





СОНЧЕВА ГОРА 2.0. – ПИВАРА СКОПЈЕ, МАМ И ПАРТНЕРИТЕ ВО АКЦИЈА ЗА ЗАСАДУВАЊЕ 50 000 ДРВЈА
Волонтерите на Пивара Скопје беа дел од годинашната акција за садење „Сончева Гора“, која е во организација на „Мен енд Маунтен“, заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, Национални шуми, Пакомак и останатите партнери. Денеска во близина велешкото езерото Младост се пошумуваа 23 хектари државно земјиште. Над стотина волонтери од Скопје и Велес учествуваа во акцијата за пошумување, истакнувајќи ја важноста дека со колeктивен влог можеме да обезбедиме зелена иднина за нас и за следните генерации.
„Мило ми е што и оваа година Пиварци заедно со сите волонтери и партнери учествуваа во успешната реализација на акцијата за садење дрвја. Ваквите акции се од особена важност за нашата компанија и ни помагаат во поврзување на двете наши најважни стратешки иницијативи – „Свет без отпад“ и намалување на CO2 во атмосферата. Продолжуваме со инвестирање во платформи за одржлив развој и ги повикуваме сите наши партнери да ни се придружат заедно да придонесеме кон поодржлива иднина.“, рече Снежана Савиќ Димовска, директор за корпоративни работи и одржливост на Пивара Скопје.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски ја поздрави инволвираноста на општествено одговорните компании во ваквите акции потенцирајќи дека со збогатувањето на шумскиот фонд во земјава обезбедуваме поздрава иднина за сите.
„Го чуваме и развиваме нашето најголемо природно богатство, а тоа се шумите. Си поставивме цел за пошумување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ земјава“.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова истакна дека ја радува фактот што од ден на ден се повеќе развиваме здрави навики за заштита на животната средина.
„Ако пролетва собиравме и селектиравме отпад со масовно вклучување на многу партнери од државните институции, локалните самоуправи, бизнис заедницата и младите, сега покажуваме како со иновативен пристап, креативност и волја го рециклираме отпадот од минатото и градиме зелена иднина.“
Проектот ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА започна во 2021 и ќе биде заокружен во 2031 година.
„За само три години, засадени се 90.000 дрвја и собран е отпад од 615.000 килограми, а досега учествуваа над 25.500 регистрирани волонтери, од кои 10.000 беа деца – нашите „Сончеви пионери““, истакнаа организаторите од Мен енд Маунтен.