Одговорна консумација

КАМПАЊА ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ПАТИШТАТА

Одговорна консумација

За секој живот постои лична, но и колективна одговорност – ова не е само напишана изрека која некаде ќе ја прочитате или некој ќе ви ја каже, туку порака која треба сите да ја земеме со голема одговорност и сериозност. Како менаџер за развој на вештините на вработените во продажба, лично и во практиката ја применувам оваа порака. Првенствено, максимално се трудам како во текот на работното време, но и надвор од него да се однесувам и да придонесувам кон креирање одговорно однесување во јавниот сообраќај. А добрите практики и правила во секоја прилика им ги пренесувам и на моите колеги и на моите блиски.

Ние во Пивара Скопје ѝ посветуваме исклучително внимание на колективната и на општествената одговорност и се трудиме да ја развиеме како култура на однесување кај нашите вработени, а сакаме позитивно да им влијаеме и на сите други. За таа цел Пивара Скопје има развиено програма „Здравје и безбедност“, преку  која се градат навики и практики за безбедноста и здравјето. Во рамките на оваа програма, Пивара Скопје од 2011 година спроведува голем број активности преку промотивни настани во текот на целата година.

Една од тие активности е и зголемување на свесноста за личната и колективната одговорност на вработените за време на нивното активно учество во јавниот сообраќај. Академијата за продажба, како дел од комерцијалниот сектор во Пивара Скопје, има обврска кон работникот уште од првиот работен ден да го едуцира како да се однесува и да ги применува правилата и добрите практики за одговорно управување со службеното возило. Академијата наедно активно работи на подигање на свеста за безбедно возење и во соработка со другите сектори така што организира различни “road shows” низ Македонија преку кои се даваат информации, се разменуваат искуства и се прикажуваат видеозаписи токму на оваа тема. Пивара Скопје има свој голем возен парк и голем број службени возила. Со тоа е голема и одговорноста за промоција на безбедното возење на сите наши вработени.

Оваа година во септември, како дел од интернационалното семејство на HEINEKEN, и ние го одбележавме меѓународниот ден за одговорнa консумaција. Во Пивара Скопје се реализираше интерна кампања за промоција на безбедното возење меѓу вработените и како дел од таа кампања се реализираше посебна комуникациска платформа наменета за продажниот тим.

Имено, Академијата за продажба во соработка со Секторот за јавни работи и комуникации на Пивара Скопје организираше “road show” низ сите наши дистрибутивни центри за да ја пренесе главната порака дека секој од нас вработените има некој близок, некој што безгранично нè сака, некој што нè чека дома и затоа одговорноста не се однесува само на нашиот живот, туку подразбира и да спречиме да страдаат оние кои најмногу ни значат доколку се однесуваме несовесно и нешто ни се случи. Заедно, вработените во продажба, изготвивме колажи со сликите од нашите најсакани и ги поставивме во нашите работни простории со цел секојдневно да нè потсетуваат да се однесуваме одговорно и одговорно да возиме.

Во текот на кампањата споделивме и важни информации како да се минимизира ризикот со кој се соочуваат вработените кога управуваат службено или приватно возило. Посебен акцент беше ставен на основните правила за управување со возила: задолжително користење сигурносен појас, строго забрането користење алкохол и мобилен телефон, приспособување на брзината, почитување на сообраќајните знаци, пријавување сообраќајни незгоди и дефекти. Службените возила на Пивара Скопје се опремени со најсовремена опрема која помага да се превенираат сообраќајните незгоди преку навремено алармирање на потенцијалните опасности. Во секој случај, најважно останува одговорното однесување на нашите вработени.

Основната цел на оваа кампања и на голем број други на истата тема е безбедно возење без сообраќајни незгоди. За мене, како и за сите, човечкиот живот е бесценет. Токму поради тоа во Пивара Скопје им посветуваме посебно внимание на темите за безбедноста и здравјето. Отворени сме за сите компании, организации и институции да ги споделиме нашите најдобри практики во тој домен.

Полна чаша на Instagram