

НАШАТА ОПРЕДЕЛБА ДА ЈА ПРОМОВИРАМЕ НЕДЕЛАТА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА



Создавањето и одржувањето безбедна и здрава работна средина е неразделен, суштински дел од компаниската култура на Пивара Скопје и политиката на развој која ние ја негуваме. Да се сосредоточува вниманието на здравјето и безбедноста не значи само да си општествено одговорен, тоа е и еден од најважните бизнис-приоритети за една компанија и е исто така значајно како и постигнувањата на кој било друг бизнис-индикатор. Тоа е одраз на тимскиот дух, затоа е потребен ангажман од сите вработени за да ја разберат важноста и постојано да бидат посветени на градењето безбедна работна средина според највисоките меѓународни стандарди.
Пивара Скопје со години вложува во здравјето и безбедноста на своите вработени и во нивна едукација на различни и релевантни теми од оваа област. За досегашните достигнувања и активностите на овој план, компанијата е добитник на Националната награда за најдобри практики од областа на безбедноста и здравјето при работа. Пивара Скопје е меѓу првите компании во Македонија која уште од 2007 година го има воведено и е сертифицирана според водечкиот меѓународен стандард за управување со безбедноста и здравјето при работа – OHSAS 18001.
Патот до постигнувањето на нашите цели бараше од нас ангажман со многубројни активности:
- Подигнување на свеста на сите пиварци за важноста на темата здравје и безбедност, преку учење и практични вежби.
- Промовирање на едукативниот материјал преку структурирани, јасни едукативни пораки и примери.
- Надополнување на материјалите и усогласување со постоечките процедури и политики за здравјето и безбедноста.
- Поттикнување на вработените да споделуваат помеѓу себе искуства на теми поврзани со здравјето и безбедноста.
- Овозможување на вработените да преземат поголема лична одговорност за своето здравје и безбедност и да ги живеат нашите компаниски вредности во секоја област.
- Разработување теми кои треба да придонесат кон постојано намалување на бројот на вработени кои се повредиле или се разболеле на работното место.
- Водство, преку личен пример, и демонстрирање вистинска посветеност на сите вработени.
- Унапредување на улогата на Пивара Скопје како лидер во нашата индустрија на полето на здравјето и безбедноста на вработените.
Имајќи ги предвид нашите заложби да одржуваме здрава и безбедна работна средина, во 2011 година воведовме промоција на „Неделата на здравје и безбедност во Пивара Скопје“. Веќе традиционално секој октомври посветуваме една недела на интензивно промовирање и едукација на оваа значајна платформа релевантна за сите нас. Според нас, едукативниот аспект е клучен за создавањето свесност кај сите вработени, при што главниот фокус е ставен на постојаното учење и размена на искуства. Во рамките на оваа недела се организираат различни активности, тренинзи, презентации, показни вежби, квизови, при што секој вработен има можност да стекне нови знаења и да ги унапреди постоечките.
Тематски, секоја година се става акцент на одредена тема поврзана со безбедноста и здравјето при работа. Досега обработивме голем број теми:
- Започнавме во 2011 година со „Шесте златни правила за безбедност и здравје при работа“,
- Следуваше 2012 година со промоција на темата за „Безбедно возење“,
- 2013 год. ја посветивме на „Управувањето со хемиски средства и ергономијата на работното место“,
- Продолживме во 2014 со програмата „За безбедни школски денови“,
- „Спаси живот” е темата која ја обработувавме во 2015 година, со акцент на зголемување на свесноста кај вработените за важноста да му помогнат на колегата во укажување прва помош во клучните моменти.
Оваа година сите вработени поминаа низ едукативните содржини за давање помош на болно или повредено лице со цел да знаат да ги препознаат и да бидат присебни да дејствуваат во клучните моменти, кога нечиј живот е во опасност.
На овој начин тие појасно ќе ги препознаат ризиците и опасностите и ќе знаат како да дејствуваат за да ги искористат стекнатите знаења да спасат нечиј живот.
Како продолжение на нашата децениска соработка со Црвениот крст на Република Македонија, оваа година заедно подготвивме низа едукативни материјали за прва помош при повреди здобиени на работното место. Материјалите, преку сите интерни комуникациски канали, беа споделени со сите наши вработени. Вработените имаа можност да се запознаат и да ги препознаваат симптомите кои се закана за животни ситуации и да знаат како да реагираат во овие критични моменти. Во рамките на „Неделата на здравје и безбедност“ во тренинг-центарот на Пивара Скопје дваесет наши пиварци имаа можност да поминат обука за прва помош. Одбравме пиварци од различни сектори за да имаме обучени лица насекаде низ компанијата. На обуката нашите вработени имаа можност да се запознаат со основните техники и постапки за благовремено укажување прва помош на повреденото лице.
Со помош на стручните соработници за здравствено-превентивна дејност при Црвениот крст на Република Македонија, оваа година обезбедивме и дополнителни едукативни материјали преку бесплатна апликација за прва помош за мобилни телефони за (IOS и Android), изработена од Црвениот крст на Република Македонија, достапна на македонски и на англиски јазик. Апликацијата овозможува брз пристап до информациите кои се потребни за да можеме да укажеме прва помош при најчестите итни случаи во секојдневниот живот. Обезбедивме и квизови со кои вработените постојано ќе можат да учат и да ги проверуваат стекнатите знаења.
Нашите инвестиции и понатамошни активности во имплементацијата и усовршувањето на методите и техниките кои овозможуваат безбедност и здравје при работа не запираат тука. Во иднина ние остануваме посветени на оваа значајна тема и на нејзина промоција не само во рамките на Пивара Скопје, туку и надвор од нашата компанија, во заедницата на која ѝ припаѓаме.