
КОГА ВОЗРАСНИТЕ СЕ ОСВЕЖУВАА СО „СКОПСКО“ И „СОДА-ВОДА“, А ПОМЛАДИТЕ СО „КОЛА“, „ОРАНЖ“, „МАНГО“ И „БИТЕР-ЛЕМОН“
Наточено од:
М-р Василка Димитровска
Александар Маџовски
ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата
Во ’70-тите Пивара Скопје ја доби честа да ја продолжи традицијата на една друга голема позната македонска компанија, познатата „Бисерка“. Со спојувањето на двете претпријатија, Скопската пиварница го зголемува својот капацитет, се здобива со квалитетни стручни лица и работници, а исто така се проширува и палетата на квалитетни пијалаци. Така, покрај познатото „Скопско“, пиварницата почнала да ги произведува и познатите безалкохолни пијалаци „Кола“, „Манго“, „Оранж“, „Битер-лемон“, Тоник“, „Ананас“ и „Сода-вода“. Следејќи ги графиконите на производство и продажба кои Пивара Скопје ги водела во своите годишни билтени во периодот на ’70-тите и ’80-тите, се забележува еден интересен тренд. Во летниот период продажбата на пиво бележи очекуван раст, додека во периодот на новогодишните празници се зголемува побарувачката на соковите. Ова е показател дека овие безалкохолни пијалаци и тоа како биле популарни на македонскиот пазар, но и пошироко, особено кај помладата популација.
За оправданоста на нивната популарност зборуваат и бројните награди за квалитет кои ќе ѝ ги донесат на Пивара Скопје. Уште во 1977 година, за време на одржувањето на Скопскиот меѓународен саем „СКОМЕСА 77“ меѓу наградите за други производи, Пивара Скопје освојува и сребрен медал за својата „Сода-Вода“. Следната година успехот ќе го повтори на Меѓународниот саем на прехранбената индустрија во Загреб. Потоа во 1979 година практично сите безалкохолни пијалаци во производство на Пивара Скопје ќе освојат медали на Загребскиот пролетен саем. Оттука веќе почнуваат да се редат и меѓународни признанија од светски познати институции. Истата таа 1979 година, соковите „Оранж“ и „Кола“ освојуваат златен медал на „Monde Selection“ во Париз. Во целото наредно десетлетие Пивара Скопје освојува бројни награди за своите безалкохолни пијалаци и во другите европски центри како: Виена, Амстердам, Лондон, Брисел, Луксембург, Рим, Лисабон.
Благодарејќи на веќе докажаниот и признат квалитет на своите производи, во 1991 година Пивара Скопје ја добива специјалната лиценца да биде официјална полнилница на производите на „The Coca Cola Company“. Во годините кои следуваат во асортиманот на производи на пиварницата ќе се најдат светски познатите „Кока-Кола“, „Швепс“, „Фанта“, Бонаква“, и „Спрајт“. Во 2009 година Пивара Скопје го добива врвното признание од „ The Coca Cola Company“ со тоа што е прогласена за компанија која ја произведува најдобрата Кока-Кола во светот. Истиот успех се повторува и во 2013 година, со што Пивара Скопје се вбројува меѓу ретките компании во светот кои се носители на ова значајно признание. Да се биде член на големото семејство на компанијата „Кока-Кола“ е навистина голема чест, но секако вреди да нѐ понесе носталгијата и да се присетиме и на времињата кога во маалските продавници, летните одмаралишта или за време на свечените семејни вечери во рестораните ширум земјата можеле да се слушнат и зборовите: „А дали имате ‘Кола’ или ‘Оранж’?“
Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.
Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери
Архивски извори: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје