ЗОШТО ПИВО ПРЕД КООПЕРАЦИЈА Е ЗАКОН

  1. Затоа што во времето пред социјалните медиуми Кооперација беше збирната точка за сите маалски (а и не толку маалски) новости, а со по едно пиво овие муабети траеја со саати, некогаш дури и додека да изгрее сонцето.
  2. Затоа што многу е поголем ќеифот  да им кажеш на другарите дека си ја испратил до дома и си ја бакнал пред влез, правејќи групно „На здравје!“, отколку само да смениш relationship-статус на Фејсбук. Сам во соба, пред компјутер.
  3. Затоа што голем дел од животните филозофии беа одредувани токму на тоа добро познато магично местенце во маало – пред продавничето од кое земаш грч ладно пиво и зборуваш за сите важни работи на светот. И затоа што кога ти било тешко, за да се смириш, доволно ти било само да ја излупиш етикетата и од прва да успееш да го отвориш шишето со запалка. А потоа да ги жалиш големите филозофи што морале на потешкиот начин да го сфаќаат животот…
  4. Затоа што во кафуле или диско не можеш да бидеш толку опуштен, а, сепак, „во шема“. Замисли си го ова – топло летно попладне, друштвото собрано на купче, обединето со пиво, рафално растројување на некој од друштвото, многу смеа, понекогаш и понекоја скриена солза, тешење и разговори во кои сите имаат и никој нема право. Сето тоа од удобноста на превртената гајба што ти ја нарекуваш столче, а на која радо би седел со саати додека да се дообјасниш.
  5. Затоа што ако не си седел барем еднаш пред Кооперација, никогаш нема да ја сфатиш суштината на стиховите на некои наши култни бендови, како „Ласт Експедишн“ и нивната секогаш со драго срце цитирана „Шефе“. А најчесто делот: „Отвори, бе мајсторе, бешиката нè боли!”
  6. Затоа што во таа неинтимно интимна атмосфера можеш да си упатиш скриен поглед со девојката од маало што седи спроти тебе и срамежливо те чека да ѝ подадеш пивце од гајбата, а ти тоа така умешно го правиш за да ѝ ја допреш раката. А потоа одвај чекаш сите да го допијат пивото и да си одат за вие да останете сами и да ја бакнеш.
  7. Затоа што таму магично се претвораш во најуспешниот фудбалски стратег, па и политичар кој добил мандат да ја оправи државата. Нормално, и затоа што колку и да се испокараш поради несогласувањата за твоите стратегии, знаеш дека кај и да е, секирата ќе ја „закопате“ со шише пиво.
  8. И, конечно, затоа што таму секогаш можеш да го чуеш неисцрпниот „Во мое време…“ муабет од симпатичниот дедо, кој речиси неизбежно завршува со: „Ај  дајте едно, ама онака, од нога. Морам да одам, ме чека бабата. Ајде, за нас!“

Мислењата изразени во овој текст се на авторот и не секогаш ги претставуваат ставовите на Пивара Скопје.

Полна чаша на Instagram