ЛЕГЕНДАРНАТА МАСТИКА „4М“ – „ПИВАРА СКОПЈЕ“ ЈА ПРОДОЛЖИ ТРАДИЦИЈАТА ОД „БИСЕРКА“ НА СТАРИТЕ МАЈСТОРИ ЗА ОВОЈ НАРОДЕН ЕЛИКСИР

Веруваме дека љубителите на „Скопско“ од повозрасните генерации со чувство на носталгија ќе се присетат на надалеку прочуената мастика „4М“. И со право. Оваа мастика, направена според оригинален народен рецепт за струмичка мастика и оптимизирана во современи лабораториски услови, ако се конзумира во умерени количества, претставува вистински извор на здравје. Народните лекари знаеле да ја препорачаат мастика како лек за болки во стомакот, главоболка, несоница, а според современи истражувања, таа може да помогне при уништувањето на хеликобактер. Но, од каде една пиварница од Скопје во приказната за струмичка мастика?

Историјата на Пивара Скопје АД е нешто многу повеќе од историјата на пивото на овие простори. Времепловот на компанијата е исткаен од традициите на овие краишта, историја која обединува стремежи, судбини, знаења, семејства, но и историја на различни компании. Со сигурност може да се каже дека Пивара Скопје денес не би имала такво импресивно портфолио, да не била компанијата „Бисерка“ којашто прва започнува со производство на „4М“ една од најдобрите мастики во регионот.

Почетоците на „Бисерка“ ги следиме од 1946 година, кога била основана Фабриката за спиртни питија „Тиквеш“ – Скопје, со решение на тогашната Влада на НРМ. Овој назив го носи сѐ до 1953 кога со решение на Народниот одбор на Град Скопје претпријатието се преименува во Претпријатие за производство и трговија на големо и мало со алкохолни и безалкохолни пијалоци и оцет „Бисерка“ –  Скопје. Подоцна, во 1962 е извршено спојување со трговското претпријатие „Винар“ од Скопје кое било формирано во 1948 и со ова спојување престанало да постои. Освен погони за производство на безалкохолни и алкохолни пијалаци и погон оцетара, „Бисерка“ располагала со стоваришта во Белград, Зрењанин, и Битола. Во Скопје имала свои продавници кај „Идадија“, во Драчево, во Ѓорче Петров и на други места, а производите се продавале во рамките на цела СФРЈ. Во периодот на педесеттите години од дваесеттиот век, според годишните завршни сметки, фабриката за алкохолни и безалкохолни пијалоци „Бисерка” од Скопје, се сметала за големо стопанско претпријатие. Седиштето, со сите погони, се наоѓало во населбата Ќерамидница, во близина на Скопска пивара.

Проект за погон на мастика во рамките на фабричкиот комплекс на Пивара Скопје

Директорите се менувале, но останувале експертите, мајсторите и вештите работници чиишто раце и бистар ум создале некои од најпознатите алкохолни и безалкохолни пијалоци во тоа време. Во `70-тите доаѓа до спојување на „Бисерка“ и „Пивара Скопје“, со што севкупниот работен и индустриски капацитет, како и сѐ што дотогаш произведувала „Бисерка“, влегува под закрила на „Пивара Скопје“.

„Пивара Скопје“ работела интензивно на својот погон за мастика, како и на подготовка на уште еден дополнителен погон. Во архивата на компанијата сѐ уште се чуваат плановите за погонот, документацијата за дизајн и продажба, како и оригинални народни рецепти за правење мастика, пишувани на рака. За жал, плановите не се реализирале во целост и во осумдесеттите години од 20 век популарната мастика „4М“ се повлекува од пазарот, останувајќи само во спомените на голем број љубители, а некаде останало и по некое старо шише или етикета да посведочи за славната историја на овој убав напиток, за домашните веселби, за другарувањата.

Етикета од мастика „4М“ во производство на Пивара Скопје

Оригинален рецепт за правење на домашна мастика од архивата на Пивара Скопје

Доколку и Вие поседувате вакво шише или етикета, обратете се на „Пивара Скопје” и компанијата ќе знае како да ви се заблагодари. А за сѐ што произведувале здружените кадри на „Бисерка“ и „Пивара Скопје“, ќе имате можност да прочитате во периодот кој следува.

 

Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот  научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за  историјатот на Парната Пивара Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.

Фото: Архива на Пивара Скопје, приватни колекционери

 Архивски извор: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, ДАРМС – одделение Скопје (Архив на град Скопје), Архива на Пивара Скопје

Полна чаша на Instagram