НАЈГОЛЕМ ПРЕДИЗВИК НА ТИМОТ ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ Е УЧЕСТВОТО ВО ПРОЦЕСОТ НА РАЗВОЈ НА НОВИ ПРОИЗВОДИ, КОИ СЕКОГАШ СЕ СТРЕМИМЕ ДА БИДАТ СОГЛАСНО БАРАЊАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ

,,Соработката со колегите, взаемното почитување и тимската работа се клучни во процесот на постигнување големи успеси’’ –  вели Дејан Ангеловски, кој во изминативе 14 години по промена на повеќе работни позиции во рамки на одделот за Контрола на квалитет во Пивара Скопје, во моментов се наоѓа на позицијата менаџер за контрола на Квалитетот. Тој вели дека е важно да се произведуваат пијалаци согласно барањата на консументите, чиј квалитет ќе се должи на тоа што тие секогаш би имале исти карактеристики. Најголемо достигнување за Дејан е Признанието за високиот Квалитет на производите на Пивара Скопје и максимално ги користи сите можности за учење и надградба на професионален план. Слободното време сака да го поминува со својата сопруга и трите прекрасни синови.

 

  1. Кога и како се приклучи на тимот на Пивара Скопје? Кажи ни нешто повеќе за своите почетоци во кариерата..

Во 2003 година, веднаш по завршување со предавањата на Факултетот за природни науки на Институтот за хемија, започнав со работа во хемиската лабораторија на Пивара Скопје како сезонски работник. Од декември 2004 година сум редовно вработен во Пивара Скопје на позицијата хемиски аналитичар. Со текот на годините напредував на различни позиции во рамките на Одделот за контрола на Kвалитет. Во 2007 година  работев како инженер во хемиската лабораторија, од 2014 како Супервизор за контрола на Квалитет – производство на пиво, a во моментов сум привремено на позицијата Менаџер за контрола на Квалитет.

 

  1. Што подразбира твојата работна позиција во Пивара Скопје?

Менаџерот за контрола на Квалитет во соработка со сите сектори од компанијата е одговорен за осигурување на квалитетен производ за потрошувачите. Тоа, впрочем, подразбира end2end контрола на квалитет – од суровините кои се користат, преку производствените процеси, па се до производ на полица.

 

  1. На кој начин одредувате што е најдобро за квалитетот на производот? Се водите ли според одредени критериуми?

Секогаш се стремиме да произведуваме пијалаци согласно барањата на консументите. Од тој аспект под квалитет подразбираме производство на производи кои секогаш ќе имаат исти карактеристики. Пивара Скопје како дел од двете големи корпорации за производство на пијалаци, Heineken и Coca Cola HBC, секогаш ги користи строгите критериуми на корпорациите, мониторинг на квалитетот на производите, а критериумите се почитуваат и при дизајн на нови производи.

 

  1. Со какви предизвици и одговорности се соочувате во лабораториското работење?

Во контрола на Квалитет секојдневно се соочуваме со различни предизвици во однос на квалитетот. Она што претставува посебен предизвик и задоволство е учеството во процесот на развој на нови производи, каде што преку контролата, како и експертизата придонесуваме до производство на навистина високо квалитетни производи.

 

  1. Што е неопходно за едно пиво да биде квалитетно и како изгледа целиот процес на контрола на пивото?

Профилот на пивото треба да одговара на желбите и потребите на потрошувачите. Различна група на потрошувачи преферира различни карактеристики на пивото (горчина, боја, алкохол, газираност, екстракт, арома…). Тимот на контрола на Квалитет преку своите активности обезбедува производите секогаш да се со константен квалитет. Процесот на контрола започнува уште при избор на суровините кои ќе се употребат за производство на пиво. Секогаш се избираат суровини со најдобар квалитет. Понатаму, во секоја фаза од процесот на производство (варење, ферментација, одлежување, филтрирање, полнење) секојдневно се извршуваат бројни хемиски и микробиолошки анализи за да се обезбеди квалитетен производ. Тука не завршува контролата на квалитет на производот. Ја продолжуваме преку мониторинг на условите во кои производот е складиран во Дистрибутивните центри низ Македонија, мониторинг на староста на производите.

 

  1. Колку Пивара Скопје ти помогна да ги оствариш своите професионални цели и ти овозможи надградба во областа во која работиш?

Секој нов ден поминат во оваа компанија претставува ново искуство и учење за мене. Пивара Скопје е дел од две големи корпорации Coca-Cola и Heineken, а јас како вработен во една таква компанија максимално ги користам сите можности за учење и надградба на професионален план.

 

  1. Кои вредности и вештини ги применуваш како човек и како професионалец за да бидеш успешен во тоа што го работиш?

Постојано унапредување на знаењата и вештините, упорност во работата, како и комуникација, се само мал дел од работите кои се составен дел на успехот…

 

  1. Кое е твоето најголемо достигнување во работата?

Најголемо достигнување за мене е Признанието за високиот Квалитет на производите на Пивара Скопје, неговото постојано подобрување и дизајнот (производството) на нови пијалаци кои ги задоволуваат потребите на потрошувачите.

 

  1. Колку соработувате со колегите од останатите тимови и колку тимската работа е потребна за ваков тип на работа како вашата?

Соработката со колегите, взаемното почитување и тимската работа се клучни во процесот на постигнување големи успеси.

 

  1. Македонската Кока – Кола два пати беше избрана за најдобра во светот, токму според индексот на квалитет на пијалаците. Во однос на што македонската Кока- Кола е поразлична од останатите во другите земји? На што се должи ваквиот успех?

Благодарение на посветеноста на сите вработени во производство на безалкохолни пијалаци, а особено на вработените во Одделот за контрола на Квалитет на безалкохолни пијалаци и строгата контрола на квалитетот на производите, успеавме двапати да го добиеме престижното признание за најдобра Кока Кола во светот. Кока-Кола го има истиот препознатлив вкус насекаде низ светот, но она што ја издвои Кока-Кола произведена во Пивара Скопје е високиот квалитет на производот и одличната контрола на квалитетот (карбонизација, вкус, пакување…).

 

  1. Како го минуваш слободното време? Имаш ли хоби, нешто што те исполнува?

Среќно сум оженет и татко на три прекрасни момчиња, така што оној мал дел од денот што ми преостанува за слободни активности се трудам да го поминам во дружба со нив.

 

Полна чаша на Instagram