Пивара Скопје низ годините

ПРОДАДЕНИ РЕКОРДНИ 11.000 ШИШИЊА „СКОПСКО“ ВО САМО ЕДЕН ДЕН ,,KАЈ ЖАБАРОТ”

Има една мала гостилница на кејот на Вардар, веднаш зад зградата на Владата, кај денешниот Парк на Франкофонијата. Таа не само што му пркоси на забот на времето, туку секоја нова генерација надоврзува на старата и долга традиција, претворајќи се во препознатливо место на градот и своевидна градска легенда – сосема исто како и Пивара Скопје.

Тоа е кафеаната „Кај Жабарот“, место каде што можете да уживате во најразлични традиционални специјалитети кои совршено одат со ладно „Скопско“. А долга и славна е историјата на ова култно место. Ако некојпат Скопјани имале желба да слушнат староградска македонска песна, тоа со сигурност можат да го доживеат „Кај Жабарот“. Во оваа скопска кафеана многу долго на својот прим (еден вид мала тамбура) музицирал познатиот и славен Тефик Абдула – Тефо. Тој ја напишал уште пославната „Нели ти стига мојата младост“ за која, рака на срце, денешните генерации би тврделе дека е традиционална македонска песна, затоа што за само неколку децении толку многу се одомаќинила кај народот. На самите почетоци првиот оркестар на оваа кафеана го сочинувале Тефо на прим, неговиот професор Ангеле на гитара и газдата на кафеаната, Жабарот – на дајре. Толку многу ја сакале музиката, што кога ќе почнела да им пречи на соседите, тие се симнувале под камената ограда на кејот на Вардар и продолжувале да музицираат и да уживаат.

Kој е човекот зад препознатливиот прекар „Жабарот“? Тоа е Илија Саздов, скопска легенда, боем, искрен човек со широко срце, муабетџија, крводарител, хуманитарец, страстен риболовец  кој бил почитуван од гостите, пријателите и сите љубители на вкусна храна и чаша наточена со пиво. Како мал многу сакал да плива во реката Вардар и неговата мајка често знаела да му подвикне: „Излегувај од водата, жабо една!“ Подоцна станал препознатлив и по жабјите батаци и така бил создаден еден препознатлив градски бренд. Но, не бил препознатлив само по жабјите батаци, туку и по вкусните кременадли и плескавици за кои се раскажува дека биле вистинска конкуренција на скарата на„Дестан“.

„Кај Жабарот“ и Пивара Скопје ги врзува и една многу интересна случка за која пишувале и весниците во тогашна Југославија. Благодарение на својата снаодливост и умешност да го препознае вистинскиот миг, тој искористил еден вид легално даночно олеснување кое му овозможило пивото да го продава поевтино и од продавница. На оваа случка се присетува и стариот скопјанец Миле Стојановски, страствен љубител на фудбалскиот клуб „Вардар“, но и на „Скопско“. По еден натпревар на „Вардар“, откако со пријателите едвај успеале да си ги најдат своите велосипеди меѓу купот други велосипеди оставени пред Градскиот стадион(бидејќи тогаш на стадион се доаѓало со велосипед)веднаш се упатиле кај Жабарот да прослават со „Скопско“ за победата на нивниот тим. А таму имале што да видат – со денови се славело на сите маси! А се славел рекордот што го направил Жабарот, како и тоа што голем број пивски гласници во поранешна Југославија осамнале со наслов: „Сите трговци и угостители го тужат Жабарот“, а во поднаслов: „Не можат да дојдат од него до пиво“. Колку и да ни се чини невозможно и фантастично, во тоа време се случил еден мошне невообичаен куриозитет. Во само еден ден во кафеаната „Кај Жабарот се продале преку 11.000 шишиња „Скопско“, рекорд кој уште долго нема да биде соборен! До крајот на животот пред да почине во 2018 година, Жабарот нескромно велел „Јас бев џокерот на Скопска Пивара да биде она коешто е денеска“.

Тефо го нема одамна, а од неодамна го нема ни Жабарот. Го нема ниту она старо Скопје кое живее во спомените на скопјани. Но малата гостилница покрај кејот на Вардар која го има задржано автентичниот изглед, секој ден ги прима своите редовни гости благодарение на Вера, сопругата на Жабарот и нивните двајца синови кои го продолжуваат семејниот бизнис. Таму сѐ уште живее традицијата, вкусната македонска храна, убавата музика и проследено со ѕвонливите наздравувања со ладно „Скопско“ се пее и се раскажува. Се раскажуваат урбаните легенди. Се раскажува за сето она што го чини Скопје.

 

Текстот е адаптиран и преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ХАЕМУС насловен како „Студија за историјатот на Парната Пивара АД Скопје“, нарачан и поддржан од Пивара Скопје.

Подготвено од: М-р Василка Димитровска, Александар Маџовски

Фото: Архива на Пивара Скопје.

Архивски изворНУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје

Полна чаша на Instagram