
КОГА БРЕГОВИЌ И ЧОЛА СПЕЦИЈАЛНО ЗА ПРОМОЦИЈАТА НА „СТАР ЛИСЕЦ“ ГИ ПЕЕЈА ХИТОВИТЕ НА „БИЈЕЛО ДУГМЕ“
Нема кој не се сеќава на пивото „Стар Лисец“. И покрај тоа што имаше релативно краток век на македонскиот и балканскиот пазар, за брзо време се стекна со свои верни следбеници. Својата популарност, особено меѓу младите, ја стекна пред сѐ благодарение на уникатниот силен вкус, но исто така и на вешто водената рекламна кампања. Така, ако прашате некој да се потсети кои му се првите асоцијации кога ќе се спомне „Стар Лисец“, голема веројатност е низ насмевка да ги чуете зборовите „Некој едноставно има стил“ — слоганот под кој одеше кампањата за „Стар Лисец“.
По успешниот старт на македонскиот, започна кампања за пробив и на балканскиот пазар. Почетокот на оваа кампања го означи гламурозна презентација на „Стар Лисец“ во Белград. Презентацијата беше одржана на 19-ти март 1997 година во салите „Атлантик“ и „Пацифик“ на белградскиот хотел „Интерконтинентал“, под маркетиншкиот слоган „Некој едноставно има стил“.
Пивара Скопје имаше чест воведните зборови за овој настан да ги каже познатиот актер и режисер Ирфан Менсур. Специјални гости на промоцијата, на големо задоволство на сите присутни, беа мегапопуларните музички ѕвезди Здравко Чолиќ и Горан Бреговиќ. Двајцата славни музичари во тандем направија несекојдневна изведба на „Лоше вино“ и „Ружица“, хитови на „Бијело Дугме“:
На промоцијата можеа да се видат и други познати имиња, меѓу кои музичката легенда Владимир Савчиќ Чоби, некогаше фронтмен на групата „Про Арте“ и тенисерсккиот ас Слободан Живоиновиќ. Пивара Скопје се погрижи манифестацијата да биде на високо ниво и со придружниот луксузен пропаганден материјал, специјални торби со подароци и добро мезе.