ГРАД НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ТРКАЛА!

Излегувам од хотел загледана во мапата, обидувајќи се да ги фатам конците каде сакам да одам и каде треба да се движам. Во тој момент додека занесено ги пребарувам улиците на Google Mаps, сум стапнала на велосипедска патека. Свирење и викање за невнимателно движење –  одличен пречек во Амстердам!

Тесни улички, многу канали, Red district, идеи за кул фотографии и секако доживување на атмосферата на велосипед! Нема потреба да имате долг престој во Амстердам за да сфатите дека велосипедизмот е начин на живот.  Родители кои одат на пазарување со своите деца на велосипед, бизнисмени што одат на состаноци, вечерни излегувања на младите. Тоа за нив е наједноставниот, најбрзиот и најздравиот начин за да се движат низ градот. Пред некое време е донесен и предлог – закон за паричен надоместок на граѓаните кои на работа одат со велосипед. Одличен стимул за да се зачува чистиот воздух и здравјето на граѓаните.

Голем број на фирми рентаат велосипеди во Амстердам за 8 евра по ден или за подолго користење. Така што, ако сте турист нема што да ве спречи за да ја почувствувате магијата на велосипедскиот Амстердам.

Совети како да се движите со велосипед низ Амстердам:

  • Низ маса на луѓе или во пешачки зони, туркајте го велосипедот.
  • Држете ја вашата лента: користете ја велосипедската лента од десната страна од патот означена со бели линии и симболи за велосипед.
  • Почитувајте ги сите сообраќајни сигнали и правила. Полицијата нема да ви прогледа низ прсти доколку поминете на црвено.
  • Внимавајте на трамваите и на трамвајските шини, затоа што лесно може да си ги заглавите гумите во шините. Секогаш преминувајте ги под остар агол.
  • Секогаш имајте ги предвид велосипедистите околу вас. Доколку ви заѕвони телефонот, јавете се на страна, не возете во иста линија повеќе од двајца.
  • Во Амстердам постои шпиц во велосипедскиот сообраќај. Помеѓу 08:00 и 09:00 или 17:00 часот и 18:00 часот, илјадници велосипедисти се на патот, што често резултира со големи редици на крстосници. Ако не се брзате, почекајте додека не се смири гужвата.
  • Заклучете го вашиот велосипед со два ланци, и до нешто сигурно и статично, не се знае кога на некој ептен ќе му затреба баш вашиот превоз. 😊

Герит Фабер од велосипедската заедница „Fietsersbond“, забележал: Велосипедизмот не е нешто кое го имаме во гените. Ние го градиме тоа, а ако ние можеме можат и другите градови! И оттука веднаш помислувам на нашето Скопје.

Деновиве, кога Скопје го газат спарни 32 степени целзуисови, а не телефоните ни покажува feels like 39 степени, не ви се качува во автобус, со автомобил сигурно ќе заглавите, пешки имате многу пат, единствено што ви преостанува е ВЕЛОСИПЕД. Кога ќе размислиш подобро, многу фраерска опција. Во последно време се почесто низ скопските улици гледаме деловни луѓе на шарени велосипеди, млади кои им даваат втор живот на своите стари велосипеди префарбувајќи ги во дреч флуоросцентни бои и одат во парк на Coca- Cola  и кафе, постари лица на Пони велосипеди, дечки во турска чаршија што разнесуваат чај на велосипед, некои пак на електрични тротинети, а трети мака мачат по скопските улици со hoverboard, весела глетка од различности… Не е важно дали е помодарство или практично превозно средство, Скопје веќе подолго време се обидува преку активно делување да ги поттикне сите граѓани да го користат својот велосипед преку разни акции. Големите точакољупци имаат привилегија да јадат сладолед во Радост со попуст затоа што се со велосипед, пијат поевтино кафе вокафулињата, некои и да купат велосипед за поефитни пари. Бесценето е кога можеш да го заклучиш велосипедот на сигурно на Coca-Cola паркиралиштата, зошто понекогаш единствено тие те спасуваат или да го заклучиш велосипедот пред еко-кафулето каде седиш и да можеш да го гледаш постојано. Тие не заглавуваат во гужва, заштедуваат на паркизи и се дружат секоја последна среда на критична маса, возејќи нови рути низ Скопјево. Но, што е многу поважно велосипедот како превозно средство помага во борбата против загаденоста на воздухот. Кај луѓето кои возат велосипед ја подобрува силата и флексибилноста на мускулите, ослободува стрес, топи масти, го подобрува кардиоваскуларниот систем. Но, на Скопје му недостасува уште за да биде вело – град. Борбата за повеќе велосипедски патеки и подигнување на вело – културата во целост секојдневно е дел од нашите животи. Затоа што ние го сакаме Скопје на велосипед!

Полна чаша на Instagram