




ТРИ ДЕЦЕНИИ ПОМИНАТИ ВО ПИВАРА СКОПЈЕ СЕ ДОКАЗ ЗА МОЕТО ЗАДОВОЛСТВО ВО КОМПАНИЈАТА – ВАСКА ВЕЛИЧКОВСКА – ОПЕРАТОР ВО ТОЧИЛНИЦА ЗА ПИВО





“Ниту во работата, ниту во животот обврските не ги делам на машки и женски. Во Точилница за пиво работам со колеги мажи и две колешки и сите подеднакво професионално си ја извршуваме работата” – вели Васка Величковска, Оператор во точилница за пиво во Пивара Скопје. За свое најголемо достигнување го смета стажот од цели 30 години поминати во Пивара Скопје, за што годинава ѝ беше доделено јубилејно признание и секако фактот што била дел од првите сертифицирани дегустатори за пиво. Сопруга, мајка и баба на 5 прекрасни внучиња. Васка која во средношколските денови играла кошарка, ракомет, па дури и фудбал со свите другари, денес, заради годините, практикува само пешачење заедно со својот сопруг, а најмногу ужива во моментите со семејството и внуците кои и носат неизмерна радост.
- Какви спомени те врзуваат за твоите почетоци во работата, кога и на која позиција се вработи во Пивара Скопје?
Во Пивара Скопје се вработив во ноември, далечната 1987 година. Можеби малкумина од денешните генерации знаат дека во тоа време во Пивара Скопје работеше погон за производство на алкохолен, вински и јаболков оцет, така наречен “Оцетара”. За тој погон ме врзуваат многу спомени, таму ги поминав првите години од работењето во компанијата. По неколку години, Пивара Скопје го затвори погонот за оцет, но ние вработените продолживме да работиме. Набрзо потоа дел од нас беа распределени во производство на безалкохолни пијалаци, а дел во точилница за пиво.
- Дали си задоволна од својата работа и компанијата во која си веќе три децении? Колку Пивара Скопје ти овозможи надградба во областа во која работиш?
Трите децении поминати во оваа компанија се доказ за моето задоволство. Јас работам во точилница на пиво каде што во суштина работите се автоматизирани и целокупната професионална надградба се заснова на обука на нас како оператори за работа на некоја од машините. Но, без тоа не се може. Низ годините, процесите многу напреднале, а Пивара Скопје е компанија која постојано вложува во нова и современа опрема, но и во едукација на луѓето кои работат со таа опрема. Еве на пример, минатата година добивме нов и најсовремен полнач за пиво за што беа потребни обуки. Тоа ни овозможува точно, прецизно и навремено да ги завршуваме работите.
- Што подразбира твојата работна позиција во Пивара Скопје?
Мојата стручна спрема е хемиски техничар, а мојата работна позиција во Пивара Скопје е Оператор во точилница за пиво што подразбира работа на машина: етикетирка на линија стакло, распакувач на линија стакло, пакувач на линија лименка, депалетизација на лименка како и контрола на квалитет на готов производ во погонски услови.
- Кога ќе се спомене работа во погон, тоа веднаш асоцира на машка работа, машка професија. Како ти гледаш на тоа, дали за тебе постои поделба на машки и женски професии?
Ниту на работа, ниту во приватниот живот обврските не ги делам на машки и женски. Во Точилница работам со колеги и две колешки и сите подеднакво професионално си ја извршуваме работата. Ниту, дома со мојот сопруг не ја делиме работата на тој начин. Ако јас не можам да завршам нешто од домашните обврски, тоа го прави тој и обратно. Мислам дека, особено денес, во современото општество правењето поделби на машки и женски професии е комплетно неоправдано.
- Кои вредности и вештини ги применуваш како човек и како професионалец за да бидеш успешна во тоа што го работиш?
Благодарна сум на моите родители кои ми подарија трпеливост и смиреност. На тој принцип функционирам и на работа и дома. Сметам дека ако имаш овие два кавалитета, работата ќе тече како што треба, во спротивно ќе те обземе нервоза и паника, што може да доведе до неуспех. Што се однесува до вештините, тие се стекнуваат со секојдневна работа во текот на целиот живот.
- Кое е твоето најголемо достигнување во работата?
За мое најголемо достигнување го сметам стажот поминат во Пивара Скопје. Оваа година направив 30 години во компанијата за што ми беше доделено јубилејно признание. Тоа е голем успех за мене, а јас никогаш не сум се чувствувала поубаво и посреќно. А ако треба да издвојам некој проект како свој личен успех би го издвоила тоа што бев дел од првата група на сертифицирани дегустатори на пиво.
- Колку е важна поддршката на семејството за успехот на работа на една жена?
Поддршката на семејството е најважна. Морам да кажам дека мојата најголема поддршка во животот е мојот сопруг. На почетокот кога се вработив условите за работа наметнуваа и физичка работа, работа за викенди и празници, а децата ми беа мали. Тоа се големи откажувања за една сопруга и мајка. За среќа, мојот сопруг секогаш беше покрај мене и нашите деца и неизмерно ми помагаше, а така е и денес, за што бескрајно сум му благодарна.
- Како го минуваш слободното време?
Денес е многу поинаку од порано. Викендите и празниците ми се слободни, па така можам многу повеќе да се посветам на семејството. Имам две ќерки и баба сум на пет внучиња: Никола, Петар, Марко, Сара, Илина кои ми носат неизмерна радост.
- Имаш ли хоби, нешто што те исполнува?
Немам некое хоби, но го сакам спортот. Во средношколските денови играв кошарка, ракомет, фудбал со моите другари рамо до рамо. Ни спортот никогаш не го делев на машки и женски😊. Сега сум веќе во години и заедно со мојот сопруг само рекреативно пешачиме.