Запознајте ги нашите луѓе

ПРИЗНАНИЕТО ЗА НАЈДОБАР РАБОТНИК ВО ПИВАРА СКОПЈЕ СЕ ДОЛЖИ НА ДИСЦИПЛИНАТА, ПОСВЕТЕНОСТА НА РАБОТАТА И РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ ПРЕКУ РАЗГОВОР

Запознајте ги нашите луѓе

“Во Пивара Скопје научив што е ред, работа, дисциплина и одлични меѓучовечки односи кои во голема мера ми помогнаа во секојдневниот живот. За да бидете успешни треба да ги имате сите добри особини, а резултатите ќе дојдат сами по себе “, вели Драгољуб Ѓорѓиевски, автоелектричар по струка и координатор на возниот парк во Пивара Скопје. Секојдневно инвестира во надградување на својата личност и кариера преку одржување на дисциплината, посветеност на работата и навика за решавање на проблемите преку разговор. Вели дека признанието за најдобар работник се должи токму на овие карактеристики кои ги стекнал со доаѓањето во Пивара Скопје, уште во далечната 1985. Триесет и три години поминати во компанијата се доказ за неговата посветеност и грижата на компанијата за своите вработени и смета дека уште позначајно е што признанието претставува мотив за сите идни предизвици. Работата од него бара постојано надградување со нови информации и методи, а учењето и прилагодувањето за него е предизвик и тој неуморно продолжува да се надградува себеси. 

Со совоето богато и долгогодишно искуство има топли совети за своето семејство, но и за помладите колеги во Пивара Скопје.

 

 

  1. Кога и како започна приказната со Пивара Скопје и како се развиваше Вашата кариера во текот на годините?

Во Пивара Скопје почнав со работа на 03.01.1985. По струка сум автоелектричар и работев на одржување на возилата за дистрибуција.  По 10 години, откако возилата беа приватно доделени на возачите, продолжив да работам на одржување електрични виљушкари, кои Пивара Скопје ги набави за потребите во магацините. Во 2012 година земавме возила на лизинг за потребите на комерцијалниот сектор за продажба каде што, истовремено работам на поправка на виљушкари и сервисирање на возилата. Во 2014 година заминаа во пензија останатите тројца колеги со кои долги години работев во Возниот парк и оттогаш сам ги одржувам возилата.

 

  1. Кои се конкретно вашите работни обврски?

Сега се грижам за целата флота на возила и виљушкари. Ја водам целокупната администрација, отворам налози, валидизирам фактури за лизинг и за гориво, ги набавувам сите потребни документи за возилата, организирам навремена регистрација, замена на гуми, јас сум одговорно лице кога е потребно сервисирање или поправка за било какви настанати штети. Исто така ги одржувам и менаџерските возила што подразбира редовно сервисирање.

 

  1. Пивара Скопје минатата година, дел од своите средства вложи во набавка на нови возила. Колку возила беа набавени и што значи ваквата инвестиција за компанија како Пивара?

Минатата година беа набавени 91 комерцијално и 16 менаџерски возила. Оваа инвестиција е од огромно значење за зголемувањето на продажбата на сите производи на Пивара. Со овие возила комерцијалистот навреме ќе стигне до секој потрошувач на нашите производи и секогаш ќе бидеме пред останатите конкуренти.

 

  1. Колку е важно одржувањето на возниот парк во една компанија како Пивара Скопје, за работата да се одвива без застој?

Работата на возниот парк е многу важна за да можат сите работи да функционираат беспрекорно. За таа цел со сервисот на Порше Македонија имаме одлична соработка и досега не сме имале застој во работата поради неисправно возило.

 

  1. Доказ дека сте целосно посветени кон работата е признанието за работник на годината. На што се должи и што за Вас значи?

Добиеното признание пред сѐ се должи на долгогодишната посветеност во работата, навремено извршување на сите обврски и коректниот однос со сите колеги и соработници. Признанието многу ми значи и ме мотивира во понатамошната работа, бидејќи компанијата се грижи за своите вработени. Секој треба да биде награден за постигнатите резултати.

 

  1. Кон кои професионални цели ќе се стремите за и во иднина да бидете уште поуспешни во вашата област?

Начинот на работа во Пивара пред 30 години и сега има огромна разлика. Секоја година излегува нешто ново за кое треба учење и целосно посветеност. Тоа ни овозможува подобро и поефикасно да ги завршуваме задачите. Иако сум во поодминати години сѐ додека не заминам во пензија ќе се стремам кон нови цели кои ќе ги бара компанијата од мене.

 

  1. Колку работата во компанија каква што е Пивара Скопје ве научи полесно да се справите со предизвиците со кои секојдневно се соочувате?

Во Пивара научив што е ред, работа, дисциплина и одлични меѓучовечки односи кои многу ми помогнаа во секојдневниот живот. Истото го пренесувам на моето семејство и секој челен од него треба да ги поседува сите добри особини, а резултатите ќе дојдат сами по себе.

 

  1. Колку е важна соработката со останатите сектори во компанијата?

За да може возниот парк беспрекорно да функционира мора да има одлична соработка со останатите сектори: Набавно, Комерција и Финансово, каде што до сега е на многу високо ниво. Можеби не сум во право, ама во пракса се потврди дека не е доволна само комуникацијата по e-mail која помладите колеги најчесто ја користат, затоа што тогаш вината лесно се префрла од еден на друг. Јас се стремам дека за секој настанат проблем треба да да седнеме, да разговаме и да најдеме решение.

 

  1. Каква е вашата соработка со помладите колеги? Што Вие може да научите од нив, а што тие од Вашето долгогодишно искуство?

Соработката со младите колеги е одлична особено со колегите од секторот Логистика од кои научив многу, пред сѐ за работата на компјутери, странски јазик и работа во SAP системот. Мојот совет е  да имаат повеќе трпение во работата, бидејќи во пракса работите никогаш не се исти како што се замислени. Секогаш треба со почит и разбирање да се однесуваат како со колегите така и со лицата од надворешните фирми со кои имаме соработка.

 

Полна чаша на Instagram