Животен стил

КОГА ЌЕ СЕ ИЗМЕШААТ МИРИСОТ И ВКУСОТ – ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО

Животен стил

Оние кои го посетиле и почувствувале знаат, на оние кои не биле, топло им го препорачувам. Се обидов моите впецатоци и импресии за малото езерско гратче да ги преточам во текст и да ве поттикнам секогаш кога имате време да го одредите за своја дестинација. Во пресрет на претстојниот продолжен викенд, мојата препорака е Дојран.

Најубаво е кога ќе го здогледаш од Беласица, од таму најгоре. Од каде и да го гледаш е мало, многу мало, а сепак многу убаво. Мирисот плени, го паметиш засекогаш бидејќи е единствен и го нема на ниту едно друго место. Спој на езерската вода  и олеандерот. Кога ќе стасаш на средина на езерото и ќе се качиш на една од колибите, или како што дојранчани ги нарекуваат, мандрите, застанат на средина на езерото, под топлите сончеви зраци, додека помалку дувка дојранскиот ветер – дубровен, тогаш ќе ја почувствуваш моќта на природата. Е тогаш, диши длабоко пријателе и вдишувај го мирисот на југот.

Фактот што колибите ги носи водата е доказ дека природата знае да биде и сурова и срдечна. Човек не знае дали да жали и да биде носталгичен по нив или да се радува што природата враќа, ни ја враќа водата, ни го враќа езерото онака како што било некогаш, многу одамна.

Дојран е град со свое минато и историја. Има душа, постои долги години за што сведочат многуте остатоци од турско време, нивните бањи, саат кулата… Денес музејот во Дојран претставува вистинска ризница за историјата на градот, што ова место некогаш било, колку било рушено и повторно градено.

Денес Дојран доживува прерод, ренесанса, се враќа во живот, се гради и доградува. На самиот влез во Нов Дојран ќе го здогледате хотелот Истатов во сопственост на фудбалската легенда која го донесе фудбалот во овој крај и придонесе за развојот на спортот. Стар и Нов Дојран се поврзани со пешачка и велосипедска патека, па во вечерите е исклучително пријатно за прошетка и возење велосипед. На почетокот пак на Стар Дојран осамена и напуштена стои Титовата Вила. Токму над нејзе се издигнува моето омилено место, црквата Свети Илија, која што е изградена во 1848 година, а малку подоцна изгорена до темел. После многу години е направена нејзина реставрација и сега е најубавото место за оддржување на летни настани и манифестации. Во центарот на Дојран, над сите брда и куќи, се издигнуваат огромни дрва – јавори. Мештаните велат дека се стари повеќе од 100 години, бидејќи се гледаат уште на старите фотографии од далечната 1914 година.

Секако неизбежен дел од една репортажа се гурманските специјалитети кои Дојран ги има во изобилие. Со оглед дека зборуваме за град на вода, во Дојран е неизбежно да пробате риба. Јас ви препорачувам  во старата градска кафеана, Фук-Так за чие настанување постои цела приказна, која вели дека кафеаната го добила своето име по звукот (фук-так) на товарниот воз кој години наназад поминувал од другата страна на езерото. Во 1824 година, дедо Мите решил да отвори меана која ја нарекол Фук-Так и која набрзо станала најпознатата во овој крај. Успеал да привлече гости од цела поранешна Југославија. Вистинско задоволсто е кога ќе разберете кој сè бил во Фук-Так;  познати глумци, музички и спортски легенди… И денес не е поинаку. Луѓето доаѓаат заради специјалитетите на оваа куќа. Би ви препорачала риба на трска и лангиди. Рибата на трска се спремала во минатото во колибите, рибарите ги ваделе рибите од мрежи и уште полуживи ги чистеле, ги мотале во листови од трски и ги ставале на жар. За да не се фрли ништо од рибата, дојранчани измислиле уште едно убаво предјадење, лангидните или плескавици од икра. Икрата се меша со јајца, брашно и ситно сечкан праз и кратко се пржи. На крајот ви препорачувам да се освежите  со ладно Скопско и да уживате во убавините на Дојран.

Полна чаша на Instagram