





ВО ПИВАРА СКОПЈЕ СЕ ИСПРЕПЛЕТЕНИ ЕНТУЗИЈАЗМОТ, ЖЕЛБАТА ЗА УЧЕЊЕ И ДОКАЖУВАЊЕ НА ПОМЛАДИТЕ И ИСКУСТВОТО НА ПОВОЗРАСНИТЕ КОЛЕГИ






„Понудата за работа во Пивара Скопје, веднаш ја прифатив со воодушевување. Кога се присетувам на тие моменти, раскажувам на шега дека промената се случи буквално преку ноќ, бидејќи директно по завршувањето на 3-тата смена на работа во McDonalds, утрото отидов во Пивара на интервју, ми ги претставија производствените процеси и продолжив со работа, еве до ден денес“, вели Јосиф Мановски, Менаџер за Планирање на производство на пиво. Преку добра комуникација, соработка, разбирање, почит и поддршка, секогаш се стреми да има добра работна атмосфера во неговиот тим. Смета дека грижата за луѓето е многу важна во успешното менаџирање и секогаш вработените се на прво место. Тие ги креираат вредностите на Пивара Скопје. Јосиф вели дека дружбата со колегите станала традиција, а за него точено Скопско и добар рокенрол е секогаш одлична комбинација. Се труди да ги заврши своите работни обврски навремено, за по напорниот ден да се релаксира со своето семејство, а понекогаш знае и да „побегне“ на планина за време на викендот.
- Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци… Кога и како ја започна својата кариера во Пивара Скопје?
Тоа се случи пред речиси 19 години, односно на 10.12.1999 год. Во Пивара Скопје дојдов од McDonalds, каде што претходно работев веќе две години, односно од самите негови почетоци. Со мојата желба за успех и напредување, впрочем како и секој млад човек, за кратко време, поминувајќи ги сите стадиуми и тренинзи, станав раководител на смена (shift manager), а потоа учествував и во отворањето на новиот ресторан во Аеродром, каде што создадовме успешен тим. Во тој период бев избран за најдобар работник и раководител на смена во новиот ресторан, една од клучните причини зошто токму јас бев избран и добив можност да се приклучам на тимот на Пивара Скопје. Понудата за работа во Пивара Скопје, веднаш ја прифатив со воодушевување. Кога се присетувам на тие моменти, раскажувам на шега дека промената се случи буквално преку ноќ, бидејќи директно по завршувањето на 3-тата смена на работа во McDonalds, утрото отидов во Пивара на интервју, ми ги претставија производствените процеси и продолжив со работа, еве до ден денес.
- Кој беше твојот сон на почетокот на кариерата и визијата за професионален развој? Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели?
Почетокот беше сосема различен од претходното работно искуство, бидејќи во Пивара Скопје кариерата ја започнав како оператор во производство, односно во Точилница за пиво. Личната надградба ја започнав на различни операторски позиции во Точилница за пиво, а после одреден период станав раководител на смена. Кратко потоа, заедно со новата позиција, го преземав и работењето со сите административни работи и извештаи. Кон крајот на 2010 година почна ново поглавје во мојата кариера кога добив можност да се приклучам на новоформираниот тим на Планирање на производство на пиво. Тука имав можност подобро да ги научам останатите производствени процеси, како и да стекнам поголемо знаење за бизнисот воопшто во компанијата. Во 2014 година при имплементација на SAP системот, во период од една година самостојно го водев секторот за Планирање на производство на пиво, при што имав можност да ги усовршам своите менаџерски вештини, а од крајот на 2016 станав и менаџер на Планирање на производство на пиво, на структуиран тим согласно SAP методологијата кој функционира во рамките на синџирот на набавки, односно Операции за Пиво.
- Што опфаќа твојата работна позиција?
Позицијата Менаџер за Планирање на производство на пиво e многу динамична и одговорна и опфаќа соработка со речиси сите сектори. Пивара Скопје како дел од двете најголеми корпорации за производство на пијалаци, Heineken и Coca Cola HBC ми овозможува да ги користам сите процеси и практики на планирање кои се на многу високо ниво. Управувајќи со сите процеси на планирање, наша цел е да обезбедиме доволни количини на готов производ и недовршено производство согласно потребите на пазарот, набавка на сите суровини и репроматеријали потребни за планираните производства, оптимизација на ефикасноста на производствените линии и магацинските простори, како и контролирање на залихите.
- Колку членови брои тимот со кој раководиш и колку е одговорна таа улога?
Јас раководам со тим од тројца вработени, меѓутоа поради динамичноста на работата и обврските кои ги извршуваме изгледа како да сме многу повеќе.
Располагаме со многу информации и контролираме многу процеси, па за нивно полесно следење имаме изработено дневни рутини. Комуникацијата е еден од главните фактори за успешно реализирање на задачите, па секогаш се обидувам таа да биде јасна и прецизна. Преку добра комуникација, соработка, разбирање, почит и поддршка секогаш се стремам да има добра работна атмосфера во мојот тим, бидејќи грижата за луѓето е многу важна во успешното менаџирање и секогаш вработените се на прво место. Тие ги креираат нашите вредности. Го поттикнувам нивниот развој и мотивацијата за високи перформанси. Од друга страна, нивната голема посветеност во работата и прикажувањето извонредни резултати ме прават многу горд.
- Колкаво е значењето на меѓусекторската комуникација во однос на твојата работна позиција, особено со секторот планирање на продажба?
Како што напоменав претходно, во секојдневното работење комуницираме со повеќе сектори, меѓутоа најголемата комуникација е со секторот за планирање на продажбата. За да се испланира одредено производство, потребен е претходен план, кој се базира врз планот за предвидување на продажбата.
- Што сè опфаќаат плановите за производство кои ги изработувате?
На почетокот на секоја недела, согласно планот за продажба, изработуваме план за производство на готов производ по недели за следните три месеци. Тој план ги опфаќа сите производи кои ги произведуваме, како и производите кои ги увезуваме. Во моментот во портфолиото на Пивара Скопје, од делот на пивото имаме околу 70 производи со кои работиме во процесот на планирање. По планирањето на производството на готовиот производ следува планот за производство на полуготов производ. Овој дел има голема комплексност, бидејќи пивото за да биде подготвено за точење, мора повеќе од еден месец претходно да се испланира за да се произведе. Работиме со 4 брендови на пиво и 8 нивни екстензии и секоја од нив има различна рецептура. Од плановите за производство произлегуваат и плановите за испорака на суровини и репроматеријали. Во моментот располагаме со над 200 различни суровини и репроматеријали, потребни во процесот на производство на пиво кои се со највисок квалитет, а за нивно снабдување секојдневно комуницираме со над 40 различни етаблирани добавувачи од целиот свет. Сето ова е со цел на пазарот секогаш да обезбедиме свеж производ со највисок квалитет.
- Кои активности ги преземате при планирање нови производи?
Планирањето на нови производи е една од активностите која ми претставува особено задоволство во мојата работа, особено затоа што Пивара Скопје е лидер во областа на иновации и за градење на пивската култура во нашата земја. Планирање како сектор е дел од проект тимот за лансирање на нови производи уште од самиот почеток на проектот, па потоа и низ сите процеси односно преку меѓусекторска соработка, комуникација со добавувачите, и планирање на производството, овозможуваме производот навремено да се испорача на пазарот за да ги задоволиме потребите на нашите купувачи.
- Колку работната атмосфера во Пивара Скопје те мотивира секојдневно да се стремиш кон нови успеси?
Пивара Скопје нуди одлични услови за работа, а атмосферата во самата компанија е дополнителен стимул за остварување одлични успеси во работата.
Низ секојдневната работа се испреплетуваат ентузијазмот и желбата за учење како и докажување на помладите со искуството на повозрасните колеги и сето тоа придонесува за една навистина одлична работна атмосфера.
- Имате ли навика со колегите да отидете на пиво после работа? Ако да, каде најчесто се собирате?
Привилегиран сум што соработувам со извонредни колеги. Желбата за дружење после работа стана традиција па така, секој петок по завршувањето на работното време, се собираме во кафулето Лонг Плеј. Добра дружба со добри колеги, точено Скопско и добар рокенрол се секогаш добра комбинација.
- На кој начин го поминуваш своето слободно време кога не си со колегите? Што е она што те релаксира по напорниот работен ден?
Најголема релаксација по напорниот ден наоѓам кај своето семејство. Се трудам сите работни обврски да ги завршам на време за да можам да им посветам повеќе време. Тие ми се најголема поддршка во кариерата. Секој слободен момент го користам да бидам со нив, а потоа и за дружба со пријателите. Често планинарам и активно возам велосипед, па често се случува и да „побегнам“ на некоја планина некој ден од викендот.