


ЗОРЕ СПАСОВСКА – ГОДИНАВА ПРОСЛАВУВАМ 40 ГОДИНИ РАБОТА ВО ПИВАРА СКОПЈЕ – КОМПАНИЈАТА Е МОЈОТ ВТОР ДОМ



Четири децении во Пивара Скопје, исполнети со предизвици и промена на неколку позиции е доказ дека Пивара Скопје е компанија која се грижи за своите вработени и нивниот личен и кариерен развој, вели Зоре Спасовска, специјалист во кредитна контрола во Финансискиот сектор. Вели дека Пивара Скопје е пример за компанија во која поимот родова еднаквост не се дискутира, бидејќи се подразбира. Како и повеќето жени успева да заврши истовремено повеќе обврски како на деловен, така и на приватен план, а за тоа најважна е добрата организација, соработката, како и поддршката од семејството. Слободното време најмногу го поминува со внуците Петар и Леа.
- Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци…Кога и како ја започна својата кариера во Пивара Скопје?
Мојата кариера во Пивара Скопје започна на 04.06.1979 година. Најпрво работев во производство, а после 5 години продолжив во Комерцијалниот сектор, тогашно Фактурно одделение. Во текот на годините сменив неколку работни позиции како во Комерцијалниот, така и во Финансискиот сектор и тоа ми овозможи да ги проширам моите знаења на повеќе полиња. Со гордост би сакала да споделам дека годинава прославувам четири децении работа во Пивара Скопје.
- Што се опфаќа позицијата на која се наоѓаш моментално и со какви предизвици и одговорности се соочуваш?
Во мометов сум на позицијата Специјалист во кредитна контрола во Финансискиот сектор. Работното место подразбира секојдневна комуникација како со колегите од другите сектори, така и со нашите купувачи. Постојано се трудиме да имаме задоволни купувачи, кои секогаш се на прво место.
- Колку Пивара Скопје ти помогна да напредуваш и да ги оствариш своите професионални цели и колку те мотивира секојдневно да се стремиш кон нови успеси?
Пивара Скопје е несомнено компанија која постојано се грижи за своите вработени. Среќна сум што за време на мојот работен век имав можност да го проширам и надградам своето знаење и да работам во компанија во која владее позитивна атмосфера и тимски дух. Ние Пиварците ја чувствуваме Пивара Скопје како наш втор дом.
- Кое е твоето најголемо достигнување во твојата досегашна кариера?
Фактот дека моето прво вработување е во Пивара Скопје, а и после 40 години тука ќе го завршам мојот работен век, говори сам за себе.
- Според тебе, каква е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина?
За мене Пивара Скопје е пример за компанија во која поимот родова еднаквост не се дискутира, бидејќи се подразбира. Нашите тимови се пример за рамноправност и можност за напредување независно од полот.
- Како жена која има професионална кариера, како успеваш да направиш баланс помеѓу работата и семејството?
Како и сите жени успевам да завршам истовремено повеќе обврски како на деловен, така и на приватен план. Сметам дека за тоа е најважна добрата организација, соработката, како и поддршката од семејството.
- Со оглед на твоето долгогодишното професионално искуство во Пивара Скопје, какви совети им делиш на помладите колеги и оние кои допрва го учат бизнисот? Кои вредности треба да ги применуваат за да бидат успешни?
На младите би им советувала да се соживеат со својата работа, да ја сакаат и почитуваат компанијата, да бидат позитивни, истрајни и чесни во извршувањето на своите работни задачи и постигнувањето на своите цели. Исто така, со задоволство да го дочекуваат секој нов работен ден и да ги прифаќаат можностите кои им ги нуди Пивара Скопје.
- На кој начин го поминуваш своето слободно време? Што е она што те релаксира по напорниот работен ден?
Слободното време го поминувам со своето семејство: сопругот, синовите, снаите и внуците Петар и Леа. Миговите поминати со своите најблиски за мене се бесценети. Понекогаш со сопругот ја користиме можноста да отпатуваме некаде со пријателите и да се релаксираме.