СРЕЌНА СУМ ШТО СУМ ДЕЛ ОД КОМПАНИЈА КОЈА ВРАБОТЕНИТЕ ГИ СМЕТА ЗА КЛУЧНИ ЗА СВОЈОТ УСПЕХ – ОЛИВЕРА ДАНЕВСКА МИТАНОСКИ – МЕНАЏЕР ЗА ГРИЖА НА КУПУВАЧИ

“Како и сите млади кои сонуваа да работат за една од најдобрите компании во Македонија, и јас копнеев да добијам таква шанса. Еден повик од HR службата на Пивара Скопје ја прекина мојата потрага по работа и одеднаш мојот живот доби сосема нов тек“ – вели Оливера Даневска Митаноски, Mенаџер за грижа за купувачи. Незјината приказна во Пивара Скопје започнува пред точно 14 години. Стартувала со работа во Call Центарот, во текот на годините постојано учела и стекнувала нови вештини и денес управува со тим кој се сртеми да ги разбере и да ги задоволи потребите на купувачите. Од досегашното искуство научила дека добра организација, навремено планирање и посветеност се клучни алатки за успешно завршена работа.. Насмевката на синот, поддршката на сопругот и времето поминато со нив е она што и помага да го избалансира напорниот работен ден, а задолжително издвојува и неколку часа за себе, физичка активност и фитнес. Нејзиното мото е – “Биди среќен со она што го имаш, додека се бориш за она што го сакаш“.

 

1.Кажи ни нешто за твоите почетоци… Каде ја започна својата кариера и како се вработи во Пивара Скопје?

Сѐ започна далечната 2004 година. Како штотуку дипломиран студент, бев дел од една младинска организација која соработуваше со компании на кои им беше потребен млад и перспективен кадар. Така, еден повик од HR службата на Пивара Скопје ја прекина мојата потрага по работа и одеднаш мојот живот доби сосема нов тек. Како и сите млади кои сонуваа да работат за една од најдобрите компании во Македонија, и јас копнеев да добијам таква шанса. По неколку тестирања и интервјуа се вработив како Agent во Call Центарот кој тогаш се формираше во Пивара Скопје. Тоа беше моето прво вработување, “прва љубов”, која сѐ уште трае. Комуникација со купувачите и разбирање на нивните потреби, како и продажба на производите на Пивара Скопје, беа дел од моето секојдневие. За полесно да се вклопам во новата работа и да се запознаам со процесите на компанијата, постојано посетував обуки, нешто што го правам и ден денес бидејќи учењето во Пивара Скопје е постојан процес.

 

2. Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели?

Пивара Скопје е компанија која нуди огромни можности. Секој кој е посветен и одговорно ги извршува работните задачи, има отворени врати да се надградува, да учи и да напредува во кариерата. Имам среќа да сум дел од компанија која вработените ги смета за клучни за својот успех. Доказ за тоа се постојаното вложување во своите вработени, преку различни видови на обуки, работа на проекти, менторство од менаџерите, споделување искуства со колегите од другите земји членки на Групациите Coca – Cola HBC и HEINEKEN и безрезервна поддршка од колегите од сите сектори.

 

3. Што опфаќа твојата работна позиција?

Како Менаџер за грижа за купувачитe одговорна сум за три одделенија и тоа Call Centar, Back Office и Одделение за размена на податоци со дистрибутивните центри, односно индиректна продажба. Ние сме алка од еден голем синџир, од креирање на нарачки, па сѐ до нивна испорака до крајните купувачи.  Ова подразбира менаџирање и контролирање на сите процеси и активности во трите одделенија, градење добар тим во кој сите членови взаемно се почитуваат и поддржуваат и ги разбираат потребите на купувачите. Нашиот тим постојано комуницира со останатите сектори во Пивара Скопје. Со тоа се овозможува континуиран тек на процесите во компанијата и нудење добра услуга на купувачите, со цел зголемување на нивното задоволство. Дел од мојата работа е и изготвување неделни и месечни извештаи за завршените активности, како и анализи за задоволството на купувачите. Меѓу другото како клучен корисник на SAP системот, одговорна сум и за тестирање на сите нови функционалности во системот и изготвување на обуки до крајните корисници пред тие да бидат активни во систем, унапредување на системот преку нови предлози и решавање на тековните системски пречки доколку се појават во текот на работењето.

 

4. Кои се клучните вредности и вештини што секојдневно ги применуваш со цел да бидеш успешна во работата?

Добра организираност, навремено планирање и посветеност се едни од клучните алатки за успешно завршена работа. Ниту еден лидер не може да биде успешен без својот тим. Тимската работа и посветеност, поддршката и здравите релации помеѓу членовите на тимот, се основа за успех. Затоа вложувањето во тимот и негово постојано надградување е клучно за успешно завршена работа и остварување на поставените цели. Дел од патот до успехот е и постојано да се вреднува трудот на членовите од тимот и истиот да се наградува, да се почитуваат колегите и нивното време, отворено да се комуницира и да се градат добри релации со сите сектори и лидерски нивоа во компанијата.

 

5. Кои се твоите најголеми достигнувања во кариерата, нешто што те прави особено горда?

Низ годините, од вработувањето па сѐ до денес, мојата кариера се движеше по нагорна линија, но чекор по чекор, скалило по скалило. Од оваа перспектива, таа патека е најдобра за успех во она што го работиш, а и за да се изградиш во професионалец каков што се очекува да биде секој од нас. Започнав како Call Agent, подоцна ме унапредија на позицијата супервизор нa Call Центарот кој низ годините минуваше низ многу структурни промени. Во 2014 година се приклучив на тимот за имплементирање на SAP системот како клучен корисник, година која беше полна со големи предизвици и многу работни активности. Последна во низата е позицијата Менаџер за грижа за купувачи, на која работам во моментов. Во сите овие години вложени се многу труд, енергија и посветеност во сите области во кои сум работела. Но ако мора нешто да се издвои, особено сум горда на имплементирањето на SAP системот и сите промени кои се случија со неговото воведување.

 

6. Според тебе, каква е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина?

Жените можат да се изборат за подобрување на родовата еднаквост во деловниот свет со своите дела како успешни професионалци во она што го работат, а не преку декларативни заложби. Успешно извршувајќи ги зададените задачи, совладувајќи многу пречки и предизвици, остварувајќи ги поставените цели, жените покажуваат дека се рамноправни во професиите кои ги делат со своите когеги од “посилниот” пол.

Времето на стереотипи и поделби на машки и женски професии полека, но сигурно одминува. Многу успешни жени јасно и недвосмислено го покажале и докажале тоа. Од нас жените зависи колку сме подготвени да ги прифатиме и да ги надминеме предизвиците. За наша среќа, Пивара Скопје е компанија која има отворени можности за сите вработени, независно дали тоа се мажи или жени, но од секој вработен зависи дали и како ќе ја искористи својата шанса. Потврда за тоа се успешните жени на менаџерски позиции во различни сектори во компанијата.

 

7. Која е твојата најголема поддршка во животот?

Да се биде добра сопруга, мајка и професионлец на работа, бара многу вложена љубов, енергија, посветеност, но и многу откажувања и пожртвуваност. Едноставно е невозможно да се постигне сѐ без да се има разбирање и поддршка од семјството. Мојот сопруг е секогаш покрај мене да ме поддржи и да се радува со мене на сите мои успеси, но и да ме утеши кога имам падови и неуспеси. Тој е моето рамо за плачење, мојот најдобар пријател. Денес не би била она што сум и приватно и професионално без неговата безрезервна поддршка и разбирање, како и големата љубов и посветеност на семејството.

 

8. Како жена која има професионална кариера, како успеваш да направиш баланс помеѓу работата и семејството?

Да се направи баланс помеѓу семејството и работата во ова динамично време во кое живееме, навистина не е едноставно. Нема формула која ќе помогне да се направи тој баланс. Ако постои би била една од најчесто употебуваните. Многу е важно секоја жена да знае кои се нејзините приоритети и да цели кон нив со огромна посветеност и пожртвуваност, а целосно да успее во тоа, потребна е подршка од најблиските. Викендите ми се секогаш резервирани за семејството и пријателите. Факт е дека колку помалку слободно време имаме, повеќе го цениме и наоѓаме начин подобро да го искористиме и да им се посветиме на најмилите.

 

9. Дали имаш некое хоби, нешто што те релаксира по работниот ден?

По напорен работен ден насмевката од синот и сопругот и времето поминато со нив дефинитивно е она што ме релаксира. Иако поради работните обврски ми останува малку слободно време за да си го посветам себеси, се трудам во текот на неделата да одвојам неколку часа за физичка активност и фитнес. Го раздвижувам телото по многу часови поминати пред компјутер, ми помага да се ослободам од стресот и успевам негативната енергија да ја претворам во позитивна. Дополнително ме опушта шетањето во природа и средбите и разговорите со пријателките. Посета и запознавање нови земји икултури е нешто што ме исполнува и го практикувам секогаш кога имам можност за тоа.

 

10. Кое е твоето животно мото?

Секогаш биди вреден и упорен, подготвен за учење и нови предизвици, бидејќи врмето брзо минува, а работите уште побрзо се менуваат. Најважно од сѐ, биди човек каде и да си, што и да правиш и без разлика на која позиција си. Биди среќен со она што го имаш, додека се бориш за она што го сакаш.

Полна чаша на Instagram