





„ИАМ, ИАМ, НЕАМ!“ – КОЈ СОБИРАЛ АЛБУМ СО СЛИКИЧКИ, ЗНАЕ!







Се ближи Светско првенство во фудбал, светот влегува во фудбалска еуфорија што од пасионираните навивачи, што од „сеирџиите“ 😊, кои навиваат за тој што ќе победи. Но, фудбалската магија добива посебен шарм од најинтересната група на луѓе која не разликува возрасни, расни, религиски граници. Тие со нетрпение го очекуваат секое следно Светско првенство и страшно се нервираат кога во трафика им влеат „Сè уште не е излезен“, а тие со огромна жар чекаат да го отворат својот нов албум со сликички Светско првенство. Лепење на сликичките со омилените фудбалери, бележење на победниците на натпреварите, радости кога на играње „тапка“ ќе му ја собереш најдобрата сликичка на противникот, менување со пар – непар, носење на лист А4 формат превиткан на десеттинки со запишаните дупликати, размена, собири за менување, комплетирање на цел клуб! Прекрасна „иам, иам, НЕАМ“* дружба! Денес уште се собираат во Градскиот парк во Скопје и заедно придонесуваат за предфудбалската еуфорија.
Собирањето албум со сликички е хроника на едно време. Како деца имаме многу хобиња, кој знае дали ни се наметнати или тоа е пасија за колектирање што ја има човекот од најрана возраст. Во мое време се колектираа салфетки и ливчиња. Тој што имаше најстари салфети и ливчиња или донесени од странство беше најголем фраер во маало. Потоа собиравме албуми со сликички. Какви сè не, од животинско царство до албуми со цртани ликови и на крај секако, албум со сликички за Светско и Европско првенство. Викавме под прозор „Мамо фрли десетче“ и заедно со другата десетка што ја криевме во џеб, купувавме сликички наместо сладолед и благо. Од колку десерти само сме се откажале за пет нови сликички во албумот. Се сеќавате ли на таа радост, кога отварате пакетче со сликички и ниту една не е дупликат или ви се паѓа некоја светкава или некоја што „тешко се паѓа“!? За таквите што „тешко се паѓаат“ мењавме три, четири дупликати за една. Се собиравме во маало, па одевме на договорени собири за размена на сликички, родителите се разменуваа на работа, бабите ни викаа дека ако изедеме сè ќе добиеме две нови пакетчиња, дедовците пред да играат шах ги менуваа дупликатите на внуците и кога ќе видиш целиот свет живее со жарот за пополнување албум. И така остана и денес. Тогашните деца физички пораснаа, ама не и детето во нив кое се радува на секое ново собирање на албум со сликички. Дојдоа нови генерации со нова еуфорија. Собирањето сликички е живо и посебно чувство, многу поголемо од идејата да го собереш цел албум и можеби да го испратиш за наградна игра. Го отвараш албумот сосем празен и прво што правиш – го приближуваш кон лице за да го почувствуваш мирисот – од оваа преспектива, тоа е мирисот на детството. Потоа го листаш и ги замислуваш сликичките што ќе се залепат во празните правоаголници. Ги читаш сите натписи, го прелистуваш по сто пати, не се двоиш од него дури ни на спиење. Ги запишуваш сите резултати од завршените натпревари и по години и години имаш увид што се случило на Светското првенство во 1982. Учиш нови информации за играчи за кои не си ни знаел дека постојат, дознаваш нови работи за омилените играчи, како:
- Дарко Панчев на првенството во 1990 дал 2 од 4 гола за Југославија.
- Во албумот на Панини за Светско првенство 2002, поради авторски права скоро од почетокот на првенството не беа печатени сликичките со ирските фудбалери, па оние кои имаа залепено некој Ирец се сметаа за вистински среќници, а една сликичка со ирски натпреварувач се менуваше за по неколку сликички.
- Во албумот на Панини Eurofootball 1998-99 за прв пат, како претставници во Европа се појавуваат две македонски екипи Вардар и Слога Југомагнат.
- Во албумите на Панини за светските првенства знаеле да се најдат и Македонци кои настапувале за други репрезентации – помеѓу најпознатите се Марек Jанкуловски (Чешка, Светско Првенство 2006) и Јован Кировски (САД, Светско Првенство 2002).
- Во албумот на Панини Euro 2000, фудбалерите на шпанската репрезентација беа фотографирани во своите клупски, наместо репрезентативни дресови, што е преседан во еден ваков албум.
5 најзадоволувачки чувства врзани со пополнувањето албум со сликички:
- Мирисот на нов албум
- Отворањето на ново пакетче
- Кога ќе ти се падне некоја сликичка што „тешко се паѓа“.
- Кога ќе ја одлепиш сликичката од белото хартивче од прва
- Кога ќе ја залепиш сликичката точно во правоаголникот
Денес во време на глобализација можеби сè оди поедноставно, може да си купите повеќе пакетчиња за пониска цена од интернет, може да собирате online албум, да договорите менување со сликички на Facebook групи со луѓе од било каде на земјинава топка, да споделите доживување преку Instagram со хаш тагот #GotGotNeed и што уште не… Но, сепак нешто е останато од старата школа, нема подобро чувство од тоа да си дел од атмосферата со луѓето околу тебе!
*Сите отстапки од стандардизираниот македонски јазик во овој текст се во служба на наративот.