






КУЛТУРАТА ВО ПИВАРА СКОПЈЕ НЕ ДОЗВОЛУВА ДА СЕ ЗАГЛАВИШ ВО СВОЈАТА КОМФОРНА ЗОНА И ТЕ ПОТТИКНУВА ДА НАПРЕДУВАШ







Пивара Скопје ги учи вработените на тоа кои се компаниските вредности, да бидат автентични и да ја чувствуваат компанијата како дел од себе, – вели Сашко Митревски, менаџер за одржување, енергетика и резервни делови во делот за безалкохолни пијалаци. Тој смета дека вработените не треба лесно да се откажуваат од предизвиците што ги нуди оваа компанија, затоа што нуди навистина многу. За него добар менаџер е оној што знае што управува и како се прави тоа. А за да се постигне тоа, мора да се знаат сите процеси, што значи дека мора да се почне од темелот за да се изгради цврста подлога. Кога тоа ќе го постигнеме, може да кажеме дека сме прераснале во вистински менаџер – Пиварец, вели Сашко. Порано во слободното време играл фудбал, а сега го поминува со својата двегодишна ќерка.
- Кога и како започна твојата приказна во Пивара Скопје? Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци и на кои работни позиции си бил досега?
Во Пивара Скопје сум од 2003 година. Започнав како сменоводител во производство во Coca- Cola, а потоа ме префрлија во делот за производство на пиво и таму останав до оваа година. Во новиот погон во Варилница полуавтоматското работење се заменуваше со автоматско и беа потребни надзори. Така ме примија мене со уште двајца колеги, со кои две години одевме секој ден прва, втора и трета смена, бидејќи процесот е сложен и мора постојано да има некој во Варилница. Оваа Варилница важи за ремек – дело на науката и затоа секој од нас, како млад инженер беше горд дека е дел од толку значајна промена во Пивара Скопје. Кога дојдовме во Пивара Скопје беа организирани обуки за дегустација на пиво, а целта беше секој да може да ги препознае состојките на пивото и да биде вистински бренд амбасадор. Тоа беше добар концепт за интегрирање и запознавање на компанијата. Поради потребите од инженерски кадар, во 2008 година преминав во Точилница. Во 2013 станав Mенаџер во Точилница на пиво и ја раководев Точилница со околу една година пауза, поради имлементација на SAP прoeктот, кој за мене беше една сосема нова култура и ни донесе ново искуство и знаење. Дотогашните дневни рутини ги заменивме со новиот дигитализиран корпорациски систем. Повторно се вратив во 2015 кога се рестартираше TPM програмата на Heineken, која што ја користат сите пиварници. Пивара Скопје е компанија која сака нејзините вработени да напредуваат во знаењета преку секојдневните предизвици со кои секој има шанса да се надоградува и затоа од летово, преминав на позицијата Менаџер за одржување, енергетика и резервни делови во делот за безалкохолни пијалаци.
- Од производство на пиво последнава година премина во делот за производство на безалкохолни пијалаци. Колку време ти беше потребно да се прилагодиш и која беше твојата мотивација за да преминеш на сосема нова позиција?
Новата позиција за мене претставува голем предизвик, но со оглед на фактот дека во Пивара Скопје сум веќе 15 години и добро ја познавам културата на оваа компанија, не ми е проблем да се прилагодам. Основна задача ни е да ги обезбедиме и одржиме машините и линиите во постојана кондиција, сè со цел да се произведе производ со највисок квалитет и да нема ризици од снемување на залиха. Оваа функција што сега ја извршувам е значајна затоа што согледав и друг аспект на работењето, односно финансискиот дел со кој треба да раководам, а во досегашната работа немав надлежност во планирањето и распределувањето на буџетот. Културата во оваа компанија не дозволува да се заглавиш во својата комфорна зона и те поттикнува да напредуваш.
- Кои се најголемите предизвици со кои се соочува твојот сектор и колкумина вработени има ?
Најголемите предизвици се секојдневните обврски кои треба да ги решиме, за да го одржиме нивото кое го заслужува Пивара Скопје, како и постојаната контрола на трошоци и контрола на средствата со кои располага секторот. Впрочем, мојот тим се состои од тројца инженери и 10 оператори – одржувачи со кои сум во секојдневна комуникација.
- Кој беше твојот сон на почетокот на кариерата и дали се приближуваш кон негово остварување?
Пивара Скопје која отсекогаш важела за стабилна и респектабилна компанија, е една од опциите за младите по завршување на факултетот, доколку сакаш да инвестираш во себе. Да бидам искрен и јас не се издвојував. Мојот сон е остварен со самиот факт што подолг период работам во Пивара Скопје и среќен сум што ја развивам кариерата тука и што постојано поминувам нови нивоа. Сонот не се врзува со определена функција, туку во константното развивање на себеси, но за сè е потребно време. Не можеме да чекаме соништата да се исполнат сами од себе, туку мора посветено да се работи на тоа.
- Со оглед на твоето големо професионално искуство во Пивара Скопје, какви совети им делиш на помладите колеги?
Во принцип, обрнуваме внимание на формулата 70 – 20 – 10, односно 70% работа, 20% тренинг и 10% менторство. Се трудиме да ги фокусираме вработените на тоа кои се компаниските вредности, да бидат автентични и да ја чувствуваат компанијата како дел од себе. Секако дека освен компанијата, треба да ја сакаат и работата што ја извршуваат. На помладите колеги кои се полни со енергија и најмногу ја користат својата моторна сила и интелигенција им советувам да не се откажуваат лесно од предизвиците кои ги нуди оваа компанија, затоа што нуди навистина многу. Факт е дека ќе работат, но Пивара Скопје ќе им возврати за вложениот труд. Резултатот можеби ќе дојде после извесно време, но треба да се даде максимален напор.
- Колку Пивара Скопје те мотивира за остварување на твоите професионални цели, и колку воопшто придонесува за личниот развој на вработените?
Пивара Скопје навистина многу придонесува за личниот развој на вработените. Ако оператори чија главна задача била да стиснат едно копче, сега извршуваат друга повисока функција. Програмите кои ги нуди Пивара Скопје во однос на техничкиот дел навистина ги мотивира вработените и го подигнува нивото на знаење. Конкретно мојата работа, менаџерската претставува управувањето, но не е важно само да управуваш, туку да знаеш што управуваш и како го правиш тоа. За да се биде добар менаџер мора да се знаат процесите, што значи мора да се почне од темелот за да се изгради цврста подлога. Кога тоа ќе го постигнеме, може да кажеме дека сме прераснале во вистински Пиварец. Во Пивара Скопје важи едно мото според кое сите се водиме – нема нешто што не можеш да го направиш, нема нерешлив проблем. Важно е да напредуваш, постојано да менуваш работни позиции, да се надградуваш во твојата област. 50 – 70% од менаџерите во Германија почнале сосема од долу.
- Дали сметаш дека атмосферата во Пивара Скопје доведува до создавање на подобри работни услови?
Секогаш има место за подобрување, но во принцип атмосферата е во духот на навремено и точно завршување на работните обврски. Преку кампањите кои ги имаме, секој вработен има можност да го даде своето мислење, да го каже својот проблем и да се најде негово решение. Целта е секој нареден работен ден да биде подобар од претходниот.
- Можеш ли да издвоиш едно достигнување кое го сметаш за највисоко во твојата кариера?
Успесите не се само лични, туку и на секој вработен во рамките на компанијата. Најмногу сум горд на оние работи кои ги постигнале вработените во времето кога јас сум бил раководител, а секако секој член на тимот има заслуга за тоа. Во 2016 година, кога бевме во делот за Точилница имавме вработен на годината, потоа во 2012 година имаме освоено награда во Heineken за најдобра идеја, оваа година, добивме награда за автономно одржување во делот на Точилница за пиво во конкуренција на 22 пиварници. Третата награда ја добивме заедно со колегата Александар Бојаџиски во Марсеј во делот на планирано одржување согласно TPM методологијата.
- Колку работата ти дозволува да одвоиш квалитетно време поминато со колегите надвор од Пивара Скопје?
Од себе самиот, зависи како ќе менаџираш со своето време. Можеш да седиш и 24 часа на работа и пак да не ја завршиш, но ако знаеш како да го направиш тоа во тие 8 работни часа, тогаш ќе имаш време апсолутно за сè. Во принцип, имаме време да се видиме со колегите, да седнеме на пиво и сл. Пивара Скопје дополнително поттикнува различни видови на меѓусебно дружење. Се играат повеќе спортови како фудбал, кошарка и се разбира, трето полувреме се оди на кригла пиво 🙂
- На кој начин го поминуваш своето слободно време? Имаш ли некое хоби, нешто што те исполнува?
Секако дека се наоѓа слободно време, како за себе, така и за фамилијата. Порано се занимавав со фудбал, често играв на турнирите кои ги организираше Пивара Скопје на корпорациско ниво. Во последниот период во прв план е мојата двегодишна ќерка. После работа, накај 16 – 17 часот најчесто одиме на прошетки.