Запознајте ги нашите луѓе

ПИВАРА СКОПЈЕ Е КОМПАНИЈА КОЈА ГИ ПОСЕДУВА ДВЕТЕ ОСНОВНИ РАБОТИ ПОТРЕБНИ ЗА РАЗВОЈ И УНАПРЕДУВАЊЕ ЗА МЕНЕ И ЗА МОЈАТА ПРОФЕСИЈА

Запознајте ги нашите луѓе

По вокација IT инженер, по професија Супервизор за IT операции во Пивара Скопје. Нашиот денешен соговорник, Александар Нешкевски уште од мал знаел кој ќе биде неговиот животен позив. Навраќајки се на раното детство,  со сѐ уште свежи сеќавања за првите десктоп комјутери, Александар раскажува дека токму тие моменти биле пресудни за изборот на неговата идна професија. Вели, неговиот нескротлив ентузијазам, желбата за напредување и непоправливиот оптимизам го донеле во  Пивара Скопје, компанија која  ги поседува двете основни работи потребни за развој и унапредување за него како личност и за неговата професија: постојана достапност до сите најнови технолошки уреди, трендови и IT сервиси и најдобрите колеги и лидери кои што ја водат истата.

 

  1. Каков е твојот пат во развојот на кариерата? Кога и како се приклучи на тимот на Пивара Скопје?

Како и многумина од мојата професија, така и јас, со работа започнав уште во текот на моето студирање. Додека бев студент во четврта година на Институтот за Информатика при Природно-математичкиот факултет во Скопје ми беше понудена работа како демонстратор и систем администратор во една од компјутерските лаборатории. По завршувањето на факултетот, штотуку дипломиран ми беше потребен поголем предизвик, па промената на работното место во 2006 година дојде некако добредојдена. Започнав со работа во Македонска Пошта АД, на почетокот како помлад систем инженер. Во текот на моето две годишно работење таму, напредував до позиција на мрежен и систем администратор одговорен за компјутерската опрема и мрежните поврзување на сите деловни единици на поштите низ Македонија. Благодарение на мојот нескротлив ентузијазам, желбата за напредување и непоправливиот оптимизам во јули 2008 година започнав со работа во Пивара Скопје АД.

 

  1. Кој беше твојот сон на почетокот на кариерата и визијата за професионален развој? Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели?

Желбата и сонот за технологијата, особено информатичката технологија кај мене беше присутна уште од дете. Во основно школо кога ни ги донесоа првите, тогашни, десктоп компјутери на часот по Информатика во 7 одделение, се сеќавам, нѐ седнаа по четворица пред еден компјутер (двајца во прв ред и двајца во втор) уште тогаш знаев што ќе студирам и што ќе биде мојата професионална определба во иднина. Пивара Скопје беше моето следно, многу понапредно и попрофесионално скалило во кариерата. Оваа компанија всушност ги поседува двете основни работи потребни за развој и унапредување за мене како личност и за мојата професија: постојана достапност до сите најнови технолошки уреди, трендови и IT сервиси и најдобрите колеги и лидери кои што ја водат истата.

 

  1. Твојата позиција во Пивара Скопје е супервизор за ИТ операции? Што конкретно подразбира таа позиција и кои се твоите работни обврски?

Позицијата што ја имам моментално во Пивара Скопје е многу интересна, но од друга страна носи со себе огромен предизвик, одговорност и комплексност. Јас сум одговорен за целокупната IT опрема на сите наши крајни корисници, како за тие што работат внатре во фабриката, така и за тие што работат надвор од неа, на пазарот. Одговорноста уште повеќе ја усложнува фактот што Пивара е фабрика во која што слободно можам да кажам дека се работата никогаш не мирува, па со тоа и целокупната IT опрема, компјутерски системи и целата IT инфраструктура што се користи мора да биде достапна 24/7. Од друга страна заедно со мојот тим секојдневно сме задолжени за решавање на сите можни технички компјутерски проблеми на нашите крајни корисници. Исто така сум одговорен за годишното планирање, буџетирање и одржување на целата IT инфраструктура во Пивара Скопје, сѐ со цел за нејзино непречено функционирање. Тука е секако и IT поврзаноста со двете корпорации Coca-Cola HBC и HEINEKEN и балансирањето во користење на IT трендовите и технологиите што тие ги имплементираат. Меѓутоа со добра организација каква што има во Пивара Скопје и со добар тим на луѓе, какви што се луѓето со  кои јас работам, и невозможното станува возможно.

 

  1. Колку е важно обезбедувањето на компјутерско-техничката поддршка на сите сектори со цел навремено и ефикасно извршување на работните активности?

Компјутерско-техничките системи и уреди во денешно време се основното орудие за работа и движење на бизнисите напред. Луѓето скоро и да не можат да го замислат своето работење без компјутер, телефон или достапност до Интернет. Во таа насока, од круцијална важност е на сите тие корисници да им се обезбеди соодветна и навремена техничка поддршка со цел да им се олесни нивното секојдневно работење и на крајот на денот да заминат дома со насмевка на лицето. Визијата за мене и мојот тим е всушност да го направиме животот на луѓето во Пивара Скопје поедноставен преку користењето на технологијата.

 

  1. Пивара Скопје поседува свој тренинг центар. Дали вработените во Пивара Скопје следат обуки и за информатичко комуникациски вештини?

Со напредокот на системите за учење на глобално ниво, нормално и Пивара Скопје ги следи сите светски трендови околу обуките и информатичката писменост. Во последно време сѐ повеќе актуелно е така нареченото “само-учење”, преку однапред подготвени материјали креирани во вид на видео обуки, кратки и детални видео совети, аудио и електронски документи. На тој начин, секој наш корисник може да следи обука во било кое време кое нему му одговара или да најде соодветен материјал само за одредената тема што му е потребна. На ова поле можам да кажам дека имаме огромна помош од нашите колеги од двете групации. Имено и во Coca-Cola HBC и HEINEKEN постојат цели развојни тимови за креирање на потребните обуки и материјали за учење и потоа тие материјали се достапни на сите наши корисници во Пивара Скопје преку воведување на најновите развојни платформи за колаборација и учење на вработените.

 

  1. ИТ индустријата е исклучително динамична, какво е учеството на информатичката технологија во Пивара Скопје и дали компанијата ги следи глобалните трендови?

Со гордост можам да кажам дека нашата компанија нѐ само што ги следи глобалните трендови, туку е и еден од лидерите во користењето и воведувањето на трендовите во информатичката технологија во своето секојдневно работење. Како пример може да се истакне дека сме една од ретките компании во Македонија што го има веќе одамна и во целост имплементирано и работи во согласност со светски познатиот SAP (Systems, Applications and Products) софтвер и стандард за корпоративно работење. Од друга страна ги  користиме најновите аудио и видео технологии за колаборација и комуникација од најпознатите светски технолошки производители како Microsoft, Cisco, Lenovo, Apple, Polycom и сл.

 

  1. Колку е важна соработката со останатите сектори во компанијата?

Работата во Пивара Скопје и соработката со сите сектори во неа е како низа од алки меѓусебно поврзани една со друга кои заеднички работат во насока на задоволување на потребите на нашите потрошувачи и консументи. Ако барем една алка од целиот тим е слаба тогаш многу тешко би било испорачувањето на крајните очекувања и резултати. За среќа, ја имам таа привилегија и чест да работам во Пивара Скопје заедно со најдобрите професионалци во Македонија, секој во своите области на дејствување. Тука всушност се испреплетуваат искуството и умешноста на постарите колеги, надополнети со еланот и желбата за учење и напредок на оние помладите, кои што скоро станале членови од нашето семејство “Пиварци”. Одговорот на ова прашање би го завршил со цитат од еден од моите спортски идоли во животот, познатата кошаркарска легенда Мајкл Џордан кој вели: „Талентот ја добива играта/битката, но само тимот, тимскиот дух и интелигенцијата е она што го добива првенството/шампионатот“.

 

  1. Какво е според тебе значењето на ИТ индустријата во современите компании и современото работење?

Динамичниот начин на живот и новите технологии веќе побаруваат и овозможуваат работење од било кое место, во било кое време и од било каков уред. IT индустријата може да се каже дека е една од движечките сили во современите компании. Во денешно време не може да се замисли било каква компанија без користење и прифаќање на IT технологијата. Во таа насока компаниите имаат два избори: или што побрзо да ги прифатат новите предизвици и новите начини на работење преку воведувањето на дигитализацијата и IT технологиите во своето секојдневие, притоа сигурно грабајќи напред кон одржлива и сигурна иднина и профит, или да останат на истото место чекајќи да бидат однесени и уништени од дигиталниот вртлог што го создаваат овие претходно опишани компании.

 

  1. Кој лик го сметаш за инспиративен во твојата професија?

Секој човек треба да го пронајде својот индивидуален пат во развој на својата кариера и личност, но проучувањето на карактерот и особините на некој што веќе успеал во тоа несомнено помага. Според мене личност којашто се издвојува во областа на информатичките науки, а воедно и претприемништвото е секако Стив Џобс. Она што ме импресионира кај него е пред сѐ неговиот уникатен стил на лидерство и работа. Можеби многумина од нас никогаш нема да можат да ги доловат во целост неговите уникатни особини, но секако можеме многу да научиме од тоа што е понудено во достапната литература и материјали за него. Познат истовремено по прекумерната посветеност на работата, но и беспрекорната едноставност од друга страна, го направија единствен во својата работа. Со својата креативна визија за иднината успевал да ги мотивира сите околу себе градејќи една од најголемите светски компании, лидер во многу технолошки области.

 

  1. Кој е професионалниот предизвик кој во кариерата си го поставуваш како врв кон кој се насочуваш во иднина?

Професионален предизвик во иднина можеби би ми било зголемување на моите одговорности и работа на регионално ниво, како на пример планирање и имплементирање на потребните нови IT технологии и уреди на групациско ниво, било тоа да е во Coca-Cola HBC или во HEINEKEN. И во двете корпорации постојат тимови составени од IT инженери и IT архитекти кои што всушност ги креираат стандардите и процесите на корпоративно ниво преку истражување на пазарот, тестирање на најновата IT опрема и примена на технологии кои сеуште не се достапни за пошироката популација и кои што допрва доаѓаат. Од друга страна самата работа и бизнис во денешно време се премногу динамични и променливи, па никогаш не се знае и не може прецизно да се испланира кое ќе биде моето следно скалило. Меѓутоа, со сигурност можам да кажам дека што и да работам во иднина секако ќе биде поврзано со технологијата, а во насока на поедноставување на животот на луѓето преку употребата на таа технологија.

Полна чаша на Instagram