



ПИВАРА СКОПЈЕ СОРАБОТУВА И ПРИТОА ОБЕЗБЕДУВА РАБОТА ЗА 1.000 ДОБАВУВАЧИ ОД ЗЕМЈАТА, ОД КОИ ГОДИШНО НАБАВУВА СТОКИ И УСЛУГИ ВО ИЗНОС ОД 33,6 МИЛИОНИ ЕВРА




Иако од аплицирање за работа во Пивара Скопје се поминати 17 години, и ден денес се сеќавам на возбудата и предизвикот, шесте интервјуа во низа, неизвесноста до конечната селекција на кандидатите. Ја имав среќата да бидам избран и од тој момент целосно ми се промени животот и ми се исполни сонот да бидам дел од една успешна приказна, вели Александар Јовановски – Менаџер за набавки во Пивара Скопје. Детството го поминал во родното Тетово, а по дипломрањето на Економскиот факултет, работата од соништата била причина тој да се пресели во Скопје. Александар е сопруг и татко на две прекрасни деца Евгенија и Огнен. Секој слободен момент го поминува со семејството, а во последно време издвојува и време за неговата втора љубов, музиката и бендот во кој членува.
- Каков е твојот пат во развојот на кариерата? Кога и како се приклучи на тимот на Пивара Скопје?
Сосема случајно. 😊 Можеби ќе звучи како веќе слушната фраза, ама за позицијата во Пивара Скопје ме пријави мојата мајка која случајно го виде огласот во еден дневен весник и веднаш ја прати мојата биографија. Иако од тогаш се поминати 17 години, и ден денес се сеќавам на возбудата и предизвикот, шесте интервјуа во низа, неизвесноста до конечната селекција на кандидатите. Ја имав среќата да бидам избран и од тој момент комплетно ми се промени животот и ми се исполни сонот да бидам дел од една успешна приказна наречена Пивара Скопје. Како и секаде и сѐ во животот поминав низ многу предизвици и возбудувања. Мојот почеток најпрво беше во комерцијалниот сектор, но после неколку месеци се отвори слободна позиција и бев прераспределен во одделението за набавки како референт, поминувајќи ги сите фази на учење и развој. Од тогаш, јас сум дел од одделот за набавки на Пивара Скопје, а денес и менаџер на истоимениот сектор.
- Кој беше твојот сон на почетокот на кариерата и визијата за професионален развој? Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели?
Самиот факт што се вработив во компанија како Пивара Скопје како дел од два глобални светски системи Coca Cola HBC и HEINEKEN е остварување на сонот кој го има секој млад човек кој штотоку дипломирал, но за да останеш и да изградиш кариера потребно е да се вложи многу труд, да се посвети многу време и постојано да се работи на сопствената едукација. Во тој контекст морам да кажам дека Пивара Скопје на полето на обука и едукација на своите вработени е континуирано посветена и тоа е една од основните вредности на компанијата и нешто што ја прави Пивара Скопје успешна и ја разликува од многу други компании. На развојот на мојата кариерата претходеше постојана лична и компаниска едукација и обуки од кои како исклучително важни во доменот на мојата работа би ги издвоил MBA студиите при универзитетот “Шефилд”, Грција и CIPS (Charted Institute of Procurement & Supply), Англија.
- Твојата позиција во Пивара Скопје е Менаџер за набавки. Што подразбира таа и какви се обврските и одговорностите на еден Менаџер за набавки?
Секој Менаџер и секој вработен во компанијата во своето секојдневно работење треба пред се да ги живее и да ги почитува вредностите на компанијата и да работи согласно пропишаните политики и процедури, дотолку повеќе што тие значително го олеснуваат процесот на работа. Самата позиција Менаџер за набавки е исполнета со многу предизвици, но и голема одговорност. Понекогаш е потребно да се поместат личните граници и можности, да се прифатат промените, неизвесноста и предизвиците, но притоа главен фокус за мене е развојот на тимот, градење односи на добра соработка и доверба, давањето сигурност во постигнување на целите, а воедно и нивното задоволство во она што го работат. Соработката и посветеноста на тимот и неговата точна и навремена координација овозможува Пивара Скопје секогаш да има одржливи канали за снабдување со стоки и услуги, висок квалитет, навремена испорака и по најоптимални цени. Тоа допринесува во креирање на дополнителна вредност за целиот бизнис.
- Колку колеги работат во твојот тим и за што се задолжени тие?
За подобро поврзување и синергија на сите набавни одделенија во рамките на системите на кои припаѓа Пивара Скопје, минатата година се имплементира т.н PLATO (Procurement’s Lean and Agile Transformation and Optimization) модел кој е фокусиран на развој на луѓето, оптимизирање на процесите и поголема ефикасност преку структурна организациска поставеност со јасни работни задачи и задолженија. Врз основа на таа организациска поставеност, тимот покрај мене е составен уште од тројца набавувачи (Bayer’s) за директни и индиректни набавки и еден администратор.
- Кои се најголемите предизвици со кои се соочува сектор за набавки во текот на работата?
Предизвиците со кои се соочуваме можам да ги поделам на предизвици кои доаѓаат од внатре од самата компанијата и предизвици со кои се соочуваме од надвор, од опкружувањето во кое работиме. Голем предизвик ни претставува комуникацијата и соработката со колегите од останатите сектори со кои заеднички се стремиме кон навремено планирање на стратешките набавки, истражување на пазарот во изнаоѓање на потенцијални добавувачи (sourcing), барање на понуди (RF’x процесот) и прецизна евалуација на добавувачите со цел на крајот да испорачаме одржливи заштеди за бизнисот. Предизвик е секојдневното зголемување на задоволството и посветеноста на вработените што се покажува како успешен модел за создавање на поефикасен тим од професионалци. Надворешен предизвик е да се најде добавувач кој ќе обезбеди постојана и сигурна испорака со висок квалитет и секако вклучувањето во групациските набавки (cross-country) за да се искористи предноста од економијата на обем.
- Со колку локални добавувачи соработува Пивара Скопје?
Во врска со ова прашање, со гордост би сакал да ги споделам податоците кои произлегоа од неодамна објавената студија за Социо-економското влијание на Пивара Скопје врз локалната економија. Имено, Пивара Скопје соработува и притоа обезбедува работа за 1.000 добавувачи, од кои годишно набавува стоки и услуги во износ од 33,6 милиони евра. Компанијата соработува со повеќе од 13.000 бизнис-ентитети во земјата, со што остварува позитивно влијание врз развојот на повеќе од 15 витални сектори од домашната економија, меѓу кои: земјоделството, трговијата на големо и мало, угостителството и туризмот и други, со што во голема мера влијае врз заживувањето на целокупната економска активност во земјата.
- Пивара Скопје поседува сопствен тренинг центар, а притоа, и двете корпорации Coca-Cola HBC и HEIENEKЕN на кои припаѓате многу вложуваат во едукација на своите кадри. Дали и кави обуки посетуваат вработените во секторот за набавки?
Како што и предходно споменав Пивара Скопје многу вложува во обука и едукација на своите вработени. Видот на обуките се дефинираат во индивидуалните планови за развој (IDP’s) за секој вработен. Тука влегуваат и тренинзите и обуките кои се препорачани од страна на Coca Cola HBC и HEINEKEN. Голем дел од обуките се реализираат на интернационално ниво во рамките на групациите, но и голем дел од нив се реализираат и во тренинг центарот на Пивара Скопје кој има традиција на постоење од цели 20 години.
- Колку е важен тајм менаџментот за вашиот сектор?
Добро менаџирање на времето значи и постигнување на поголема ефикасност во работењето, но тоа подразбира добро и навремено планирање, дефинирање на приоритети, брзината на донесување на одлуки, комуникациски вештини. На крајот се разбира искуството игра голема улога.
- Според тебе колку е важен тимскиот дух и тимската работа во вашиот сектор, и компанијата воопшто?
Самиот процес на набавки (RFx) во суштина значи интергиран пристап, тимска работа, соработка и комуникација не само во рамките на одделението, туку и со останатите сектори во Пивара Скопје. Во сите фази на процесот, од истражувањето на пазарот, дефинирање на потребните барања, критериумите за оценување, евалуацијата, до процесот на избор на добавувач, се се прави тимски заедно со останатите членови во тимот и колегите од другите сектори. Следствено на тоа тимскиот дух и тимската работа се исклучително важни во постигнување на резултатите, исто како во спортот 😊.
- Дали користите посебен систем за материјално работење и колку напредните системи се важни во работењето на еден вака комплексен сектор?
Сметам дека набавно одделение во Пивара Скопје е едно од одделенијата каде најмногу се користат напредните системи. Па така покрај SAP системот, ние користиме и посебни платформи специјализирани за набавките, како што е платформата за користење на интерни и екстерни каталози (Supplier Relation Management), e-tools (e-sourcing; e-auction), платформа за одобрување на евалуација и системско одобрување на договорите со добавувачите (Contract Management System), интегрирана платформа за годишна евалуација на добавувачите во рамките на Coca Cola HBC итн.
- Колку е важна соработката со останатите сектори (логистика, финансии, продажба, маркетинг, магацин и сл.).
Самиот факт што набавно одделение е сервис на сите останати сектори, соработката и комуникацијата со нив е многу важна. Соработката со сите сектори ни е одлична, но ние постојано се стремиме кон подобро. За таа цел постојано воведуваме практики кои допринесуваат кон подобрување на соработката и олеснувања во работењето. Така на пример секој набавувач од мојот тим присуствува на неделните состаноци на останатите сектори за кои тој е одговорен, се со цел директно и навремено споделување на информации за сите тековни и идни проекти. На крајот на годината спроведуваме прашалник до сите сектори за оценување на нивното задоволство од соработката со одделот за набавки.
- Кои способности и квалификации треба да ги поседува една личност за да биде дел од вашиот сектор?
Од предходно кажаното може да се извлечат некои работи кои треба да ги поседува вработениот во одделот за набавки. Бидејќи могу често се наоѓаат во позиција да посредуваат меѓу добавувачите, секторите, менаџментот, комуникацијата е важна, особено е важно да биде добар слушател за да го разбере тоа што им е потребно на другите. Секако, многу е важно вработените во одделот за набавки да поседуваат вештини за преговарање, не само за да се добие најдобрата цена, квалитет и испорака туку и да се одржат идни добри реалации, позитивен став и задоволство од преговорите. Секоја работа во даден момент не е толку важна во однос на некоја друга, така добра вештина на секој во набавно одделение е и препознавањето на приоритетите. Интегритетот е важен за многу професии, но за набавно тоа е од особено значење. Под интегритет подразбирам да се прави тоа што се зборува, а да се зборува тоа што се мисли. Тоа потикнува доверба кај останатите дека доколку се каже дека некоја работа ќе се заврши, навистина ќе биде завршена.
- Кој е професионалниот предизвик кој во кариерата си го означуваш како врв кон кој се стремиш?
Да се биде дел од Пивара Скопје се отвараат многу можности за професионален вертикален и хоризонтален развој во самата компанија, но и надвор од неа во рамките на двете корпорации. На среден рок мислам дека ќе останам на позицијата на која сум сега, а за понатаму, верувам дека ќе имам можности за уште поголем професионален напредок.
- Пивара Скопје е компанија кој го смета одржливиот развој како важен дел во своето работење. Како одделението за набавки допринесува кон овој сегмент?
Свеста за одржлив развој и општествена одговорност е прифатена како составен дел од вредностите и бизнис работењето на Пивара Скопје. Така во евалуациите при избор на добавувач, критериумите кои го имаат предзнакот “CSR” (користењето на зелена енергија, рециклиран материјал, еколошки горива итн.) имаат поголема тежина во вреднувањето и можат да влијаат врз одлуките. Она што не прави посебно горди е тоа што одржливиот развој и општествената одговорност и разбирањето на концептот и неговите предности се обидуваме да го пренесеме и на нашите надворешни партнери и тие да размислуваат во таа насока. Ме радува фактот што гледам разбирање и желба од нивна страна.
Иако Македонија е увозно зависна земја, како компанија се стремиме да користиме домашни производи и услуги, но исто така вложуваме и напори домашните компании да се најдат во листите на одобрени добавувачи на системите на кои припаѓаме, Coca Cola HBC и HEINEKEN со што на домашните добавувачи им се отвара можност за учество на странски пазари. Сметам дека за учество на нашите компании на странски пазари и глобални тендери, а со цел да се исполнат бараните критериумите, треба организиран пристап и заеднички настап. Тоа може да биде од огромно значење, не само за домашните компании, туку и за целата економија.
Нашето набавно одделение заедно со секторот за односи со јавноста и комуникација на Пивара Скопје е во процес на реализација на неколку идеи кои планираме да ги оствариме преку стопанските комори во кои членуваме. Веруваме дека нашата иницијатива за формирање на кластер на домашни добавувачи и пренесување на нашето знаење и добри практики кои ги имаме, пред сѐ, благодарение на системите на кои припаѓаме, може значително да придонесе во подигање на стандардите за работа, исполнување на критериумите и задоволување на потребните количини и нивна конкурентност на тендерите на големите домашни и странски компании кои работат на локалниот пазар.
- Како успеваш да ги усогласиш работата и приватнот живот? Што правиш во слободно време, што е тоашто те опушта и ти ги “полни батериите”?
Секој човек мора да знае да направи баланс помеѓу работните обврски и приватниот живот. Се трудам да го практикувам мотото “работам за да живеам”. Најмногу ме опушта и ме прави среќен времето поминато со моето семејство. Во последно време, гледам да најдам и време за моето хоби кое ми ги полни батериите, а тоа е после долга пауза повторното собирање со бендот.