи за развој на лого и бренд. Затоа, секоја компанија започнала да користи најразлични симболи па дури и животни за да можат да се разликуваат производите еден од друг. Во 1834 во Европа, започнале да се користат пивските етикети кои биле со пониска цена отколку врежаните шишиња и можеле да се нарачаат во поголеми количини за помал износ на пари. Поради тоа настанува премин на врежаните шишиња во хартиени етикети и тоа масовно влијае врз зголеменото производство и продажба на пиво. Тргнувајќи од економската состојба во овој период и развојот на железничките системи во Америка и Европа, пивските индустрии ги користат овие промени за да го доближат својот производ до поголем број на потрошувачи.
Крај на 19-ти век
Во 1892 година, крунските затворачи со брановиден раб кој одговара на отворот од шишето и кои можат лесно да бидат отстранети од шишето со отворач и не можат да бидат заменети, биле измислени од страна на Вилијам Пејнтер, со што доаѓа до намалување на употребата на обичните тапи. Во тој период пиварниците започнуваат со интензивна употреба на овој вид затворачи со што се појавила потребата од брендирани затварачи, која всушност претставува скриен печат и знак дека пивото е вистински произведено од страна на пиварниците и дека не се работи за фалсификат. Конзервативните пазари како Велика Британија го ограничиле процесот на обележување само во една единствена форма или етикета составена само од име на брендот со цел секој бренд да добие уникатна препознатливост на пазарот.
Прохибиција и пост-прохибициски период
Во периодот пред прохибицијата, во Америка пивските етикети се произведувале кратко време и тоа од 1870 до 1919 година. Производството на пивските етикети во овој период било доста ограничено и затоа етикетите доста ретко се наоѓале на пазарот на пиво. Самиот период на прохибиција траел од 1920 до 1933, кога во Америка постоела забрана за консумирање на било каков алкохол па затоа и производството и користењето на пивските етикети во овој период стагнира. По завршувањето на прохибицијата од 1933 до 1935, пиварниците сакајќи повторно да оживеат и да се вратат на пазарот за пиво, почнале да дизајнираат поуникатни етикети кои брзо се менувале следејќи ги трендовите. Американската влада во овој период донесува закон со кој сите пиварници се обврзани да плаќаат данок и истиот бил впишан на секоја нивна етикета. Ова претставува цврст доказ дека етикетите се произведени во периодот од 1933 до 1950 година и тие се едни од најпосакуваните за колекционерите на етикети. Американските етикети во овој период се повеќе сликовити за разлика од Европските, кои се поконзервативни каде на самата етикета е прикажано името на самото пиво или логото.
Крајот на 20ти век
Во 1975 година, голем дел од Американските пиварници започнале интензивно да користат илустрирани цртежи кои претставувале автентичен симбол за земјата од која потекнува самото пиво. Пиварниците започнуваат да ги менуваат етикетите за време на Божиќните празници користејќи симболи карактеристични за тој период од годината, сакајќи да се приближат повеќе до потрошувачите. Овој бран напоредно се распространува и во Европските пиварници каде започнуваат да се користат карактеристични симболи поврзани со празниците и секоја година биле најмувани различни илустратори кои вешто ги прикажувале ваквите етикети.
Последната деценија од овој век
Пивските етикети во текот на изминатите десет години направија брз пресврт како резултат на напредокот во дигиталното печатење, со што брендовите се истакнуваат со нивната уникатност која ја користат како предност при диференцирањето од конкурентите. Денес кога побарувачката на пиво зазема сè поголем замав, компаниите се почесто одлучуваат да ги модифицираат своите етикети, насочувајки се кон минималистички приказ кој најчесто е составен само од името на пивото или симболот на компанијата, каде со помош на современ графички дизајн успеваат да ги доловат истите елементи кои се важни и неопходни за содржината на етикетата.
- Во денешно време, дел од пивските индустрии се насочени кон лансирање етикeти кои имаат значење за историјата во светот како што се едни од попознатите со историскиот лик Че Гевара. Од друга страна постојат пиварници кои се насочени кон лансирање етикети за да останат во тек со најновите трендови како на пример постоењето на Harley Davidson етикети или пак етикети со познати легендарни светски бендови и музичари. Пивските компаниии за да останат во чекор со најновите филмски достигнувања склучуваат договори со продукциските куќи за лансирање на пивски етикети кои соодветствуваат со темата на самите филмови, како што се Game of Thrones и Star Wars.
- Во 2013та година, пиварница од Белгија, склучува договор за производство на лимитирана едиција на брендирани пива со етикети кои биле инспирирани од серијата Game of Тhrones. Оваа брендирана колекција на пива досега во својот асортиман има 7 вида на пивo, кои тематски се надополнуваат во зависност од дејството кое се одвива во самата серија.
- Интересен е фактот дека во 2014 година било лансирано лимитирано пиво со етикета од Битлси. Во Јуни 2013 година, во градот Хилегом, Холандија се одржала работилница на која сите заинтересирани имале можност да учествуваат во процесот на подготовка на пиво. При самата изработка се дошло до идејата да произведат ограничен број пива со етикета од Битлси кои би биле лансирани наредната година по повод 50 годишнина од концертот кој го одржале Битлси во истиот тој град кој во тоа време претставувал невиден спектакл. Изгледот на етикетата е направен во соработка со музејот на Битлси во Алкмар и истиот се базира на една слика која е таму уште од 1963 година.