
ПИВАРЦИ РАБОТЕЛЕ, НО И ЖИВЕЕЛЕ ВО КРУГОТ НА ФАБРИКАТА
Наточено од
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Душата на една компанија како Пивара Скопје АД ја прават нејзините луѓе, а Пиварци уште од самото основање на компанијата функционираат како едно големо семејство. Повеќето од нив се потомци на луѓето кои ја создале, изградиле, негувале и продолжиле традицијата на правење пиво, надградувајќи го имиџот со кој самите тие пораснале. Притоа, малку познат факт е дека од самото содавање на Пивара Скопје во 1922, па сѐ до почетокот на 1990-тите, голем број од вработените живееле во самиот круг на компанијата. Тука се вработиле, тука се вљубиле, основале семејства, се задомиле и тука го поминале поголeмиот дел од животот.
Преку архивските истражувања, кои ги спроведовме со цел верно да ја пренесеме историјата на компанијата, дознаваме дека нејзините основачи упатиле барање до тогашното Градско поглаварство да им се одобри инсталација на пиварница во местото Ќерамидница, каде што веќе имале купено земјиште од 32.347 м2, покрај железничката линија Скопје-Ниш. За тие години ова било навистина големо земјиште на коешто подоцна ќе бидат подигнати фабриката, административните канцеларии, сопствените штали, но и објекти за живеење на вработените кои ќе бидат во употреба со децении. Овие живеалишта првично биле предвидени главно за раководните кадри. По Втората светска војна во зградите биле вселени дванаесет семејства на работници и службеници во претпријатието. Ова го потврдува и случајот на Рамана Стаменкович од Скопје, родена Мацаурек, за кој сведочат архивите. Од оглас објавен во Службен весник од 1946 дознаваме дека при издавањето дозвола повторно да се здобие со чехословачко државјанство, од страна на Министерството за внатрешни работи на Народна Република Македонија таа била заведена со живеалиште во Државната пивара, како што тогаш била преименувана пиварницата.
На овие времиња се спомнува и Велко Несторовски, синот на Павле Трајановски. Павле бил еден од првите вработени во фабриката. По занимање бил машински бравар, но покажувајќи се како вреден, умен и способен работник, стигнал до функцијата технички директор, заслужувајќи го прекарот „газда“. Како што раскажува Велко, уште кога во далечната 1919 година Чесите решиле да ја градат фабриката, го викнале Павле да им помогне во пронаоѓањето на погодна локација. Кога погонот бил пуштен во работа, тој работел како шеф на машинското одделение, а во меѓувреме Чесите му помогнале да се дообразува во машинската и електро струка.
„Нашето семејство живееше во фабриката“, си спомнува Велко“. „Семејствата на вработените во Пивара Скопје многу се дружеа меѓу себе. Обично на 1-ви Мај се собиравме сите пиварци и правевме големи гезмиња“.
Според сеќавањата на старите пиварци, живеалиштата во кругот на Пивара биле во една долгнавеста зграда, изградена уште пред Втората светска војна. До неа се наоѓале старите бараки во кои се печел сладот. Зградата била на два ката и гледала накај малата тесна уличка што се наоѓала помеѓу Пиварата и фабриката „Европа“. Во долниот дел Пивара имала и своја продавница и честа била глетката во близина да се паркираат тогаш популарните автомобили „фиќо“ и „тристаќ“ и луѓето да товарат по неколку гајби „Скопско“ за празниците. Во зградата живееле до пет семејства, на горниот кат три, а на долниот кат две семејства. Ова го потврдуваат и спомените на Сузана Димовска, која повеќе од 30 години е дел од финансовиот сектор на Пивара Скопје. И таа продолжила по стапките на својот татко, кој исто така бил вработен во компанијата. Нејзиното семејство уште пред Првата светска војна се доселило во Скопје од Нова Градишка, Хрватска. Кога започнала војната, семејството се вратило назад во родниот крај, а по нејзиното завршување повторно се вратиле во Скопје, каде што и трајно останале. Нејзиниот дедо Стијепан Гогиќ веднаш се вработил во ложилницата на новата пиварница, каде што останал сѐ до своето пензионирање во 1963, со полни четириесет години работен стаж. Во времето на вработувањето, се вселил во истата таа долгнавеста зграда. Создал семејство и сите негови осум деца кои израснале во кругот на Пивара подоцна се вработиле тука.
Во шеесеттите години, сакајќи да вдоми што е можно повеќе вработени, компанијата почнала да размислува за издавање на т.н. социјални станови и преку своето интерно гласило „Пиварски збор“ ги подучувала своите работници како да аплицираат за да добијат кредит од Фондот за станбена изградба. Како што едно од семејствата кои живееле во долгнавестата зграда ќе добиело стан, на негово место се вселувало друго. Тој циклус на вселување и иселување продолжил сѐ до крајот на осумдесеттите кога зградата морала да биде срушена, а на тој простор била изградена новата управна зграда.
Токму врз основа на оваа традиција, тимот на Пивара Скопје АД продолжува да живее и функционира како едно големо семејство. Бидејќи само на тој начин може да биде загарантиран вистинскиот успех – со взаемна почит, грижа и љубов. Заедно во предизвиците, заедно и кога наздравуваме славејќи ги успесите
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје АД.
Фото: Архива на Пивара Скопје АД
Архивски извор: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје