




ГО ОДБЕЛЕЖУВАМЕ 28 АПРИЛ, ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ ДЕН ЗА ЗДРАВЈЕ И БЕЗБЕДНОСТ ПРИ РАБОТА






28 април 2015. 10:30 часот, одеднаш одекнува продорен звук на електронскиот алармен систем за противпожарна заштита. Детектиран е чад во просториите на Управната зграда на Пивара Скопје. Безбедносните служби ја повикуваат линијата 193 за интервенција на пожари. Само по еден миг пиварци еден по еден ги напуштаат работните простории. Нема паника, без трчање, дисциплинирано еден зад друг, тивко се собираат во коридорот на собирното место одредено за ваков случај. Пристигнуваат возилата на противпожарната бригада и пожарникарите започнуваат со интервенција. Пиварци се пребројуваат. По неколку минути пожарот е изгаснат. Сигурно помисливте вистински пожар, а ова е само практична вежба за симулација на пожар како дел од кампањата за подигање на свесноста на сите пиварци за заштита од пожари во рамките на интернационалниот ден за Здравје и безбедност при работа, 28 април. Тематски, годинешното одбележување на денот за безбедност и здравје при работа во Пивара Скопје беше посветен на едукација на вработените за превенција и заштита од пожари. Како дел од кампањата, организирана е и практична вежба на која вработените имаа можност да се запознаат со техниките за гаснење пожар со противпожарни апарати.
Безбедноста и здравјето при работа се еден од врвните приоритети на Пивара Скопје. Како водечка компанија во индустријата за пијалаци во земјава, Пивара Скопје во континуитет инвестира во имплементацијата и усовршувањето на методите и техниките кои овозможуваат безбедност и здравје при работа, што е од исклучителна важност за вработените, но и за зголемување на ефективноста и продуктивноста во работата.
Создавањето и одржувањето безбедна и здрава работна средина е неразделен, суштински дел од нашата компаниска култура и политика на развој која ние ја негуваме и се трудиме да ја пренесеме и надвор од нашата компанија. Во рамките на одбележувањето на интернационалниот ден за Здравје и безбедност при работа, 28 април, Пивара Скопје продолжи со реализација на проектот за едукација на учениците во основните училишта на теми поврзани со здравјето и безбедноста во училишната средина. Овој проект го започнавме во 2014 и е небрендиран. Во рамките на проектот, учениците, во присуство на своите наставници, имаат можност да се здобијат со сознанија и практични совети за тоа како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање, како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа, при пишување и работа со компјутер и како да постапат при евентуално избувнување пожар во училиштето. Оваа година со едукацијата се опфатени 1.500 четвртоодделенци од основните училишта во Гази-Баба, Аеродром и Чаир. Овие совети, на интерактивен и сликовит начин, приспособен на возраста на учениците, им ги пренесоа нашите амбасадори-пиварци, кои на волонтерска основа придонесуваат за среќно и безбедно детство во училишната средина. Во рамките на воспоставената практика на компанијата, амбасадорите редовно се обучуваат и ги освежуваат своите знаења од областа на здравјето и безбедноста при работа.
По повод 28 април, меѓународниот ден за здравје и безбедност при работа, како дел од нашата програма „Здравје и безбедност“, лансирана е и кампањата за „Безбедност во сообраќајот“ чија основна цел е да ја зголеми свесноста и потребата од одговорност на пиварци како учесници во сообраќајот. Кампањата, која се состои од 4 дела, „Подготовки пред возење“, „Секој страда“, „Уживај во возењето“, „Не вози ако пиеш“, почна со видео на нашиот комерцијален менаџер Wietse Mutters, кој со кратки едукативни пораки се обраќа до комерцијалниот тим по повод овој важен ден за сите нас.
Пивара Скопје со години вложува во здравјето и безбедноста на своите вработени и во нивна едукација на различни и релевантни теми од оваа област. Пивара Скопје е првата компанија во Македонија која уште од 2007 година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001. За досегашните достигнувања и активностите на овој план компанијата е добитник на Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа. Наградата ја доделуваат Македонското здружение за заштита при работа и Меѓународната организација на трудот. Оваа награда е верификација на нашите континуирани напори и вложувања во обезбедување и гаранција на највисок степен на безбедност и здравје на сите што работат во Пивара Скопје, како и на нашите соработници, на потрошувачите на нашите брендови, како и на сите оние кои се дел од нашето деловно опкружување. Создавањето и одржувањето безбедна и здрава работна средина е неразделен, суштински дел од нашата компаниска култура и политика на развој која ние ја негуваме и се трудиме да ја пренесеме и надвор од нашата компанија.