




ПИВАРА СКОПЈЕ СО ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗДРАВИ И БЕЗБЕДНИ ШКОЛСКИ ДЕНОВИ






Кога некој ќе ме праша кој од многуте значајни проекти за Пивара Скопје во кои бев вклучен во мојата 14-годишна кариера ме прави посебно горд, дефинитивно би рекол проектот за „Едукација за здрави и безбедни школски денови“. Имено, по повеќе од деценија помината во Секторот за набавки се чувствував подготвен да ги поместам своите професионални граници. Предизвикот дојде од Секторот за јавни работи и комуникации. Клучна пресвртница за мојата одлука да се приклучам на овој тим во почетокот на 2015 година беше можноста да работам на проекти за промоција на нашата компаниска култура и политиката за одржлив развој на компанијата и заедницата на која ѝ припаѓаме.
Пивара Скопје е меѓу првите компании во Македонија која уште од 2007 година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001. Со цел да се создаде свесност кај вработените за безбедноста и здравјето при работа, ние во Пивара Скопје сметаме дека континуираната едукација е од клучно значење. Од 2011 година компанијата започна со интензивни промотивни активности за сите вработени во текот на секоја година. Се обработуваат разни едукативни теми во доменот на „Здравје и безбедност при работа“.
Постојаното фокусирање и посветеност на оваа важна тема ни овозможи да бидеме лидери во промоцијата на „Здравје и безбедност при работа“. Во 2014 година компанијата е добитник и на Националната награда за најдобри практики во оваа област што ја доделуваат Македонското здружение за заштита при работа и Меѓународната организација на трудот.
Во 2014 година компанијата за првпат ја промовира програмата за „Здравје и безбедност“ и пред екстерната публика преку спроведување на пилот-проектот „Едукација за здрави и безбедни школски денови“. Преку овој пилот-проект вработените волонтери им ги пренесуваа своите знаења на младите на теми за здравјето и безбедноста на работното место и надвор од него. Со проектот беа опфатени 700 основци од сите училишта во општина Аеродром. Ако сакаме да создаваме генерации кои ќе бидат свесни за значењето на здравјето и безбедноста на работното место, треба да ги едуцираме младите уште од најрана возраст. На тој начин придонесуваме тие да разберат како со своето однесување можат подобро да го заштитат своето, како и здравјето и безбедноста на своите другари и сите други во рамките на училиштето и надвор од него.
Со пилот-проектот реализиран во 2014 година, младите ученици во присуство на своите наставници имаа можност да се здобијат со сознанија и практични совети за тоа како да спречат повреди предизвикани од лизгање, препнување и паѓање, како правилно да го држат телото при седење во училишната клупа, при пишување и работа со компјутер и како да постапат при евентуална појава на пожар во училиштето. Содржините се презентираа преку 45-минутни забавни презентации кои, инаку, се небрендирани. Презентациите се адаптирани на возраста на учениците во кои се застапени живописни споредби со светот на животните.
Поради големиот успех на овој пилот-проект, тој беше реализиран и во 2015 година со проширен опсег на теми и активности. Во 2015 година опфативме три општини. Нашите вработени во улога на волонтери успеаја своето знаење за здравјето и безбедноста да им го пренесат на 1.500 ученици од четврто одделение во 23 училишта.
Нашиот клуч за успех на проектот „Едукација за здрави и безбедни школски денови“ е фактот дека тој со себе носи пријателска порака и содржина соодветно адаптирана за младата публика на која ѝ беше презентирана. Тоа, во комбинација со енергијата и посветеноста на нашите вработени во улога на волонтери, е рецептот за позитивни резултати. Продолжуваме и во 2016 година.