Пивара Скопје - Историја

Основите врз кои денес ја градиме нашата визија, мисија и стратегија се во нашите почетоци и нашето наследство.

Пивара Скопје отсекогаш била компанија која значително придонесува во развојот на нашето општество. Со изразено чувство на почит и одговорност, го негуваме нашето наследство предадено од генерациите пред нас заради создавање уште подобра иднина.

more

1922–41

По Првата светска војна, особено во првите повоени години, на Балканот настанува период на пробив на странски капитал и најчеста форма на инвестирање било формирање на акционерски друштва со доминантна странска сопственост.

2 септември 1922 година — Се одржал состанок на акционерското друштво „Парна Пивара АД“, кое ја формираше првата пиварница на овие простори.

Парната пиварница во Скопје настанала, најмногу поради тоа што јужно од Јагодина воопшто немало пиварници. Истовремено се отворила и Пиварница во Ниш, која била помала и со помал капацитет од онаа во Скопје.

На земјиште од 32.347 м2, покрај железничката линија Скопје – Ниш, два километра источно од Скопје и почнала изградбата на фабриката. Истата година е основано индустриското претпријатие Парна пиварница во Скопје. Основачи биле двајца Чеси, инженерот Виктор Цајс и банкарот Карел Хусник. Тие инвестирале сума од три милиони тогашни динари, која веќе наредната година била удвоена, а во 1924 година изнесувала девет милиони динари.

1924 – Пиварницата била пуштена во употреба, каде што се точи првата чаша пиво по стар чешки рецепт, со посебен вкус добиен од локалната бунарска вода на Скопје, пиво кое подоцна генерација по генерација ќе го препознае едноставно како – СКОПСКО.

Во периодот пред војната, годишниот производствен капацитет на пиварницата бил: 35.000 хектолитри пиво, 720 тони слад за пиво, 1.500 тони мраз.

1925 – „Парна Пивара АД“ добила дозвола за снабдување на целиот јужен регион на тогашната држава, по што компанијата наскоро ќе ги отвори своите магацини и ледени куќи во Куманово, Прилеп, Битола, Струмица и Косовска Митровица.

Неколку интересни податоци од почетоците

Административните и производствените капацитети на Пиварницата до 1941 година биле сместени на 5.919 м2. Тие опфаќале главна фабричка зграда, одделение за слад, мелничко одделение, одделeние за варилници и варење на пивото, одделение за ладење на пивото, одделение за ферментација и одделение за одлежување на готовото пиво, одделение за миење, полнење и за пастеризирање на пивото, заедно со четирите одделенија: за киснење на бурињата, за миење на бурињата, за смолење на бурињата и за полнење на бурињата со пиво и за производство на мраз, како и одделенијата за машинско и техничко одржување.

Номиналното работно време пред војната било 8-часовен работен ден. Поради тоа што пивото најинтензивно се трошело во летниот период, од 1 април до 30 септември, се работело секој ден. Во есенскиот и во зимскиот период се работело само три дена неделно. Во последните три години пред војната, трошењето и производството на пиво пропорционално се зголемувале и тогаш секојдневно се работело во текот на целата година.

1941–45

1942 – И покрај воените услови во Втората светска војна, Парна Пивара АД успеала да ги заштити сите свои вработени и членовите на нивните семејства.

Војната не му донела никаква загуба на претпријатието. Напротив во тој период производството растело и претпријатието остварувало поголеми добивки. Тоа се должело на присуството на војската и нејзиното консумирање на пивото. Пиварницата го користела максималниот капацитет за производство на пиво. Во 1942 година производството и продажбата на пивото ги достигнале рекордните 33.931.30 хектолитри.

Поради големата потрошувачка на пиво се зголемил и административниот персонал и бројот на квалификуваните работници во Пивара Скопје.

1945-77

27 јануари 1945 – Со одлука на Државната управа за народни имоти во Скопје, индустриското друштво за производство на пиво, слад и мраз, кое дотогаш било акционерско друштво, било прогласено за државно друштво, во согласност со повоениот поредок на социјалистичката држава.

По ослободувањето, настапила нова ера во работата на Пивара Скопје, која се соодветствувала на политичките годинаи економските преобразби во целина. Тогаш почнал периодот во кој се планирало проширување и модернизирање на претпријатието. Во првата повоена година се произведувале 20.428 хектолитри пиво што било за 12% помалку од највисокото производство пред војната.

06 мај 1947 – Со одлука на Претседателството на Народна Република Македонија ќе се регистрира фирмата Парна Пивара – Скопје, и ова име ќе остане во наредните три децении.

1947 – На предлог на Претседателството на НР Македонија, Парна Пивара – Скопје ќе се вброи меѓу друштвата од најголемо значење за државата.

1951 — Направена е првата реконструкција на Пивара Скопје со примена на техничко- технолошки иновации. Тоа овозможило зголемување на капацитетите за производство на 50.000 хектолитри. Во 1958, 1963, 1969 и 1974 година следувале уште четири големи унапредувања на производството кои значајно го зголемиле капацитетот на Пивара Скопје.

1967 – Парна Пивара – Скопје со специјална етика за своето „Скопско пиво“ се приклучува на глобалната акција „1967: Меѓународна туристичка година“, иницирана од УНЕСКО.

1967-1969 — Излегува „Пиварски збор“, интерно списание наменето за информирање и едукација на вработените во Пивара Скопје, но и како средство за директна комуникација со потрошувачите.

1977 – Покрај неколку видови пиво и пивски слад, Пивара Скопје започнува со производство и дистрибуција на широк асортиман на безалкохолни пијалоци, меѓу кои: „Кола“, „Битер-лемон“, „Тоник“, „Оранж“, „Манго“ и „Сода вода“.

1977-00

1978 – Пивара Скопје го добива првото меѓународно признание – сребрен медал за квалитет за пивото СКОПСКО, доделено од Меѓународниот институт за квалитет Monde Selection од Брисел. Во 1981 година СКОПСКО го освојува златниот медал.

1982 – Палетата на производство на компанијата се проширува со квалитетен црвен вински оцет, јаболков оцет и бел дестилиран оцет, кои долги години ќе бидат значаен дел од трпезариските маси на македонските домаќинства, освојувајќи бројни меѓународни награди за квалитет од страна на Меѓународниот институт за квалитет Monde Selection.

1985 – Направено е големо подобрување во производствениот капацитет, зголемувајќи го производството на рекордни 1.000.000 хектолитри годишно.

1987 – Компанијата започнува со производство и продажба на секундарни пивски производи: сув пивски квасец и суво потрошено жито.

1989 – започнува иницијалната фаза од процесот на приватизација на Пивара Скопје, со пренесување на сопственоста во областа на дистрибуцијата и камионите за превоз. Во втората фаза, трансформирани се дистрибутивните центри. Во 1995 година успешно завршува овој сложен процес.

1991 — Пивара Скопје станува овластен произведувач на производите на The Coca-Cola Company во својство на овластенa полнилница. За прв пат, покрај претходната стаклена амбалажа, воведена е и нова амбалажа – пластични (ПЕТ) шишиња и лименки. Со тоа вкупните можности на Пивара Скопје во производството на безалкохолни пијалаци достигнаа 948.000 хектолитри годишно.

1993 — На пазарот излезе „Стар лисец“, нова посилна варијанта на СКОПСКО, која наскоро ќе придобие свои верни фанови.

1998 — Пивара Скопје станува дел од големото семејство Heineken, кога грчките компании Hellenic и Атинска пиварница во сопственост на холандската компанија Heineken стануваат сопственици на 51 отсто од акциите на Пивара Скопје.

2000-16

2003 — Пивара Скопје создава нов пивски бренд „Горско“, придружен со пораката „твое пиво – твој начин“. Наскоро меѓу пошироката популација ќе стане познато како едно од омилените „работнички пива“.

19 мај 2003 – ќе биде запаметен во историјата на Компанијата како датум на кој беа пуштени новите супермодерни постројки за производство на пиво, безалкохолни пијалаци и вода, во што беа инвестирани 55 милиони долари. Со ова, Пивара Скопје го зголеми производството на своите пивски брендови СКОПСКО и Горско и на безалкохолните пијалаци од палетата на Coca-Cola за дополнителни 100 милиони литри.

2007 – 2014 — Излегува новото интерно пиварско списание „Засекогаш заедно“, кое ја продолжува и надополнува традицијата на списанието „Пиварски збор“ од доцните `60-ти години.

2009 — Пивара Скопје добива признание за квалитет од The Coca-Cola Company, со кое беше прогласена за компанија која ја произведува најдобрата Coca-Cola во светот. Компанијата го доби истото признание во 2013 година, со што се потврдува квалитетната работа и посветеност, вбројувајќи се во ретките компании во светот кои се закитија со ова значајно признание.

2011 – Во употреба се пушта првата иновативна Станица за биотретман на отпадни води во Македонија, инвестиција вредна речиси 3 милиони евра сопствени средства на компанијата. Станицата придонесува за унапредување на екосистемот, но истовремено овозможува и ефективна заштеда на вода и енергија.

2017-2021

2017 – Инвестиција од 1,4 милиони евра во новата опрема за полнење отвора ново поглавје во развојот на Пивара Скопје и зголемување на производствените капацитети до милион шишиња за едно деноноќие.

2021 – Во пресрет на 100-годишнината, Пивара Скопје инвестира во нови канцеларии за вработените.

Во изминатата деценија, па сè до денес Пивара Скопје континуирано го унапредува своето работење во сите сегменти при тоа одржувајќи највисоко ниво на квалитет на своите брендови.

Во Пивара Скопје одбележуваме четврт век континуирани највисоки признанија на Monde Selection за квалитетот на СКОПСКО, највисоки признанија за најдобар индекс на квалитет за Coca-Cola, иновирање на портфолиото со збогатување на нови брендови, вкусови и пакувања.

2022

Во чест на својата 100-годишнина, Пивара Скопје, заедно со своите вработени, ја одбележа реализацијата на нови инвестиции од 10,7 милиони евра во современа опрема и најсовремена технологија, што овозможува понатамошна модернизација на компанијата и го поддржува нејзиниот долгорочен одржлив развој.

Пивара Скопје основа свој „Искусен центар“, интерактивен центар во рамките на капацитетите на компанијата, со цел да им овозможи на посетителите да патуваат низ 100-годишната историја и преку нивното активно вклучување да ја видат магијата на пивото. Центарот ја споделува со богатствата на заедницата Компанијата збирка уметнички слики од големо значење за националното наследство од историјата на уметноста. Центарот ја споделува досегот на Пивара Скопје колекција на сувенири и слави бројни партнерства од самите почетоци до денес со заедницата. Нуди уникатно искуство за различни области на грижата на компанијата за заедницата.

И понатаму остануваме посветени на одржувањето на највисоките позиции на нашите брендови на домашниот пазар.

100 години и штотуку почнуваме!

Полна чаша на Instagram