Ние и заедницата

ЛЕДАРИТЕ НА ПИВАРА СКОПЈЕ

Еден од есенцијалните предуслови за производство на пиво, како и неговата консумација е неговото ладење и складирање на постојана оптимална температура. Денес, со современите комерцијални и домашни електрични уреди за ладење, тоа е лесен и едноставен процес но, во не толку далечното минато, пивската, како и сите други прехранбени индустрии зависеле од една денес веќе заборавена професија поврзана со производството и доставување на мраз, популарно наречените ледари. Колку била значајна нивната професија за индустриите и домаќинствата говори самиот факт дека во втората половина на деветнаесеттиот век природниот мраз бил најзначајниот извозен производ на САД, веднаш после памукот.

До првите години на дваесеттиот век мразот се добивал по природен пат. Се собирал од замрзнатите реки и езера и потоа со пили се сечел на блокови. Друг начин за производство на мраз било да се налее вода во калапи и да се остави на студените зимски температури да замрзне. Потоа мразот се разнесувал со помош на запрежни коли, или се складирал во студени подземни простории, при што како изолационен материјал се употребувала слама или плута. Овој метод на Балканот бил доминантен до дваесеттиот век кога мразот почнал да се произведува машински, со помош на мотори, пред сѐ за потребите на пиварниците кои добивале сѐ поголема популарност.

Планови на ледарите на Скопска Пивара во Прилеп, Куманово и Битола (1930ти)

 

Меѓу првите инвестиции на секоја пиварница во тоа време била да обезбеди сопствен погон за производство на мраз. Таков бил случајот и со Пивара Скопје, основана во далечната 1922 година. Уште на самото основачко собрание се наметнало прашањето за изградба на погони за мраз, како што се гледа од зачуваните цели и правилата на акционерското друштво „Парна Пивара АД“ во Скопје.

Скопската пиварница почнала да произведува пиво во август 1924 година, а заедно со тоа започнал и погонот за производство на мраз. Како што се отворале стоваришта во другите градови во регионот кој го опслужувала Парна Пивара АД, во нив се отварале и ледари. Компанијата своите ледари не ги регистрирала како посебни фирми, туку ги третирала како составен дел на стовариштата и како помошни работилници. Тие имале своја адреса, број на телефон и телеграфска адреса за директна комуникација со потрошувачите.

Освен во Скопје, свои погони за мраз Парна Пивара АД имала во Битола, Прилеп, Косовска Митровица и во Куманово. Ова го дознаваме не само од архивските документи, туку и од рекламите во тогашните дневни весници каков што бил весникот „Вардар“ кој се печател во Скопје помеѓу двете светски војни. Секоја ледара имала најмалку еден депозитар — лице задолжено за непречено функционирање на погонот и одржување комуникација со седиштето во Скопје. Депозитарот бил единствениот долгорочно вработен во подрачните ледари на Парна Пивара АД, а останатите работници биле сезонски ангажирани за периодот од мај до септември. Мразот кој се произведувал во ладилните инсталации главно се употребувал за ладење на пивото. Вишокот кој останувал се продавал за потребите на други прехранбени индустрии.

 

Реклама за пиво и за ледарите на Пивара Скопје од 1932 во дневниот весник „Вардар“ коj излегувал во периодот помеѓу двете светски војни во Скопје

 

Ледарските згради се состоеле од: точилница, просторија за мотор и компресор, просторија за генератор и пумпа, како и подрум за складирање на пивото. Во точилниците имало апарат за миење на шишињата, апарат за преточување на пивото во шишиња, машина за затворање на шишињата со алуминиумски затворачи, како и апарат за пастеризација. Во секоја од ледарите, покрај погонските капацитети, имало и канцелариски простор за депозитарот, како и станбен простор во кој тој живеел заедно со неговото семејство. Постоеле и помошни простории како шупа за складирање на бурињата и сандаците, а исто така и коњушница и браварска работилница. Ледарите располагале со свои запрежни коли со кои се разнесувало пивото.

Ледар на Пивара Скопје на своето работно место

 

Во текот на осумчасовното работно време, ледарите произведувале до стотина табли мраз дневно, секоја од по 15 кг.

Најголем дел од ледарите на Парна Пивара АД – Скопје функционирале до Втората светска војна, а некои од нив продолжиле да опстојуваат и години подоцна. Таков е случајот со фабриката за лед во Куманово, чијшто биланс на производство и добивка е забележан во извештај во Службениот весник на Народна Република Македонија од 1956 година. Оваа ледара со стовариште на Пивара Скопје лоцирана на ул. 1 мај во Куманово, функционирала до доцните 1980 години од 20 век.

 

Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.

Подготвено од: М-р Василка Димитровска, Александар Маџовски

Фото: Архива на Пивара Скопје, Архив на Југославија (Белград, Србија), приватни архиви на семјества

Архивски извор: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје, Службен весник на НРМ, Архив на Југославија (Белград, Србија).

Полна чаша на Instagram