










ПРВИОТ ПРЕДУСЛОВ ЗА ПОСТИГНУВАЊЕ ИСКЛУЧИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ ВО ЛОГИСТИКА СЕ ВРАБОТЕНИТЕ И НИВНАТА ПОСВЕТЕНОСТ НА РАБОТАТА











“Воден од потребата да си обезбедам финансии за летен одмор, се јавив на оглас за сезонски работници со намера да останам само 3 месеци, но еве и после 28 години јас сѐ уште сум тука”– вака Панче Ниновски, Директор за логистика во Пивара Скопје ја започнува својата успешна професионална приказна. Личната надградба и кариерниот развој оделе заедно, преу низа различни позиции во компанијата, почнувајќи од операторски позиции во Производство на пиво, Технички администратор во истиот сектор, Координатор за корпоративни извештаи. Денес како Директор за логистика вели дека првиот предуслов за постигнување исклучителни резултати се токму вработените, нивната посветеност на работата, професионалност и јасните цели поставени пред нив. Со големо задоволство истакнува дека Пивара Скопје има една од најефикасните и најсофистицираните мрежи на дистрибуција во државата и пошироко, а начинот на дистрибуција и продажба на Пивара Скопје и системите Coca-Cola HBC & HEINEKEN со задоволство ги споделува со своите партнери како примери на добри практики. Слободното време, денес вели е најтешко да се најде, но кога го има тој целосно го посветува на семејството и пријателите.
1. Каков е твојот пат во развојот на кариерата? Кога и како се приклучи на тимот на Пивара Скопје?
Тоа беше пред 28 години, на 25-ти април 1990 година. Интересно е што идејата да започнам со работа во Пивара Скопје беше сосема случајна, водена од потребата да си обезбедам финансиски средства за летен одмор. Се јавив на оглас за сезонски работници со намера да останам само 3 месеци, но еве и после 28 години јас сѐ уште сум тука 😊. Пивара Скопје едноставно веднаш те придобива со својата организираност, грижата за своите вработени, големите можности за лична надградба и развој, а со тоа и напредување во кариерата. Затоа кај сите вработени во Пивара Скопје може лесно да се воочи нивната гордост и задоволство што се дел од компанијата, а во исто време и дел од двете можеби најголеми корпорации во светот од областа на производство и продажба на алкохолни и безалкохолни пијалаци, Coca-Cola HBC и HEINEKEN.
2. Кој беше твојот сон на почетокот на кариерата и визијата за професионален развој? Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели?
На почетокот на кариерата единствено важно беше да се надоградувам во рамките на секторот производство, како со технички знаења на самото работно место, така и со подобрување на менаџерските вештини преку најразлични обуки и работилници кои Пивара Скопје ги нуди на младите кадри. Сега од оваа временска дистанца можам да кажам дека личната надградба и кариерниот пат некако одеа заедно преку многуте различни позиции во рамките на секторот. Започнав да ја развивам кариерата на различни операторски позиции во Производство на пиво, а после одреден временски период ми беше понудена позицијата Технички администратор во рамките на Производство на пиво. За кратко време стигна и новата промоција на работното место Координатор за корпоративни извештаи. Првата менџерска позиција ја добив кон крајот на 2008 година со што добив можност да раководам со Одделението за планирање на прозводство на пиво. Веројатно клучниот момент во мојата кариера беше назначувањето за Бизнис Процес Лидер во проектот за имплементација на САП системот во 2014 година како одговорен за процесите во рамките на секторот на синџир за набавки. Исклучително комплексен и тежок проект, но во исто време и огромна можност за учење. Сите од тој проект излеговме со едно огромно искуство, стекнато знаење за процесите во сите функции што го сочинуваат работењето на една компанија, а јас лично ставам посебен акцент на тимската работа, како клучна за постигнување резултати. Набрзо, по завршување на проектот, ми беше понудено да станам дел од лидерскиот тим на Пивара Скопје на позицијата – Менаџер за Логистика и овој нов предизвик го прифатив веднаш, без многу размислување.
3. Логистички менаџмент е компонента за управување со синџирот на набавки која се користи со цел задоволување на потребите на клиентите преку планирање, контрола и имплементација на ефикасното движење и складирање на сродни информации, добра и услуги од потекло до дестинација. Вака некако по дефиниција би звучела оваа гранка. Твојата позиција во Пивара Скопје е Meнаџер за логистика. Што конкретно подразбира таа позиција и кои се твоите работни обврски?
За Логистички менаџмент има многу дефиниции, но во принцип сите тие добро ја отсликуваат главната поента на процесот. Конкретно секторот Логистика покрива повеќе гранки и процеси во рамките на синџирот на набавки, како што се: дистрибуција на готов производ, транспорт и царина, возен парк на лесни возила, магацинско работење и менаџирање со залихи на готов производ, суровини и репроматеријали, маркетинг материјали, резервни делови, фрижидери, апарати за точење на пиво итн. Примарна одговорност на мојата позиција е развивање логистички решенија кои ќе обезбедат поголема флексибилност и побрз одговор на барањата на пазарот со подобри услуги и сето тоа со оптимални трошоци. Понатаму, обезбедување складирање на суровините и производите и секако гаранција за задоволување на стандардите за квалитет. Одговорен сум за креирање на целокупниот буџет за логистичките операции и контрола на неговата реализација и секако најважната работа, а тоа е грижата за своите вработени, за нивниот развој и правилно насочување во извршувањето на работните задачи.
4. Каква е логистичката мрежа на Пивара Скопје?
Тука можам со особено задоволство да кажам дека имаме една од најефикасните и најсофистицираните мрежи на дистрибуција во државата и пошироко. Почнувајќи од автоматско планирање на транспортот со користење на најсовремени ИТ алатки и системи кои се на располагање на нашиот диспечерски тим, па сѐ до развиена секундарна дистрибуција за градот Скопје како и соодветна примарна дистрибуција во комбинација со нашите логистички партнери за обезбедување на непречено снабдување на нашите купувачи со наши производи и во најоддалечените места во државата. Неодамна беше одржана конференција за логистика “Логистика-новиот пат на успехот“, организирана од страна на нашиот голем корисник Тинекс. На конференцијата на која присуствуваа амбасадори, претставници од банкарскиот сектор и деловни партнери на компанијата од земјата и регионот, меѓу останатите говорници, бевме јас и нашиот Комерцијален директор, Родерик Росенбаум каде со задоволство го презентиравме логистичкиот модел на Пивара Скопје, начин на дистрибуција и продажба како примери на добри практики на нашата компанија и системите Coca-Cola HBC & HEINEKEN на кои припаѓаме. Повод за организирање на конференцијата беше започнувањето со работа на новиот логистичко- дистрибутивен центар на Тинекс, а нашето присуството беше во насока на поддршка на нашите партнери, нешто што секогаш, ние како компанија, го правиме.
5. Колку ви помагаат искуствата и соработката со двете корпорации Coca-Cola HBC & HEINEKEN на кои им припаѓа Пивара Скопје?
Огромна привилегија на секој вработен во Пивара Скопје е што го има најдоброто од водечките светски индустрии за алкохолни и безалкохолни пијалоци и достапноста на нивните искуства и знаења, а кои можат да се применат во нашето работење. Од друга страна тоа е и одговорност да ги задржиме, но и континуирано да ги подобруваме високите стандарди кои се поставени од страна на Coca-Cola HBC & HEINEKEN.
6. Како успевате да ги испорачате производите со добар квалитет, со добри цени и во најкраток можен рок?
Првиот предуслов за постигнување исклучителни резултати се нашите вработени, нивната посветеност на работата, професионалност и јасните цели поставени пред нив.
7. Колку е важна соработката со останатите сектори во компанијата?
Соработката со останатите сектори во компанијата е клучна во остварувањето на успехот. Ова е уште поизразено за нашиот сектор кој е поврзан со сите сектори во синџирот за набавки и со комецијалниот сектор каде заедно настапуваме на пазарот.
8. Дали постои родова еднаквост во вашата професија или е ова повеќе “машка” професија? 😊
Предходно владееше такво мислење дека во нашата професија може да биде успешна само машката популација, но тоа се застерени мислења, а тоа најдобро можеме да го потврдиме ние со тоа што во тимот за Логистика на Пивара Скопје имаме вклучено жени кои се одлични експерти во својата област со развиени вештини на полето на логистиката и завидни резултати во нивната работа.
9. Кој е професионалниот предизвик кој во кариерата си го означуваш како врв кон кој се стремиш?
Најголем професионален предизвик секогаш ми е личното достигнување на секоја работна позиција и “вадење” на најдоброто од себе и луѓето околу мене со цел секоја година да имаме подобри резултати од претходната.
10. Според тебе колку е важен тимскиот дух и тимската работа во вашиот сектор, и компанијата воопшто?
Најважна! Без задоволни вработени кои тимски и посветено се справуваат со сите предизвици не може да се очекуваат добри резултати. Во нашиот сектор, а и воопшто во целата компанија посветуваме многу време и грижа да го негуваме тимскиот дух, кој е неразделив дел од нашето работење.
11. Како успеваш да ги усогласиш работата и приватнот живот? Имаш ли време за слободни активности, хоби…?
Тоа е веројатно најтешкиот дел од работењето на секој професионалец без разлика од која професија доаѓа. Се обидувам секогаш да се организирам и да ги завршам сите професионални обврски навреме и да остане доволно време кое можам да го посветам на себе и своето семејство, но и за пивце со пријателите 😊.