



ПОСВЕТЕНАТА РАБОТА НЕ Е ТЕШКА, ДОКОЛКУ СЕ НАОЃАТЕ НА ТЕРЕНОТ КОЈ ГО САКАТЕ




Фросина Пармаковска овогодинешниот добитник на наградата „Роман на годината“. Дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии на Институтот за македонска литература, денес зад себе има три романи „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“ и „Одбројување“. Многу скромна и со огромна харизма ни ги пренесува дел од своите гледишта на светот, велејќи: „ – Успехот е, првенствено, внатрешно чувство кое може, но и не мора да се проектира и низ светот кој Ве опкружува. Потврдите и признанијата од луѓето и од институциите се само последица на тоа внатрешно чувство кое, пак, е последица од нешто што самите сте создале, сработиле.“
- Како знаеш дека некоја приказна е вредна за да се раскаже?
Просто, Ве обзема. Како некој заборавен збор што мора да го извадите и ова е така некако. Ме обземаат ликовите, самата идеја за заедничка потрага по некаква судбина во таа некоја друга стварност која заедно ја откриваме, самата идеја преку таквата потрага да најдеме заедно и заедно да пренесеме некаква порака. Приказната што читателот ја гледа пред себе е само еден дел од една многу поголема приказна што го следи целиот процес на пишување и мислење.
- Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат писателите?
Лично, за предизвикот многу им должам и на читателите и на луѓето околу мене кои ме поддржуваа уште многу одамна. Сепак, најголемиот предизвик е онаа идеја која секогаш на различни начини успева да Ве пронајде. Да се раскаже приказната, и тоа да се направи што е можно подобро. Тоа е, верувам, за секој писател најважната, а и појдовна точка.
- Каква е позицијата на жената- писател во светот на книжевноста?
Можам слободно да кажам, барем за последнава деценија, дека позицијата на жената-писател е сосем рамноправна со позицијата на мажот-писател. Тоа, имено, го зборувам првенствено тргнувајќи од себе, не чувствувам ниту некаква предност ниту, пак, некаква загрозеност како женски автор. Потврда за ова, е бранот од сериозни текстови напишани од женски автори кои се еднакво интересни и за книжевната критика и за читателите.
- Што е клучно при создавање на едно сериозно, слоевито, квалитетно книжевно дело?
Работата. Саатите поминати пред компјутерот, саатите поминати во мислење и обмислување на тој друг свет што се прикажува, саатите на изолираност и оттргнување од секојдневието, но и саатите поминати низ секојдневието што го чинат, пак, искуството. И уште многу работи како читањето, истражувањето, постојаното преиспитување на веродостојноста на светот кој го прикажувате, патувањата, упорноста да не се откажувате кога ќе запнете некаде…
- Кој дел од општественото живеење најмногу те инспирира/ провоцира за да пишуваш?
Ме инспирира она што се крие зад завесите, ме инспирира симнувањето на маските и душевното соблекување, оние навидум сосем нормални и обични работи кои никогаш во својата суштина не се онакви како што се претставуваат. Секојдневието, ова, нашето, што го живееме сега колку што умее да биде банално, толку е и податливо за создавање нови светови кои може да бидат негови рефлексии, искривувања, обновувања.
- Во твојот роман „Одбројување“ меѓу многуте слоеви кои ги опфаќаш, зборуваш и за многу сериозни проблеми со кои се соочува денешиот свет: стереотипи и проблеми во семејството. Според тебе во што е решението на овие проблеми?
Не може да се зборува за едно посебно и едноставно решение. Тоа имплицира цела една спрега од помали и поголеми решенија вклучително личната одговорност и свесноста за себе во светот на кој му припаѓаме, колективната свест и одговорност, слободата на личен избор и ослободување од предрасудите, како и малку повеќе сочувство, љубов и трпение што, навистина, верувам дека може да и да ги помрдне планините и да ги смени теченијата на реките.
- Што за тебе претставува успех?
Успехот е, првенствено, внатрешно чувство кое може, но и не мора да се проектира и низ светот кој Ве опкружува. Потврдите и признанијата од луѓето и од институциите се само последица на тоа внатрешно чувство кое, пак, е последица од нешто што самите сте создале, сработиле.
- Како ти би ги охрабрила младите луѓе од било која сфера, да бидат успешни во она што го работат?
Па најнапред, да го работат она што го сакаат, понатаму, да му се посветат што е можно повеќе, „саатите нека отчукуваат“, а тоа не е тешко доколку се наоѓате на теренот кој сами сте си го избрале и на кој најубаво се чувствувате.
- Кои се твоите планови и проекти на кои би сакала да им се посветиш во иднина?
Пишувањето. Доаѓаат нови времиња, нови ликови и приказни…