Ние и заедницата

ПИВАРА СКОПЈЕ МЕ ИНСПИРИРА ДА СЕ СТРЕМАМ КОН НОВИ УСПЕСИ

  1. Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци…Кога и како ја започна својата кариера во Пивара Скопје?

Во Пивара Скопје прв пат се појавив во 2002 година кога за време на моите студии добив повик од Младинската организација „Партнер“ да работам сезонски во погонот за производство на безалкохолни пијалаци на линијата за стакло. Во тоа време актуелно беше пакувањето од 1 литар, а моја задача беше буквално да трчам по лентата и да ги отворам капачињата на сите шишиња кои се движеа кон перачката. Тоа траеше цел ден. Вистинската можност се појави во 2004 год. кога се пријавив на оглас на кој се бараше унапредувач на пазарот, иако не знаев многу за што станува збор. Интересно е што на тој оглас подоцна дознав дека се пријавиле повеќе од 900 кандидати за 2 слободни позиции. По низа тестирања успеав да влезам во потесен круг од 15 луѓе кои добивме можност за иницијални обуки.

Во март 2005 година успеав да ја добијам позицијата која тогаш популарно се нарекуваше контролор (денес Комерцијалист), за реон Скопје Центар со вкупно 8 дистрибутери под себе и 850 купувачи. Иако добив реон кој важи за еден од најкомплексните, за многу брзо време успеав да се вклопам во тимот и почнав да ги остварувам и надминувам поставените цели. На мое големо изненадување, по само 9 месеци, добив унапредување на позицијата Раководител на тим за регион Скопје – Исток. Во следниот период од 4 години како Раководител на тим имав можност да работам на сите три региони (Скопје – Запад и Скопје ХОРЕКА). Во 2010 година добив унапредување на позицијата Регионален Менаџер за продажба за Југоисточна Македонија. Од 2012 па до крајот на 2014 година теренот го заменив со канцеларија, односно дојдов на позицијата Менаџер за развој на бизнисот. Цела 2015 година ја поминав во имплементација на проектот SAP Wave 2 како Лидер за бизнис процес за Комерција. По само 8 месеци од имплементацијата на овој проект добив шанса да работам на позицијата Менаџер за развој во Комерцијалниот сектор, позиција на која сум и сега.

  1. Што се опфаќа позицијата на која се наоѓаш во моментов и со какви предизвици и одговорности се соочуваш?

Позицијата Менаџер за развој во Комерцијалниот сектор се чини неверојатно сложена за да се објасни, но во суштина е многу прецизно дефинирана. Стратегиска цел е градење на долгорочни планови за развивање на способностите и компетенциите на вработените во Комерцијалниот сектор. Одговорни сме за анализирање и дефинирање на потребите за тренинзи за вработените, дефинирање и испорака на тренинзи за сите нивоа/позиции во рамките на Комерцијалниот сектор. Соработка со сите нивоа и функции за имплементација на сите бизнис план иницијативи со поддршка од Coca – Cola HBC & HEINEKEN. Истовремено го градиме начинот на размислување за ориентираност кон купувачите во сите сектори од компанијата. Најголемиот фокус за нас е теренската поддршка која ја овозможуваме преку редовните тренинзи. Предизвиците кои ги имаме пред се доаѓаат од високиот обрт на вработени во Комерција, а како оддел кој веројатно има најмногу меѓусекторски конекции сме принудени на постојани усогласувања.

  1. Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели и колку те мотивира секојдневно да се стремиш кон нови успеси?

По речиси 15 години поминати во оваа компанија, со сигурност можам да кажам дека Пивара Скопје во многу нешта ја изгради мојата професионална определба. За остварувањето на моите цели сакам да напоменам дека се движат во некоја посакувана насока и искрено се надевам дека најдоброто допрва доаѓа. Во оваа компанија сите вработени кои имаат свои цели или соништа имаат инспирација за нови и континуирани успеси.

  1. Кое е твоето најголемо достигнување во твојата досегашна кариера?

Од оваа перспектива како најголемо достигнување можам да го издвојам водењето на проектот за имплементација на SAP Wave 2 како одговорен за Комерција. Она што беше неверојатно е што еден мал тим на луѓе кои работевме со прилично комплексни задачи, успеавме да имаме имплементација на проектот без ниту еден евидентиран проблем. Се разбира имавме и голема поддршка од сите останати колеги во Комерција кои беа подготвени за учење и за промените кои се случија со имплементацијата на новиот систем.

  1. Постојано одржувате тренинзи за продажниот тим. Која е целта на ваквите обуки?

Постојаното одржување на тренинзи во суштина значи континуирано надоградување на знаењата и компетенциите, а тоа не значи дека имаме тренинзи премногу често. Во просек во изминативе 2 години ние имаме околу 8 нови тренинзи годишно и дополнително според барањата до 3 повторувања на веќе испорачани тренинзи околу 5 програми за нововработени. Целта на сите обуки е една и единствена, а тоа е да ги обучиме нашите вработени за сите предизвици со кои ќе се соочат, пред се за испорака на сите иницијативи и планови за периодот кој следи, како и за остварување на своите лични цели. Ова е само мал дел од нашата обврска. Наш најголем фокус всушност претставува обезбедување на потврда за тоа дали теоретскиот дел кој сме го пренеле е разбран и се имплементира на пазар односно кај нашите купувачи. Тоа го постигнуваме преку теренската поддршка. Сакам да изразам особено голема благодарност до нашите тренери, односно до мојот тим за неверојатната енергија и посветеност со која располагаат.

После секој одржан тренинг, задолжително е пополнувањето на анонимен формулар за фидбек од страна на учесниците. Тоа ни помага да го разбереме пулсот на учесниците, да се обидеме секој следен тренинг да отстраниме дел од забелешките и да ја подобриме атмосферата. Резултатите кои ги добиваме се повеќе од фантастични, но она што секогаш го потенцирам дека компетенциите на учесниците нема многу да се зголемат доколку  целиот теоретски дел остане само во училницата или на слајдовите, апсолутно е потребна поддршка и практикување на терен од сите во тој ланец на одговорности.

6.Што е клучно за да се одржи добриот однос со купувачите?

Ова не е прашање на кое треба било кој од нас премногу да размислува, затоа што секојдневно сите ние сме во некаква улога на купувачи. Според мене клучни се повеќе фактори од кои би ги издвоил: високо ниво на култура, коректен однос, почит, искреност, доследност до она што сме го ветиле, постојана заложба за заеднички успех и носење на дополнителна вредност за нивниот бизнис. Веројатно сум еден од најголемите промотори на тоа дека купувачите треба да се во центарот на се што правиме. Ние како компанија можеме да развиеме неверојатни планови, програми, да ги имаме најквалитетните брендови и активности, но доколку сето тоа не успееме адекватно да го продадеме и активираме кај нашите купувачи, тогаш веројатно успехот би бил далеку помал. Коректниот и партнерскиот однос со купувачите за мене е еден од најважните делови од сложувалката наречена успех на нашата компанија. Партнерски однос кој треба да гарантирана континуиран заеднички раст.

  1. Кон кои професионални цели ќе се стремиш, за во иднина да бидеш уште поуспешен во твојата област?

Како и секој успешен човек така и јас имам свои цели кон кои се стремам. Искрено иако променив многу позиции, она што во моментов го работам ми дава секојдневна енергија и елан. Веројатно како човек сум така дефиниран да уживам да пренесувам знења и да влијаам во кариерниот напредок на луѓето. Тоа што Пивара Скопје е дел од две неверојатни корпорации како Coca – Cola HBC и HEINEKEN, ми дава за право да се надевам дека можам да делувам и на повисоко ниво во делот на комерцијалните вештини во една од овие две компании.

8. Со оглед на твоето долгогодишното професионално искуство во Пивара Скопје, какви совети им делиш на помладите колеги и оние кои допрва го учат бизнисот? Кои вредности треба да ги применуваат за да бидат успешни?

На колегите, особено на помладите се обидувам секогаш да им дадам корисни совети или подобро кажано безрезервна поддршка. Она што често го слушаат од мене е поврзано со искреноста која за мене е една од клучните вредности. Често разговараме за разбирање и промоција на промените кои секојдневно ни се случуваат, за коректниот меѓучовечки и меѓусекторски однос, а понекогаш разговараме и за приватни работи кои се од суштинско значење и за одлична професионална работа.

9. Колку работата ти дозволува да одвоиш квалитетно време поминато со колегите надвор од Пивара Скопје?

Динамиката на животот во ова време е пред се виновна што многу ретко одвојуваме моменти за заедничко дружење со колегите. Тоа најчесто се некои настани кои компанијата ги организира надвор од Пивара Скопје , но и кога приватно ќе излеземе, тоа е прекрасно поминато време со колегите и моменти кои никогаш не се забораваат.

 

  1. На кој начин го поминуваш своето слободно време? Што е она што те релаксира по напорниот работен ден?

Слободното време најчесто го поминувам со фамилијата и пријателите со кои неретко знаеме да гледаме некој натпревар со неколку чаши ладно Скопско. Сепак, најголем дел од времето им го посветувам на моите две деца со сите нивни потреби, но и моменти за разонода.

Во текот на неделата, попладневните часови се главно резервирани за нив, разнесувања до тренинзи, часови по музика и родендени, а за време на викендот тука се разновидните прошетки во и околу градот, но често и надвор од него. Ова често знае да биде исцрпувачко, но без дилема е време кое исто така е драгоцено и ми претставува еден вид на полнење на батериите и дополнителна енергија за периодите кои претстојат.

 

Полна чаша на Instagram